Македонија
Единствена Македонија: Фудбалерите да не ги прифаќаат парите од Владата

Владата во Скопје тргнувајќи од бизнис менталитетот во погубното водење на државата, прво што направи по големиот успех на фудбалската репрезентација со пласманот на Европското фудбалско првенство, објави дека доделува награда од по 10.000 евра, велат од партијата Единствена Македонија преку соопштение.
Според партијата на Јанко Бачев, овој голем фудбалски успех не е прашање на пари туку е национална гордост за Македонија и овие средства за фудбалерите не се некоја сатисфакција бидејќи имаат убави годишни плати со играњето во странски клубови.
Затоа, Единствена Македонија ги повикува фудбалските репрезентативци „да не го прифатат ова понижување и доделените владини пари да ги донираат за медицинските лица кои деноноќно и со месеци се борат со тешката здравствена состојба во земјата“, се наведува во соопштението.
На тој начин, според партијата, и фудбалската репрезентатција на конкретен начин ќе покаже дека секогаш е на страната на народот.
„Кризата со коронавирусот се повеќе се шири со зголемениот број на нови заболени, но и на смртни случаи. Сега е најважно здравјето на народот. Успехот на фудбалската репрезентација е настан со немерливо и историско значење и не треба да биде поматен со било какви непромислени одлуки од владата и од било кого, посебно во ова тешко време со коронавирусот“, се наведува во соопштението на Единствена Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Андоновска: ВМРО-ДПМНЕ ги трансформира општините и создава иднина дома

Викторија Андоновска oд ВМРО-ДПМНЕ изјави дека градоначалниците на оваа партија во изминатите четири години ја оправдале довербата на граѓаните и со посветена работа успеале да ги трансформираат општините.
Таа нагласи дека локалната власт предводена од владејачката структура ги вратила општините на вистинскиот пат по блокирани сметки и големи финансиски проблеми.
Според податоците што ги презентираше, од 2021 година до денес се изградени и реконструирани над 770 километри патишта во вредност од 100 милиони евра, поставени 138.000 метри водоводна и канализациона мрежа и изградени 12 пречистителни станици. Повеќе од 400 училишта се реконструирани и модернизирани со услови за едносменска настава, а учениците од прво до петто одделение во дел од општините добија бесплатна храна и летување. Дополнително, на училиштата се поставени фотоволтаици, а во делот на социјалната заштита беа реконструирани 70 детски градинки и изградени нови, со инвестиции над една милијарда денари.
Андоновска потсети дека во последните 15 месеци централната власт вложила 500 милиони евра во капитални проекти за локален развој преку два јавни повици, на кои општините поднеле стотици апликации.
Македонија
Османи: Обвинувањата за коалиција со Левица се очајнички обиди

Кандидатот за градоначалник на Чаир од ДУИ, Бујар Османи, ги оцени како очајнички обвинувањата дека ДУИ наводно има коалиција со Левица. Тој изјави дека ваквите конструкции се обид на ВЛЕН да подготви оправдување за можен изборен пораз.
Османи нагласи дека ДУИ настапува обединето преку Националната алијанса за интеграција, која, според него, ја претставува волјата на мнозинството Албанци.
Тој порача дека изборите на 19 октомври се „судир меѓу два концепта – достоинството на Албанците или нивната подреденост“, и најави дека ДУИ ќе продолжи со позитивна и програмска кампања.
Македонија
Меџити најави изградба на Територијална противпожарна станица во Чаир

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од редовите на ВЛЕН, Изет Меџити, денеска ја најави изградбата на нова Територијална противпожарна станица во срцето на општината.
„Брзата интервенција спасува животи. Оваа станица не е луксуз, туку животна потреба и директна инвестиција во безбедноста и благосостојбата на граѓаните,“ изјави Меџити.
Проектот предвидува модерен објект од 750 м², три противпожарни возила и 12 професионални пожарникари, обучени за интервенции на секој терен.
Меџити им се заблагодари и на членовите на Доброволното противпожарно друштво „Бајрам Мифтари“, кое со години претставува важен столб на јавната безбедност во Чаир и пошироко.
„Чаир заслужува модерна инфраструктура и сигурни услуги. Оваа станица значи повеќе спасени животи, помалку штети и поголема институционална одговорност,“ заклучи тој.