Македонија
Во ковид центрите во Скопје вкупно се лекуваат 410 пациенти
Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје хоспитализрани се 37 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 42 лица сомнителни и потврдени за Ковид -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
Во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно24 приеми и тоа четворица пациенти биле хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, тројца пациенти се примени во ковид центарот на Клиниката за Неврологија и 17 болни се хоспитализирани на новото одделение на Клиниката за Гастроентерохепатологија.
Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 11 нови приеми на пациенти. На Кожната клиника во ковид центарот во моментов се лекуваат 24 пациенти, на Клиниката за неврологија 37 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 55 пациенти со симтоми на корона вирусот. Во ГОБ 8 септември има 79 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 160 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 38 пациенти, од кои 11 деца и 27 возрасни.
Вкупно 410 пациенти потврдени и сомнителни за КОВИД- 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка.
„И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, слободни места во моментов има доволно во ковид центрите на интерните клиники, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ 8 Септември. Од вчера на Интерните клиники почна да функционира и ковид центарот на Клиниката за гастроентерохепатологија, а се очекува да започне со работа и ковид центарот на Клиниката за Нефрологија. Сите новоотворени инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имаат потреба од кислородна подршка“, велат од Министерството за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лабудовиќ: Четири дена пред гласање, Герасимовски се слика со ракавици на рацете како чисти контејнери
Кандидатот за градоначалник на Центар, Мирослав Лабудовиќ, упати повик до жителите на неговата општина да му ја дадат довeрбата на 2 ноември да ја води општината во следните четири години.
„Време е за промена во Центар. Резултатите од гласањето во првиот круг недвосмислено покажаа опозициско расположение во општината. Близу 2/3 од тие што излегоа на изборните места, гласаа против актуелниот градоначалник Горан Герасимовски. Затоа што сакаат промена на нештата, сакаат нешто ново, поинакво – а тоа значи нова визија, нова енергија, непресушна река на идеи и проекти за подобрување на секојдневниот живот на граѓаните. Но, и нивно активно учество во носењето на сите одлуки што во надлежност на општината, а значат суштинска промена – промена кон подобро за нив“, порача Лабудовиќ.
Актуелниот градоначалник, според него, ако имаше што да понуди, ќе го правеше тоа во континуитет за сите претходни четири години.
„А, не на еден месец пред изборите да поправа реквизити од детски игралишта, на четири дена пред гласање да се слика со ракавици на рацете како чисти контејнери и други слично популистички активности – допадливи за око, но со кои не се решава ништо“, рече тој.
Спротивно на тоа, Лабудовиќ нагласува дека припаѓа на нова генерација политичари кои кога ќе дадат збор – истиот и го исполнуваат. Верува дека искуството од работење во реномирани меѓународни компании ќе биде пресудно во имплементација на вистински системски и одржливи решенија со кои ќе се надминуваат сите проблеми во Центар, не кампањски, туку долгорочно.
Тој упати повик до поддржувачите на кандидатките кои испаднаа во првиот круг, Билјана Ивановска и Марија Среброва, но и до сите граѓани кои се уште се мислат дали да гласаат во вториот круг.
„Ги повикувам граѓаните да излезат што помасовно и да гласаат. Да го заокружат бројот 2. Само така ќе ја донесеме вистинската промена во Центар. Промена која ќе значи Центар да биде целосна спротивност од сегашната слика. Почиста, еколошки ефикасна, побезбедна, урбано и плански средена општина. Општина со светли улици, слободни тротоари, со нови катни гаражи и повеќе паркинг места. Општина која ќе биде шампион во транспарентност, нон-стоп достапна и отворена за граѓаните. Општина во која ќе „царуваат“ културата и спортот, во која од училиштата ќе направиме образовни оази, а на младите ќе им понудиме перспективност“, повика Лабудовиќ.
Македонија
Независниот кандидат во Могила се откажа од изборната трка, ВМРО-ДПМНЕ доби уште еден градоначалник
Независниот кандидат за градоначалник на Општина Могила, Сашо Пивковски, објави дека се повлекува од изборната трка.
„Драги сограѓани, по внимателно размислување и бројни разговори со многумина од вас, одлучив да ја повлечам својата кандидатура од изборната трка. Ова не беше лесна одлука, но верувам дека е исправна и чесна во овој момент – во интерес на нашата општина и на сите граѓани што живеат во неа. Во изминатиот период слушнав различни мислења, совети и размислувања. Сфатив дека политиката не смее да создава поделби меѓу луѓето, особено не меѓу пријатели и семејства. Нашата сила е во заедништвото, не во поделбите. ВМРО-ДПМНЕ е мојата партија, мојот политички дом. Како нејзин член секогаш сум се водел од идејата за чест, работа и почит кон луѓето. Така било и ќе остане. Ќе продолжам да го поддржувам сето она што е во интерес на граѓаните и на вредностите за кои се залага оваа организација“, објави Пивковски.
Понекогаш, додава тој, вистинското лидерство не се покажува само кога чекориш напред, туку и кога знаеш кога треба достоинствено да застанеш на страна, за да не му наштетиш на она што го сакаш и почитуваш.
„Свесен сум дека оваа вест ќе изненади многумина, но ја носам со мирна совест и со чувство на одговорност. Убеден сум дека ова е најдоброто нешто што можев да го направам во овој момент. Ќе продолжам и понатаму да бидам тука – достапен, искрен и подготвен да помогнам секогаш кога ќе има потреба. Вашата поддршка, доверба и добри зборови ќе останат нешто што длабоко го ценам“, објави Пивковски.
Македонија
Герасимовски: Собрани три големи контејнери за кабаст отпад и 25 помали контејнери во Центар
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, информира дека хигиеничарите на општината со целата механизација при денешното чистење собрале три големи контејнери за кабаст отпад и 25 помали контејнери.
„Интензивно чистиме во сите населби во Центар. Од рано изутрина, почнавме со чистење позади Капиштец, Водно, продолжуваме на повеќе локации во Дебар Маало, Кочо Рацин, Пролет позади Даре Џамбаз. Дел по дел, маало по маало, го расчистуваме целиот смет. Работиме во две смени, со активираност на целата механизација со која располагаме. Изминатава година постојано апелиравме за хигиената, но ги засукавме ракавите и чистиме и онаму кадешто општината нема надлежност, затоа што граѓаните заслужуваат чисти улици и празни контејнери без смет”, вели Герасимовски.
Тој информира дека ЈП „ПОЦ“ организира посебни пунктови и распоред за собирање на угостителски отпад.
„Реализираме нов начин на дистрибуција и депонирање на сметот. Викендов спроведуваме дератизација во училиштата и градинките. Во тек е вонредна дератизација, кадешто во сите 1980 шахти се фрла сертифициран препарат, но потребно е да се изврши и дератизација во сите згради. За тоа, организираме средба со сите управители на згради и куќни совети. Ја подигнуваме хигиената на повисоко ниво. Им благодарам на сите хигиеничари кои со натчовечки напори целиот овој период го чистат и хаосот на градската власт која го преплави Скопје во смет”, истакнува Герасимовски.
Тој ги повика компаниите да помогнат со механизација, камиони и логистика.

