Свет
Северна Кореја ги заострува мерките поради пандемијата

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун нареди заострување на државните системи за вонредни мерки против коронавирус, поради светската пандемија.
Наредбата е издадена додека тој претседавал со состанокот на Политбирото на владејачката Работничка партија, објави државната новинска агенција КЦНА.
Состанокот следувал во услови на економска и политичка несигурност во врска со глобалната пандемија на Ковид-19, што врши дополнителен притисок врз севернокорејската економија, веќе оптоварена со меѓународните санкции насочени кон запирање на нејзината нуклеарна програма, пренесува „Ројтерс“.
Појавувајќи се за првпат во јавноста во последните 27 дена, Ким ја истакна потребата од воведување тревога и засилување на противепидемиската акција, јави КЦНА.
Северна Кореја тестирала повеќе од 12.000 лица и не пријавила потврдени случаи на коронавирус од почетокот на ноември, според Светската здравствена организација.
Вкупно 6.173 лица, од кои осум странци, се откриени како сомнителни случаи, а 174 лица се ставени во карантин во последната недела од октомври, соопшти СЗО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Додик: Добив понуда од моќни луѓе

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, изјави дека некои моќни луѓе од Европа му понудиле мирно да ја напушти Босна и Херцеговина.
„Имам понуда од некои моќни европски луѓе, кои ми испратија порака дека немаат ништо против да заминам и да бидам слободен во Унгарија, Русија, Србија, каде и да сакам“, рече Додик во емисијата „Телеринг“ на РТРС. Тој рече дека нема да ја напушти Република Српска.
Пред еден месец судот на БиХ издаде налог за апсење на Додик и му одреди едномесечен притвор поради одбивање да се јави на поканата од Обвинителството на БиХ за сослушување како осомничено лице.
Додик беше прогласен за виновен со првостепената пресуда за непочитување на одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит. Покрај тоа, Додик е под истрага за сомнителното купување вила во Белград, а тој одби да се јави на поканата за сослушување во тој случај.
Свет
Во Турција уапсени 525 дилери на дрога во најголемата операција во земјата

Турската полиција уапси 525 осомничени дилери на дрога во операции во Анкара, што е најголемата операција против дрога во историјата на земјата, објави министерот за внатрешни работи на земјата, Али Јерликај.
Во операцијата учествувале илјадници полицајци, кучиња трагачи, дронови и хеликоптери, а цел биле повеќе од 625 објекти, рече Јерликај, објави АП.
Рациите следуваа по шестмесечен технички и физички надзор на секој осомничен.
Свет
Италијанскиот претседател се врати во својата резиденција по успешната операција

Италијанскиот претседател Серџо Матарела денес ја напушти болницата „Санто Спирито“ во Рим по вградувањето пејсмејкер.
Во вторникот Матарела успешно беше подложен на хируршка интервенција за инсталирање пејсмејкер, а претседателството нагласи дека нема причина за загриженост, објави „Анса“.
Тој се врати во својата резиденција, објави неговиот кабинет.
Веста за хоспитализацијата на претседателот предизвика многубројни пораки за поддршка од сите политички кругови, вклучително и од премиерката на земјата, Џорџа Мелони.
„Му ги испраќам моите најтопли желби на претседателот Матарела за брзо и целосно закрепнување. Италија ве очекува набргу со истата сила и посветеност“, рече Мелони преку социјалните мрежи, пренесува „Танјуг“.