Свет
Пашинјан: Непријателствата во Нагорно-Карабах не се целосно запрени
Непријателствата во некои места во Нагорно-Карабах продолжуваат и покрај договорот за целосен прекин на огнот, рече ерменскиот премиер, Никол Пашинјан, во директното обраќање на „Фејсбук“ утринава, пренесува ТАСС.
„Борбите во Нагорно-Карабах не се целосно запрени. Се надеваме дека ќе престанат“, истакна тој.
Ерменија и Азербејџан синоќа потпишаа декларација за прекин на војната во Нагорно-Карабах во посредство на рускиот претседател, Владимир Путин. По објавата за декларацијата, во Ерменија се случуваа насилни протести, при што демонстрантите упаднаа во владината зграда, a претседателот на парламентот е претепан и се наоѓа во сериозна состојба.
Пашинјан посочи дека сите поттикнувачи на протестите во Ереван ќе бидат строго казнети.
„Некои поттикнувачи во Ереван беа во Карабах, но поради некоја причина, ги напуштија своите позиции и побегнаа од таму. Меѓу нив има и еден генерал. Јас официјално изјавувам дека сите поттикнувачи ќе бидат најстрого казнети според законот”, рече Пашинјан.
Обновените судири меѓу Азербејџан и Ерменија избувнаа на 27 септември со интензивни битки во спорниот регион Нагорно-Карабах. Областа доживеа разгорување на насилството летото 2014 година, во април 2016 година и минатиот јули.
Азербејџан и Ерменија воведоа воена состојба и почнаа со мобилизација. Двете страни во конфликтот пријавија жртви, меѓу нив и цивили. Како резултат на консултациите иницирани од Русија во Москва, Баку и Ереван се согласија да прекинат со огнот на 10 октомври за хуманитарни цели за размена на воените затвореници и мртвите. Сепак, примирјето подоцна беше прекршено.
Конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан за планинскиот регион Нагорно-Карабах, спорна територија што беше дел од Азербејџан пред распадот на Советскиот Сојуз, но мнозински населена со етнички Ерменци, избувна во февруари 1988 година кога автономниот регион Нагорно-Карабах најави повлекување од Советската Социјалистичка Република Азербејџан.
Од 1992 до 1994 година тензиите ескалираа во големи воени акции за контрола над енклавата и седумте соседни територии кога Азербејџан ја изгуби контролата над нив. Разговорите за решението за Нагорно-Карабах траат од 1992 година под водство на групата од Минск на ОБСЕ, предводена од Русија, Франција и САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Секој пилот имал име на човек што треба да го убие“ – како се одвивдала ликвидацијата на ајатолахот Хамнеи
Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ја покрене операцијата против Иран, во координација со Израел, следела по недели дипломатски притисоци и интензивна разузнавачка подготовка, објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на официјални и регионални извори.
Според израелскиот „Џерусалем пост“, месеците собирање разузнавачки податоци резултирале со детална листа на цели, вклучувајќи локации на клучни ирански команданти и високи функционери. Во подготовките учествувале израелските и американските служби, при што биле разменувани информации на повеќе нивоа.
Како што наведува медиумот, во првиот бран учествувале околу 200 авиони, а „секој пилот и екипаж добил прецизно дефинирани цели, со утврдена рута и време на извршување“. Нападите биле насочени кон командни центри и оперативни простории поврзани со иранските безбедносни структури.
Околу два часа по почетните удари, Иран возвратил со напади врз цели поврзани со САД во Заливот и со ракетирање кон Израел. Во тој момент, според наводите, ајатолахот Али Хамнеи веќе бил убиен.
Во анализата, „Џерусалем пост“ го опишува Хамнеи како идеолошки тврд лидер кој во текот на своето долгогодишно владеење ја зацврстил улогата на Иран преку поддршка на сојузници како Хезболах и Хамас, како и преку развој на безбедносната и нуклеарната инфраструктура.
Текстот заклучува дека неговото наследство ќе биде клучен фактор за идниот правец на Иран, додека останува отворено прашањето како ќе постапат неговите наследници.
Свет
Илјадници летови откажани поради ескалацијата на Блискиот Исток
Илјадници летови беа откажани викендов на Блискиот Исток и во Заливот откако повеќе држави го затворија својот воздушен простор по нападите на САД и Израел врз Иран.
Бахреин, Иран, Ирак, Израел, Јордан, Кувајт, Катар и Обединетите Арапски Емирати најавија целосно или делумно затворање на небото, што доведе до масовни откажувања и пренасочувања на летови и десетици илјади заглавени патници.
Според аналитичката компанија „Цириум“, во саботата биле откажани 966 од 4.218 планирани летови (22,9%), а во неделата уште 716. Платформата „ФлајтАвејр“ објави дека глобално биле одложени повеќе од 19.000 летови и откажани над 2.600.
Клучните аеродроми во Дубаи, Абу Даби и Доха привремено ги прекинаа операциите. Емиратес ги стопираше летовите од и кон Дубаи, додека „Катар ервејс“ чека одлука од властите за повторно отворање на воздушниот простор.
Иран изведе напади врз Израел и заливските држави во кои има американски бази. Пријавени се инциденти и на аеродроми во ОАЕ и Кувајт, со информации за повредени и загинати лица.
Бројни светски авиокомпании – меѓу нив „Виз ер“, „Туркиш ерлајнс“, „Ер Франс“, „Бритиш ервејс“, „Луфтханза“, „Финаир“ и други – ги суспендираа летовите кон повеќе дестинации во регионот.
Експертите предупредуваат дека нарушувањата може да продолжат, што ќе значи дополнителни доцнења, повисоки трошоци и можно поскапување на билетите. Патниците се повикани редовно да го проверуваат статусот на летот пред да заминат на аеродром.
Фото: flightradar24
Свет
Велика Британија тврди дека Иран истрелал две ракети кон Кипар, прв ракетен напад врз Европа
Британскиот министер за одбрана Џон Хили изјави дека две ирански ракети биле истрелани кон Кипар, во она што би претставувало прв ирански ракетен напад врз Европа.
– Прилично сме сигурни дека тие не беа насочени кон нашите бази – рече Хили во интервју за Скај Њуз.
Велика Британија има две големи суверени базни подрачја на Кипар.
Истовремено, „тоа е пример за многу реална, растечка закана“, нагласи тој.
Хили, исто така, откри дека 300 британски војници биле во близина на иранските напади во Бахреин.
– Некои од нив на само неколку стотини јарди од местото каде што паднаа ракетите – рече тој.

