Македонија
(Видео) Лидерите од Западен Балкан ги потпишаа декларациите за заедничкиот регионален пазар и за зелена агенда
Лидерите на земјите од Западен Балкан, учесници на денешниот Самит во Софија во рамките на Берлинскиот процес, денеска ги потпишаа Декларацијата за заедничкиот регионален пазар за подлабоката регионална економска интеграција и за чекор кон единствениот пазар на ЕУ и Декларацијата за зелената агенда, кои се изработени и усогласени во годината кога со процесот кодомаќини се Република Северна Македонија и Република Бугарија.
Во Декларација на лидерите на земјите од Западен Балкан за заедничкиот регионален пазар обединувачката заложба е трансформацијата на регионот во склад со правилата и стандардите на ЕУ, а со цел да се зајакне конкурентноста на регионот за да се приближиме до стандардите на единствениот пазар на ЕУ. За оваа на Самитот во Софија е донесен и Акциски план со конкретни чекори кои на регионалниот пазар ќе му обезбедат да се интегрира во синџирите на европскиот и светскиот пазар.
Во поддршка на реализацијата на оваа цел клучна улога има сеопфатниот Економски и инвестициски план за Западен Балкан за проекти во производните сектори и одржливата инфраструктура, како неопходен придонес за да се дефинира заедничката иднина на регионот во ЕУ за просперитет на граѓаните и компаниите, кои се залагаат да ги уживаат истите слободи, како компаниите и граѓаните во Европската унија.
Лидерите на земјите од Западен Балкан денеска ја потпишаа и Декларацијата за зелената агенда за Западен Балкан која има за цел да оствари јаглеродно неутрален континент до 2050 година, заедно со ЕУ, преку воведување во главните текови на строги климатски политики и преку преземање реформи на енергетскиот и транспортниот сектор.
Декларацијата на која се обврзаа лидерите од регионот предвидува и деполуција на воздухот, водата и почвата во Западниот Балкан како заеднички интерес и на земјите од регионот и на ЕУ.
Оваа декларација го опфаќа и земјоделието за имплементирање на политики за минимизирање на неговото негативно влијание врз животната средина и врз климата, како и за обезбедување здрава храна по пристапни цени за граѓаните од земјите на Западниот Балкан и извозните пазари.
Со оваа декларација земјите од Западен Балкан ги прифаќаат и европските политики за долгорочна стратегија за запирање на губењето на биодиверзитетот, заштита и обновување на екосистемите и биолошки диверзитет за што се предлагаат серија активности.
Учесниците на лидерскиот Самит на земјите од Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес денеска во Софија во завршницата на настанот го усвоија документот „Заклучоци на кодомаќините“ кој се усвојува по секој Самит од овој процес во кој, меѓу другото, на Република Северна Македонија и на Република Бугарија им оддадено високо признание на спроведувањето и организацијата на сите настани во текот на оваа година во која за првпат со процесот управуваа две земји, една членка на ЕУ и една земја кандидат за членство.
Во прифатените „Заклучоци на кодомаќините“ сите лидери на Самитот, земјите од Западен Балкан и нивните партнери од ЕУ, се согласија дека идејата за заедничко домаќинство, која за првпат е применета во рамките на Берлинскиот процес, претставува јасен сигнал за зајакнатата регионална сопственост на процесот и дополнително ги зајакнува напорите насочени за политичка и социо-економска конвергенција и кохезија на земјите од регионот и на регионот во целина со ЕУ.
Потпишувањето на Декларацијата за заедничкиот регионален пазар за подлабоката регионална економска интеграција и за чекор кон единствениот пазар на ЕУ, и Декларацијата за зелената агенда, го поздравија премиерот Борисов и канцеларката Меркел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег.
Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.

