Македонија
Заев се сретна со францускиот амбасадор Бомгартнер: Поддршка за евро-атлантскиот развој и политиките на соработка и разбирање
Претседателот на Владата, Зоран Заев, се сретна со Сирил Бoмгартнер, новиот амбасадор на Франција во земјата.
На состанокот е констатиран видлив напредок на Република Северна Македонија во последните неколку години во насока на воспоставувањето и почитувањето европски вредности. Притоа, изразено е очекување дека државата ќе продолжи по тој пат и во иднина. Француската Република го поддржува евро-атлантскиот развој на Република Северна Македонија во духот на политиките на соработка и разбирање што ги застапува нашата држава, како што изјави и вчера претседателот Макрон на самитот во Софија.
На средбата е разговарано и за конкретните чекори што се преземаат со цел интензивирање на билатералната соработка помеѓу нашата држава и Франција преку дејствување на Француската агенција за развој во Скопје. Оценето е дека постои зголемен интерес на француски компании за инвестирање во земјата и дека со тоа се отвора широко поле за соработка во областа на економијата, здравството, животната средина, енергетиката, земјоделството.
Премиерот Заев изрази благодарност до претседателот Макрон и до граѓаните на Франција за поддршката во евро-атлантските интеграции на нашата држава, како и преку европските фондови, кои се од големо значење за реализацијата на проектите за современа, европска инфраструктура. Исто така, премиерот Заев упати покана до францускиот претседател Макрон за посета на нашата држава.
„Ние сме силно фокусирани на воспоставувањето европски вредности во нашата држава и на развојот на економијата, што носи бенефити за граѓаните. Поддршката од искрени пријатели, како што е Француската Република, многу ни значи. Покажавме дека со политиките на дијалог имаме конструктивна улога во европскиот и економскиот развој на регионот и продолжуваме да работиме во таа насока“, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, најави учество на утрешниот париски самит за мир, со што, како што рече, Република Северна Македонија уште еднаш потврдува дека јасно стои зад стратешките определби на Европа, за политики на пријателство, соработка и меѓусебно разбирање со цел придонес и обезбедување мир во светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Фероинвест“ донираше медицински мебел произведен во „Брако“ на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија
Компанијата ФЕРОИНВЕСТ реализираше донација на медицински мебел и опрема произведени во фабриката БРАКО од Велес, наменета за Универзитетската клиника за торакална и васкуларна хирургија во Скопје.
Донацијата е реализирана по официјално барање на Клиниката, која се обрати со молба за поддршка при обнова на медицинскиот мебел и асортимантот во неколку оддели, со цел подобрување на условите за работа на медицинскиот персонал и квалитетот на здравствените услуги.
Во рамки на донацијата, ФЕРОИНВЕСТ донираше медицински ормари, отомани, паравани, скали, колички и статични држачи за инфузија, сите дизајнирани и произведени во БРАКО, фабрика која е долгогодишен партнер на здравствените установи во земјата и регионот.
Со оваа донација, одделот на д-р Игор Џиковски при Клиниката доби современо уредени простории, целосно подготвени за започнување со работа и интеграција на новата медицинска опрема.
Со новата опрема, обезбедени се модерни, функционални и безбедни услови за работа, што ќе придонесе за поефикасно лекување и подобра грижа за пациентите.
ПР
Македонија
(Видео) МВР: Десет пријави за прекршување на изборниот молк, едно лице приведено во Шуто Оризари
За време на предизборниот молк регистрирани се 10 пријави за негово нарушување од кои по три на подрачје на СВР Скопје и СВР Охрид, две на подрачје на СВР Штип и по една на подрачје на СВР Тетово и СВР Битола. По преземени мерки не се потврдени пријавите за шест настани, соопшти МВР.
„Покрај ова, регистрирани се 19 објави на социјалните мрежи за време на изборниот молк кои се однесуваат на повик за гласање за одредени кандидати, како и објавени видеа и слики од партиски активности во штабови. Во врска со гласањето, на 01.11.2025 регистриран е настан за фотографирање кочан со гласачките ливчиња во основното училиште „26 Јули” во општина Шуто Оризари, при што приведено е едно лице и се преземаат мерки за расчистување на настанот“, велат од МВР.
На сите подрачја гласањето на болни и изнемоштени лица и затвореници помина без нарушување на гласањето.
Македонија
Четири општини останаа без гласање, повторени избори во рок од 60 дена
Денеска нема да се одржи гласање во општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, поради недоволна излезеност во првиот круг од локалните избори 2025.
Во првиот круг излезеноста била: Гостивар – 33,31%, Маврово и Ростуше – 30,31%, Врапчиште – 25,18%, Центар Жупа – 21,49%, што е под законскиот минимум од една третина од запишаните гласачи.
Според Изборниот законик, изборниот процес ќе се повтори во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати од локалните избори.
Денеска се одржува вториот круг од изборите за градоначалници во 32 општини и во Град Скопје. Според податоците од Државната изборна комисија, одѕивот до 9 часот е 2,88 проценти.

