Економија
Димитриеска-Кочоска: Државата плаќа повисока струја затоа што ги испразнија акумулациите и ги пресушија езерата
Државата плаќа повисока струја затоа што ги испразнија акумулациите и ги пресушија езерата, се офајдија само трговците на струја, вели Гордана Димитриеска-Кочоска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ние сме единствената држава во светот во која власта не е способна да види што ќе се случи во следните три месеци, а да не зборуваме за повеќе. И денес нема да пишувам за здравството зашто таму е повеќе од јасно дека не се способни ниту на неделна основа да предвидат. Она што ме загрижува во моментот е состојбата со електроенергетскиот сектор. Сведоци сме дека во изминатите три години менаџерскиот тим на државната АД ЕСМ нема компас, ниту знае кај оди, па оттука водите се трошат без милост, акумулациите по неколкупати во годината се на минимум, а невладините организации никаде ги нема да се бунат за живиот свет, ама тие пред 5 години беа многу гласни кога водата во акумулациите беше и на повисоко ниво од денешното“, вели таа.
Димитриеска-Кочоска вели дека има дилема дали е навистина до незнаењето или, пак, една грешка ја завлекла државата сериозно надолу.
„Пред нецели две години државната АД ЕСМ потпиша договор со АД ‘ЕВН хоме’, и во согласност со овој договор продажба на електрична енергија за 36,6 евра за мегават-час, што е пониска цена од производната (41-43 евра за мегават-час). Производната цена е комбинација од цената на хидрата (која е многу ниска, под 20 евра за мегават-час) и цената на термото, која е над 45 евра, но термото учествува многу повеќе во однос на хидрото. Оваа влада се труди да направи во континуитет поголемо учество на хидрото, а тоа зависи од годината, последниве и не се толку дождливи и снежни) за да ги намали трошоците, па оттука сите акумулации ни се празни. Ама пустото, колку и да ја покриваш пониската продажна цена, неспособноста ќе излезе на виделина. Во август се фалеа дека имаме вишоци електрична енергија и продаваа со фалби за 43 евра. Ама, еве, во ноември, АД ЕСМ не е во состојба да испорача дури ни тоа што го има по договор за АД ‘ЕВН хоме’. Па, оттука, фирмата ќерка на АД ЕСМ, односно ‘Елем трејд’, спровела јавна набавка во која просечната цена по која ќе купи е околу 49,5 евра за мегават-час. Фирмите од кои ќе купи ги имате во прилог, а меѓу нив се ТЕ-ТО и ЕДС“, вели Димитриеска-Кочоска.
Од друга страна, додава таа, цената по која електричната енегија се продава е 36,5 евра за мегават-час или тоа се некаде 13 евра за мегават-час. Или, како што вели, само за една недела загубата кај државната компанија е 156.000 евра.
„Тоа се 5 супермодерни амбулантни возила или 300 лаптопи или што уште не што сега е многу попотребно. За крај, можам само едно да заклучам, државата од оваа зделка, покрај тоа што има загуба, изгуби многу многу повеќе. Во летниот период трошеа јаглен, кој го има во ограничени количини, за да произведат и продадат по ниски цени (летните продажни цени се пониски од зимските), а јагленот го нема, што во превод значи дека е многу скап или, јас би рекла, нема цена. Водата ја потрошија иако ја знаеја хидролошката состојба, па сега имаме празни акумулации и недостиг на струја. Згора на сè, немаме ниски температури, а ако се повтори зимата 2017 со премногу ниски температури, па да не може и јаглен да копаат, што тогаш?“, праша Димитриеска-Кочоска.
Според неа, останува само нејасно дали приватните трговци и во двата случаја одлично се офајдиле и колку поединци од власта ќариле од тоа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Америка го продолжи рокот за купување странски средства на рускиот „Лукоил“
Соединетите Американски Држави го продолжија рокот за завршување на преговорите за купување странски средства на руската нафтена компанија „Лукоил“ до 17 јануари, објави Министерството за финансии.
Според општата дозвола на Канцеларијата за контрола на странските средства (OFAC) при Министерството за финансии на САД, договорот за купопродажба може да се склучи до 17 јануари 2026 година.
Продолжувањето на рокот се однесува само на трансакции чие спроведување е експлицитно условено од добивање посебна дозвола од Канцеларијата за контрола на странските средства, се наведува во дозволата.
На крајот на октомври Министерството за финансии на САД воведе санкции врз „Лукоил“ и “Роснефт“ со образложение дека сака да го ограничи буџетскиот капацитет на Русија за финансирање на војната во Украина.
Неколку дена подоцна, „Лукоил“ објави дека има намера да ги продаде своите странски средства потврдувајќи дека прифатил понуда од швајцарскиот мултинационален трговец со суровини „Гунвор“.
На почетокот на ноември „Гунвор“ ја повлече понудата откога Вашингтон сигнализира дека нема намера да му додели лиценца за бизнис.
На средината на минатиот месец, американското Министерство за финансии, преку Канцеларијата за контрола на странските средства, го продолжи рокот за склучување на договорот за продажба на средствата на „Лукоил“ до 13 декември.
Меѓународната филијала на „Лукоил“, со седиште во Виена, поседува рафинерии во Бугарија, Романија и во Холандија, акции во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Ирак, Мексико, Гана, Египет и во Нигерија, како и мрежа на бензински пумпи во 20 земји, вклучувајќи ја Македонија. Вредноста на меѓународните средства на рускиот нафтен гигант се проценува на речиси 22 милијарди долари, објавува „Ројтерс“.
Според извори и медиумски извештаи, голем број компании изразиле интерес за купување на средствата на „Лукоил“, вклучувајќи ги американските нафтени гиганти „Шеврон“ и „Ексон мобил“ и инвестициската фирма „Карлајл“, како и Националната нафтена компанија во Абу Даби и конгломератот „Интернешнл холдинг компани“ од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).
Според неименувани извори, унгарскиот МОЛ исто така го искажал својот интерес за купувањето на американските претставници, првенствено за рафинериите и бензинските пумпи на „Лукоил“ во Европа, како и за удели во наоѓалишта во Казахстан и Азербејџан.
Економија
Божиновска: Праведната транзиција ќе успее само ако ја водиме заедно
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на Националниот настан за вмрежување на Локалните економско-социјални совети, каде што уште еднаш ја потврди силната определба на Министерството да работи отворено, во соработка и директен дијалог со сите засегнати страни.
„Транзицијата мора да донесе подобар живот за сите нас. А тоа е можно само ако сме отворени, достапни и ако работиме заедно. Министерството е партнер за секоја општина, секоја организација, секој работник и секоја компанија што носи иницијатива. Можете да ни се обратите во секој момент“, изјави министерката Божиновска.
Локалните економско-социјални совети – се платформа којашто ги обединува општините, синдикатите, бизнис-заедницата, граѓанските организации и институциите во процесот на праведната енергетска транзиција.
„Ако не работиме заедно, ако работниците, општините, локалниот бизнис и граѓанските организации не се во процесот – тогаш процесот нема да успее. Многу е едноставно“, истакна Божиновска.
Божиновска се осврна и на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција, која веќе функционира и создава можност за финансирање на локални проекти:
„Со тоа се отвора реален простор за инвестиции што ќе ја придвижат транзицијата напред. Но мора, сите вклучени чинители, посебно општините, да се поодговорни, да се понудат реални издржани проекти за да ги користиме средствата ефикасно. Нашата задача е да обезбедиме јасна политичка насока, координација меѓу институциите и поддршка за квалитетни локални проекти. Ние не сакаме транзиција само на хартија. Сакам секоја општина да има шанса да развие проект, секој работник да има пристап до нови можности, а секоја заедница да почувствува дека ова е процес што создава вредност — не страв. Затоа сме тука, затоа сме отворени“, додаде Божиновска.
Економија
Петкоска: 32 милиона 260 илјади денари повеќе во буџетот за промоција и поддршка на туризмот и културата
Буџетот е крвната слика на државата, стратешки документ во кој се насликани приоритетите на граѓаните. Сите знаеме дека закрепнувањето на економијата е најважната работа која влијае врз животниот стандард, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петкоска на денешната собраниска седница на која се дискутира за Предлог-буџетот за 2026 година.
За жал, посочи Петкоска, поминавме години кога и небото не беше граница за висината на јавниот долг, а дното на буџетската дупка немаше крај, но за среќа денес говориме за стабилизирање на јавните финансии со, буквално, воена дисциплина при трошењето на народните пари.
„Инвестициите, инфраструктурните проекти, поддршката на приватниот сектор, како и транспарентноста и отчетноста во работата кои веќе станаа препознатливи и видливи во работењето на Владата, ми даваат за право, конечно да бидеме горди на фактот што после долги години говориме за последователен економски раст. Денес имаме реални инвестиции, а не трансфери кои завршуваа за исплати на плати. Денес имаме држава што инвестира и Влада што знае што прави, затоа што за оваа Влада зборот навистина има тежина“, истакна Петкоска.
Во своето излагање, таа истакна дека ќе се задржи на делот од Буџетот за следната година, што се однесува на растот и развојот на македонскиот туризам.
„Во Буџетот за 2026 година туризмот добива 32 милиони 260 илјади денари повеќе, за промоција и поддршка на културата и туризмот. Секако, средствата за туризам сè уште не се доволни, но сепак, зголемувањето на средствата е охрабрувачки правец во интерес на целокупниот македонски туризам“, рече Петкоска.
Додаде дека туризмот никогаш не стои сам, посочувајќи дека тука се патиштата, културата, дигитализацијата и општинскиот развој, се неговата вистинска инфраструктура.
„Па така од огромна важност е да се напомни дека имаме 40,5 милијарди денари капитални инвестиции за 2026 година, средства во кои спаѓаат патна и комунална инфраструктура, железничка инфраструктура, поддршка на општините, културна заштита и т.н. Секој пат што се гради, секој локален проект што се финансира, секоја подобрена инфраструктурна точка, директно го зголемува туристичкиот потенцијал, бидејќи туризмот е резултат на инвестиции во инфраструктурата“, подвлече Петкоска.

