Свет
Трудо: Канада нема да попушти пред кинеската дипломатија на принуда
Канадскиот премиер Џастин Трудо го коментира апсењето на двајца канадски државјани во Кина велејќи дека нема да попуштат пред дипломатијата на принуда, пренесува „Спутник“.
„Ние не веруваме во дипломатија на принуда и… ние, всушност, длабоко веруваме дека ако почнете да потклекнувате на тој вид притисок, ќе поминете полошо на долг рок. Доволно притисок врз нас и ние ќе попуштиме, но тоа е токму спротивното од нашата позиција“, рече Трудо во интервју за време на онлајн-конференцијата на „Фајненшл тајмс“.
Односите меѓу Канада и Кина се влошија кога Отава ја уапси директорката на „Хуавеј“, Менг Ванжу, во 2018 година по барање на САД, на што Пекинг одговори со апсење двајца канадски државјани под обвинение за шпионажа во Кина.
Трудо претходно тврдеше дека обидот на Пекинг за дипломатија на принуда, со затворање двајца Канаѓани како одмазда за апсењето на диркеторката на „Хуавеј“, не успева. Тој истакна дека поранешниот дипломат Мајкл Ковриг и бизнисменот Мајкл Спавор се притворени повеќе од 700 дена под лажно обвинение дека претставуваат закана за националната безбедност на Кина.
Ковриг и Спавор се обвинети за шпионажа за што кинескиот закон предвидува смртна казна.
Изјавите на Трудо доаѓаат во време на сè поголем дипломатски раздор меѓу двете нации. Освен притворите, врската дополнително се влоши со осудата на Канада за кинескиот Закон за националната безбедност во Хонг Конг и суспендирањето на некои билатерални договори со специјалниот административен регион.
Пекинг изјави дека го задржува правото да одговори на какво било мешање од страна на Канада, а канадската страна ќе одговара за сите последици.
Кинеско-канадските односи се влошија кога Ванжу, ќерка на основачот и главен извршен директор на „Хуавеј“, Рен Женгфеи, беше уапсена во 2018 година на меѓународниот аеродром во Ванкувер на патот кон Мексико од Хонг Конг по барање на американската влада. Американските власти ја бараат Менг за нејзината наводна улога во кршењето на санкциите против Иран.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Русија: „Орешник“ беше одговор на украинскиот напад врз резиденцијата на Путин
Руското Министерство за одбрана денес објави дека целта погодена минатата недела во нападот со хиперсоничната ракета „Орешник“ била украинска фабрика за поправка на авиони, која била онеспособена.
Украина и нејзините европски симпатизери го осудија рускиот ракетен напад и рекоа дека имал за цел да го заплаши Западот во исто време кога европските земји понудија војници за потенцијални повоени безбедносни сили во Украина.
Во овој случај, Русија користеше балистичка ракета со среден дострел по втор пат за време на војната. Украински функционер изјави за „Ројтерс“ дека ракетата, која е способна да испорача нуклеарно оружје, била вооружена со лажни боеви глави и оштетила работилница во државна компанија во Лвов, во близина на полската граница.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека нападот ја онеспособил Државната фабрика за поправка на авиони во Лвов. Се наведува дека биле погодени производствени работилници и магацини.
„Оваа компанија вршела поправки и одржување на воздухопловна опрема за украинските вооружени сили, вклучувајќи авиони Ф-16 и МиГ-29 испорачани од западните земји. Компанијата, исто така, произведувала беспилотни летала со долг и среден дострел што се користат за напад на руски цивилни цели длабоко во руска територија“, соопшти министерството.
Русија денеска соопшти дека ракетниот напад бил одговор на украинскиот напад врз една од резиденциите на претседателот Владимир Путин во северна Русија кон крајот на декември. Киев негираше дека извршил таков напад.
фото/илустрација/депозитфотос
Свет
Егзодус на персоналот од германските болници во близина на Швајцарија, сè повеќе пациенти умираат
Во германските болници по должината на швајцарската граница смртноста е поголема отколку во остатокот од Германија, поради медицинскиот персонал што заминува на работа преку границата, според студија објавена денес.
„Смртноста во болниците по должината на границата е за 4,4 проценти повисока отколку во остатокот од земјата поради недостаток на медицински персонал, особено медицински сестри“, според студија на Центарот за европски економски истражувања во Манхајм и Институтот Ифо во Минхен.
Причината за недостатокот на медицински персонал е фактот дека од 2011 година, голем број вработени во болниците по должината на швајцарската граница се вработиле во швајцарските институции поради повисоки плати.
„Болниците по должината на границата регистрирале 12 проценти повеќе заминувања на персоналот отколку во другите региони“, се наведува во студијата.
Како што понатаму се наведува, поради недостаток на персонал, болниците се принудени да избираат пациенти и процедури според итноста и да ги ставаат сите медицински случаи што немаат приоритет на листа на чекање.
„Недостатокот на медицински персонал е особено почувствуван кај постарите пациенти и во итни случаи. Оваа група доживеала повисоки стапки на смртност. Додека во остатокот од Германија гледаме зголемување на просечниот животен век, во регионите по должината на границата со Швајцарија оваа вредност опаѓа“, вели Оливер Шленкер, еден од авторите на студијата.
Во последниве години, низ цела Германија има недостиг од медицински персонал, особено медицински сестри и болничари.
Според податоците од надлежните институции, во 2026 година на Германија ќе ѝ недостасуваат најмалку 200.000 болничари и медицински сестри, од кои над 50.000 во болниците.
Платите за медицинскиот персонал во Швајцарија се за 30 до 40 проценти повисоки отколку во Германија.
Свет
ЕК: Европската Унија може да го заштити Гренланд ако Данска го побара тоа
Европската Унија може да го заштити Гренланд ако Данска го побара тоа, изјави денес европскиот комесар за одбрана, Андриус Кубилиус, предупредувајќи дека американското преземање на островот би значело крај на НАТО.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, повторува дека на САД им е потребен Гренланд, автономна територија што е дел од Кралството Данска, тврдејќи дека постојното воено присуство на САД таму не е доволно.
Членките на НАТО, Данска и САД, треба да се состанат оваа недела за да разговараат за Гренланд. Копенхаген и Нук нагласуваат дека најголемиот остров во светот не е на продажба, но Трамп не ја исклучува можноста да го земе со сила.
„Се согласувам со данскиот премиер дека ова би претставувало крај на НАТО, но би имало и многу негативна резонанца меѓу луѓето“, рече Кубилиус, првиот европски комесар за одбрана, на безбедносна конференција во Шведска.
Литванецот не верува дека ќе има американска инвазија, но нагласи дека член 42.7 од Договорот за Европската унија ги обврзува членовите да ѝ помогнат на Данска или на која било друга членка што се соочува со воена агресија.
„Првенствено ќе зависи од Данска, како ќе реагира и каква ќе биде нејзината позиција, но дефинитивно постои обврска членовите да си помогнат себеси ако некоја од нив се соочи со воена агресија“, рече тој.
фото/депозитфотос

