Македонија
Османи: Со членството во БСЕК и кандидатурата за претседавање со ОБСЕ, стануваме уште повидливи и посилни
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на денешната прес конференција извести дека на 9-ти ноември, Република Северна Македонија официјално стана 13 земја членка на Организацијата за црноморска економска соработка, позната по кратенката „БСЕК“ (BSEC).
„Оваа организација покрива три различни региони – Балканот, Кавказот и Црното Море, со површина од 20 милиони квадратни километри. Обемот на трговијата во рамки на БСЕК изнесува приближно 170 милијарди долари годишно, а важно е да се потенцира и дека БСЕК го претставува вториот најголем извор на нафта и природен гас по регионот на Персискиот Залив, со што претставува еден од главните снабдувач на енергија за Западна Европа“, истакна Османи, набројувајќи го опсег на сферите на соработка помеѓу земјите членки на организацијата: трговијата и економскиот развој; банките и финансиите; комуникацијата; енергијата; транспортот; земјоделството и агро – индустријата; здравствената и фармацевтска грижа; заштитата на животната средина; туризмот; науката и технологијата итн.
„Секое идно планирање на мега проекти од областа на инфраструктурата или енергетиката кои географски ќе потекнуваат од БСЕК, ние ќе можеме одблиску да ги следиме, и да се вклучиме како корисник. Тоа секако создава и нови услови и можности за привлекување странски инвестиции, како и создавање дополнителен потенцијал за домашните бизниси, особено за оние кои се извозно ориентирани“, истакна Османи, додавајќи дека четири од нашите пет соседни земји веќе се членки во организација.
Во продолжение Османи информираше дека Република Северна Македонија поднела кандидатура за претседавање со Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ во 2023 година.
„Претседавањето со ОБСЕ ќе придонесе кон едно ново, понапредно и повидливо меѓународно позиционирање на Република Северна Македонија, како конструктивен актер и контрибутор во промоцијата на заложбите на ОБСЕ, создавајќи притоа и можност да се манифестира институционален капацитет кој се очекува од земја – членка на НАТО и идна земја – членка на ЕУ“,истакна Османи, посочувајќи дека претставува и можност за зголемена поддршка на јавното мислење во ЕУ за процесот на пристапување на Република Северна Македонија во рамките на претстојниот процес на преговори за полноправно членство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Никаде во Европа нема ваква корумпирана Влада, техничка влада мора да остане, бараат од СДСМ
„Споредбите со земјите од ЕУ како аргумент за укинување на техничката влада се класична манипулација. Никаде во Европа нема ваква корумпирана влада“, велат од СДСМ.
„Тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не ја сака техничката влада, затоа што кога ќе влезе министер од опозиција, ќе има увид во сите документи, во сите злоупотреби во целиот коруптивен систем.
Скандалот со ИПАРД 3 и злоупотребите на европските пари, за кои е приведен директор од ВМРО, се уште еден пример дека влез на опозициски министер ќе значи отворање и на другите криминални шеми во министерството.
Од тоа се плаши тендер коалицијата. Не сакаат техничка влада, затоа што тоа ќе значи отворање на пандорината кутија на криминалните тендери.
Без техничка влада не може да има праведни избори, нема контролен механизам и нема фер избори и затоа мора да остане“, соопшти СДСМ.
Македонија
Времето утре – сончево со мала до умерена облачност, максималната температура до 10 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -3, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, сончево и тивко со умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
До петок ќе се задржи стабилно и суво време со услови за појава на утринска магла по котлините. Температурите ќе бидат во постепен благ пораст. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност со услови за слаби локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН, со коишто разговараше за актуелните предизвици во областа на заштитата на животната средина.
Претставниците на двете организации ги изнесоа своите согледувања и препораки со посебен акцент на еколошката правда, превенцијата од еколошки штети, заштитата на природните ресурси и усогласувањето со европското право.

Според Сиљановска-Давкова заштитата на животната средина треба да биде клучен приоритет, а соработката меѓу институциите, граѓанските организации и стручната јавност е од суштинско значење за креирање одржливи и ефикасни политики. Таа укажа дека вклученоста на овие организации во креирањето на законските решенија треба да биде институционализирана, преку нивно учество во комисиските тела во Собранието и во Владата.
Именувањето на експертот од областа на метеорологијата и климатските промени, проф. д-р Спиридонов, за член на Советот за безбедност, е важен чекор кон интегрирање на научната експертиза во стратешкото одлучување. Ова, според претседателката, би им овозможило на невладините еколошки организации, со своите идеи и предлози да придонесат во работата на ова тело.
Соговорниците се согласија дека загрозувањето на животната средина е сериозен безбедносен ризик и закана за уставно загарантираното право на живот.

Тие ја нагласија потребата од користење на меѓународни искуства и унапредување на регионалната соработка во справувањето со реалните предизвици.
Претседателката и претставниците на МЗМП и ФЛОРОЗОН повикаа на континуирана едукација и поттикнување на младите во градењето партнерски однос со природата како неопходен предуслов за превенција на можни штети со несогледливи последици.

