Македонија
Обвинителството потврди дека немало лекарска грешка во случајот со пациентот Булент Ибрахим
Вишото јавно обвинителство Скопје донесе решение со кое ја одби како неоснована жалбата на семејството на Булент Ибрахим, кој почина од сепса по операција. Со тоа е потврдено донесеното решение на јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје за отфрлање на кривичната пријава против три физички и две правни лица за кривично дело тешки дела против здравјето на луѓето.
„Кривичната пријава од семејството на починатиот се однесуваше на лекарска интервенција извршена врз Ибрахим на 18.2.2019 година, што ја извршил еден од пријавените лекари во изнајмена операциона сала во сопственост на вториот пријавен, а со асистенција на третата пријавена. Според семејството, пријавените очигледно со неподобно средство и начин на лекување, како и со несоодветни хигиенски мерки, предизвикале влошување на здравствената состојба на пациентот, кој, по оперативниот зафат, добил висока температура и сепса. Првопријавениот лекар, кој ја извршил интервенцијата, наместо да го упати пациентот на лекување во специјализирана здравствена установа, доаѓал во домот на оштетениот и му давал инфузија. Кога на 21.2.2019 година констатирал дека терапијата што ја препорачал не дава никаков ефект и дека пациентот е во критична состојба, пријавениот со сопствено возило го однел оштетениот во ГОБ „8 Септември“, каде што, и покрај обидите на лекарите да го спасат неговиот живот, тој починал.
Врз основа на утврдените факти и прибраните докази во предметот, со оглед на тоа што причинско-последичната врска во конкретниот случај беше невозможно да се утврди поради неизвршена обдукција, Основното јавно обвинителство Скопје донесе решение за отфрлање на кривичната пријава против трите пријавени физички лица. Против двете правни лица, пак, кривичната пријава е отфрлена бидејќи законските одредби од цитираните членови не предвидуваат кривична одговорност за правни лица“, се наведува во соопштението.
Како што се додава, на вака донесеното решение семејството на починатиот вложи жалба до Вишото јавно обвинителство Скопје, кое изврши увид во списите во предметот и констатира дека Основното јавно обвинителство Скопје во целост ги прибавило релевантните докази потребни за утврдување на правилната фактичка состојба и на постоење евентуално инкриминирани дејства кај пријавените.
Сите наводи во жалбата дека јавниот обвинител погрешно ја утврдил фактичката состојба во предметот се неосновани, утврди Вишото јавно обвинителство Скопје.
„Заради проверка на наводите во пријавата, јавниот обвинител ги презел сите потребни дејстја, меѓу кои од Лекарската комора на Македонија побарал стручен надзор за оценка на условите и начинот на лекување и извршената интервенција врз сега починатиот, а на исти околности бил извршен и вонреден надзор од Комисијата за вршење стручен надзор, формирана од Министерството за здравство. Од содржината на залучоците во двата наода, како и од испитувањето на вештото лице и на техничките советници од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, во целост е даден одговор на наводите во кривичната пријава и во поднесената жалба. Од приложениот дополнителен вешт наод и мислење од вештото лице не може да се утврдат нови факти, ниту произлегуваат нови докази во однос на пријавените кривични дела“, констатира Вишото јавно обвинителство Скопје.
Од овие причини вишиот обвинител оценил дека одлуката на Основното јавно обвинителство Скопје е правилна и законита и ја одби поднесената жалба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Гази Баба и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Товарник бр. 3, како и дел од корисниците од ул. Среќко Пужалка. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улиците Кичевска и Рафаел Батино. (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Утрински минусни температури, кон крајот на денот се очекуваат локални врнежи од снег
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има локални врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -12 до -2, а максималната ќе достигне од -2 до 8 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -7, а максималната ќе достигне до 6 степени.
Времето во наредните денови
Денеска кон крајот на денот, во текот на ноќта и во среда се очекуваат повремени врнежи претежно од снег. Во четврток ќе биде претежно облачно, а во петок ќе преовладува умерено облачно време со сончеви периоди. По котлините ќе има услови за појава на магла. Од сабота, најпрво во западните делови, а потоа насекаде, повторно се очекуваат врнежи од дожд и снег
Македонија
Утре променливо облачно време со локални врнежи од снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има локални врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -12 до -2, а максималната ќе достигне од -2 до 8 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -7, а максималната ќе достигне до 6 степени.
Утре кон крајот на денот, во текот на ноќта и во среда се очекуваат повремени врнежи претежно од снег. Во четврток ќе биде претежно облачно, а во петок ќе преовладува умерено облачно време со сончеви периоди.
По котлините ќе има услови за појава на магла.
Од сабота, најпрво во западните делови, а потоа насекаде, повторно се очекуваат врнежи од дожд и снег.

