Регион
Франција бара од Западен Балкан силна соработка во борбата против тероризмот

Европската Унија и нејзините држави членки прават многу за поддршка на економскиот и социјалниот развој на Западен Балкан, па оттука очекуваме земјите од Западен Балкан исто така да го докажат својот ангажман во три области, истакна францускиот претседател, Емануел Макрон, во Софија на самитот.
Прво, како што рече тој, од суштинско значење е земјите од Западен Балкан да ја зајакнат својата соработка. Второто очекување на Унијата е земјите што го сочинуваат овој регион да ги забрзаат структурните реформи со акцент на фундаменталните реформи, како што се правната држава и економското владеење. Неопходно е да се постигне напредок во овие области за да се приближи регионот кон Европската Унија, вели Макрон.
Во третото барање тој се осврна на борбата против тероризмот.
„Трето, неопходна ни e поддршката на земјите од Западен Балкан за да ни помогнат подобро да се бориме против тероризмот. Додека опасноста станува сè поголема, како во Европската Унија така и во регионот на Балканот, зајакнатата соработка и јасните пораки испратени до нашите општества ќе бидат од заеднички интерес за сите нас“, вели францускиот претседател.
Макрон го честита усвојувањето на зелената агенда за Западен Балкан по моделот на зелениот пакт на Европската Унија и посочи дека тоа е знак оти регионот го присвојува ова прашање и претставува придонес кон приоритетните напори на Европската Унија во борбата против климатските промени и за заштита на животната средина.
„Зелената програма за Западен Балкан ќе помогне во ослободувањето на економскиот потенцијал на зелената економија во регионот и истовремено ќе овозможи подобра примена на Парискиот климатски договор. Ние сме подготвени да му помогнеме на Западен Балкан во борбата против климатските промени“, додаде Макрон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Шест месеци по падот на настрешницата, собир на граѓаните во Нови Сад

Денеска во Нови Сад се навршуваат шест месеци од падот на настрешницата на влезот на железничката станица, кога 16 лица загинаа, а едно е тешко повредено и се уште е во болница.
Студентите во блокадата на Универзитетот во Нови Сад ги повикаа граѓаните да се соберат пред станицата за во 11:52 часот да им се оддаде почит на жртвите.
„Не ги забораваме жртвите од падот на настрешницата во Нови Сад. Тој настан, кој е резултат на невнимание, неодговорност и институционална негрижа, однесе животи и ги остави семејствата и заедницата во болка и со прашања на кои се уште не се одговорени“, велат новосадските студенти.
Откако ќе оддадат почит, насобраните во колона ќе тргнат по булеварот Ослободување до Мостот на слободата, кој ќе биде блокиран неколку часа.
Регион
Уапсен шпион во Грција, осомничен за поврзаност со Русите

Етнички Грк од Грузија е уапсен во Александрополи, североисточна Грција, под обвинение за шпионажа, откако властите пронашле фотографии и видеа од воени објекти и опрема на неговиот мобилен телефон, пишува грчки Екатимерини.
Според грчката полиција, осомничениот испратил чувствителни материјали на неидентификуван примач во странство користејќи шифрирана апликација за комуникација. Според грчките медиуми, постои сомневање дека мажот фотографирал, снимал и дистрибуирал материјали од воено значење најмалку шест месеци.
Апсењето е извршено за време на заедничка операција на Националната разузнавачка служба (ЕЈП) и Одделот за криминалистичка истрага и гонење во Александрополи.
При прелиминарниот распит, осомничениот, наводно, признал дека фотографирал и снимал воени локации за друго лице. Според државната телевизија ЕРТ, властите веруваат дека мисијата можеби вклучувала планови за можна саботажа на воени објекти.
Лицето кое го регрутирало осомничениот е наводно член на меѓународна криминална мрежа и поврзан со руската воена разузнавачка служба ГРУ. Човекот признал дека првично му била понудена парична отштета, но на крајот постапил доброволно „за мајка Русија“. Тој, наводно, им рекол на истражителите дека во младоста служел во руската армија во Сибир.
Националната разузнавачка служба ја продолжува истрагата за да го утврди целосниот обем на операцијата, заклучува Екатимерини.
Регион
Во Белград најдено телото на девојчето кое неговата мајка го фрли во река во Загреб

Белградскиот Интерпол ја известил хрватската полиција дека во март во реката Сава во Белград пронашла тело на дете.
Загрепската полиција штотуку соопшти дека преку меѓународна полициска соработка е извршена ДНК анализа и е утврдено дека е жртвата на убиството, извршено на 15 јануари годинава во Загреб, кај мостот Јанкомир.
Станува збор за случај од почетокот на годинава кога ХГСС и други служби трагаа по тригодишно девојче кое мајка и го внела во реката кај мостот Јанкомир.
Мајката тие денови била сослушана во Жупаниското државно обвинителство во Загреб, а поради извршување на кривичното дело тешко убиство и е изречена едномесечен притвор.