Македонија
Формирана интерпартиска парламентарна група за борба против загадувањето

На иницијатива и во организација на граѓанското здружение „О2 иницијатива“ формирана е интерпартиската парламентарна група, која како цел ќе ја има заштитата на природата и борба против загадувањето и климатските промени. Во парламентарната група се вклучија триесет и девет пратеници од новиот состав во Собранието. Тие припаѓаат на девет политички партии.
Од „О2 иницијатива“ велат дека ингеренциите на надлежните институции за заштита на животната средина се испреплетени меѓу Владата, Министерството за животна средина, Државниот и општинските инспекторати, самите општини и поединечни институции и понекогаш за обични информации или барање до институциите да спречат загадување граѓаните талкаат низ правни и ингеренциски лавиринти со години. Комплексноста на проблемот е најчестиот изговор за непреземање соодветни активности, казнување загадувачи, заштита на животната средина и подигнување на јавната свест за проблемот.
„Една од клучните работи што во моментот ни се неопходни се цврсти и јасни законски регулативи, кои ќе ги затворат досегашните процепи низ кои загадувачите со години се извлекуваат, но и точно ќе ги постават ингеренциите на надлежните институции и ќе постават квалитетни практики за граѓаните. Задоволни сме од поддршката на пратениците во овие првични чекори, но нетрпеливо ја очекуваме нивната борба за чист воздух и здрава животна средина во Собранието“, велат од иницијативата.
Нагласуваат дека оваа борба е натпартиска, граѓанска и цивилизациска и тажно е да се дозволи секоја педа од нашата држава да е потоната во разни типови загадување и воздух, и вода и почви. Уништени се или на пат да бидат запустени и езера, и планини и шуми.
„Одговорноста на пратениците е да ги претставуваат граѓаните, а граѓаните инсистираат на конкретни мерки и конечно решавање на проблемот кој влијае на животот и здравјето на секој од нас, на нашите семејства, пријатели, сограѓани“, додаваат од „О2 иницијативата“.
Интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени денеска заедно со претставниците на граѓанското здружение „О2 иницијатива“ ја имаше првата средба, на чија агенда беа измените во Законот за прекршоците, како и несправувањето со аерозагадувањето и недостигнувањето на граничните вредности за ПМ 10 во согласност со Законот за квалитет на амбиенталниот воздух и по 9 години од законскиот рок.
Членови на парламентарната група за заштита на природата, борба против загадувањето и климатските промени се
Вјолца Адеми, Димитар Апасиев, Бастри Бајрами, Фиснике Бектеши Шаќири, Арта Биљали-Зендели, Мирослав Богдановски, Марија Георгиевска, Илире Даути, Драгица Ѓавочанова, Моника Зајкова, Белкиса Зеќири, Дарко Каевски, Снежана Калеска-Ванчева, Мерита Колчи Коџаџику, Марија Костадинова, Бисера Костадиновска-Стојчевска, Мартин Костовски, Ненад Коциќ, Борислав Крмов, Жаклина Лазаревска, Олга Лозановска, Даниела Маркоска, Панчо Минов, Јован Митрески, Соња Михаиловска, Маја Морачанин, Тимчо Муцунски, Фаница Николоска, Ангелина Петкова, Славјанка Петровска, Љупчо Пренџов, Сурија Рашиди, Кастриот Реџепи, Петар Ристески, Гордана Силјановска-Давкова, Велика Стојкова-Серафимовска, Здравко Трајанов, Коле Чаракчиев, Љатифе Шиковска.
Координаторка на пратеничката група е Моника Зајкова од ЛДП. За заменик-координаторка е избрана Велика Стојкова-Серафимовска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Дали „Алказар енерџи“ има дозвола за градба

СДСМ денеска на прес-конференција обвини дека во енергетскиот сектор се случуваат нетранспарентни зделки и побара од ВМРО-ДПМНЕ да одговори дали компанијата „Алказар енерџи“ поседува одобрение за градба.
Пратеникот Јовица Јанковиќ истакна дека јавноста не знае ништо за најавените инвестиции во енергетиката, кои, според ВМРО-ДПМНЕ, тежат над 1.5 милијарда евра. СДСМ побара конкретни информации за јавниот интерес, цената на струјата и бенефитот за граѓаните.
Јанковиќ рече дека државната ЕСМ произведува сѐ помалку струја, додека приватни компании како „Казанџи“ и „Алказар“ добиваат поголем удел, со што, според СДСМ, се загрозува јавниот интерес.
СДСМ повторно побара јавно објавување на дозволата за градба за „Алказар енерџи“ и повика надлежните институции да го истражат случајот.
Македонија
Мицкоски: Имаме 16 нови авиолинии, за повеќе од 20 проценти е зголемен број на странски туристи

Апсолутно сум задоволен. Имаме 16 нови дестинации. Буџетот за субвенционирање е зголемен на 250-260 милиони денари оваа година, а истиот ќе биде и следната година. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во однос на субвенционираните летови.
Премиерот рече дека резултатите се видливи и во секторот туризам, бидејќи како што посочи за повеќе од 20 проценти е зголемен бројот на странски туристи во државата во првите 5 месеци од годината.
„Впрочем резултатите се гледаат и во секторот туризам, имаме повеќе од 20 проценти зголемен број на странски туристи во првите 5 месеци од годината. И ова се субвенции на доаѓање, практично на тие летови, не на заминување, и во таа насока ќе продолжиме и во периодот кој што следи“, нагласи Мицкоски.
Македонија
Петрушевски: Коцевски е штит на Сoцијалдемократскиот сојуз, делегитимиран и без интегритет

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција изјави дека главниот обвинител Љупчо Коцевски избрал да биде штит на Социјалдемократскиот сојуз, а тие, како што рече, го бранат по секоја цена за да не одговараат за, според него, бројните криминали изминатите седум години.
Петрушевски истакна дека Коцевски нема легитимитет и дека со поддршка под 2 отсто од граѓаните, со интерпелација и барање од пратениците, сепак не си поднесува оставка.
Тој додаде дека, според ВМРО-ДПМНЕ, столбот на криминалот на опозициската партија е во обвинителството, и таа јавно застанала во одбрана на Коцевски за да ги заштити поранешните функционери.
Пратеникот рече дека главниот обвинител е целосно делегитимиран и нема интегритет за функцијата.