Македонија
Две нови паркиралишта кај Зелен пазар
ЈП Паркинзи на општина Центар денес пушта во употреба две нови паркиралишта во склоп на Зелен пазар согласно постигнатиот договор на состанокот помеѓу ЈП ПОЦ, Општина Центар, Скопски пазар и пазарџиите од Зелен пазар со цел да се надминат проблемите на паркиралиштето „Автомакедонија“.
„ЈП Паркинзи на општина Центар го уреди ‘дивиот паркинг’ позади Зелен пазар, кој беше во хаотична состојба и нефункционален ниту за жителите ниту за корисниците на услугите на Скопски пазар, и постави нов систем за контрола со влезно-излезни рампи. Од ова неуредено паркиралиште, ЈП ПОЦ направи две функционални паркиралишта, едното паркиралиште е наменето за товарните возила на пазарџиите, а другото за жителите на ул. 11 Октомври бр. 16, 18, 20, 22, 24, 26 и 28 и бул. Кочо Рацин бр.32 и 38“, соопштија од ЈП ПОЦ.
Од таму велат дека со отворање на овие паркиралишта, паркиралиштето „Автомакедонија“ целосно ќе се ослободи од товарните возила и ќе им овозможи на жителите брз и лесен пристап до нивните домови.
Од претпријатието наведуваат дека во наредниот период контролите на ова паркиралиште ќе бидат зачестени и сите нерегуларности ќе бидат санкционирани.
„Определивме простор за товарните возила кој од денес веќе е во функција и доколку нашите контролори затекнат товарни возила надвор од затворениот простор, тие веднаш ќе бидат санкционирани. Правилата и редот ќе мора да ги почитуваме сите“, изјави директорот на ЈП Паркинзи на општина Центар, Васко Кичевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петар е тежок 2 килограми и 350 грама: 61-годишната мајка којашто се породи на ГАК имала замрзнато јајце клетка
Во светот на медицината повеќе не постојат граници и македонската медицина може да се мери со онаа во светот, изјави пред новинарите директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Ирена Алексиоска-Папестиев, по повод раѓањето на бебе од највозрасната мајка во државата – 61 годишна проворотка.
Бебето се вика Петар, а 61-годишната мајка останала бремена со сопствена јајце-клетка која била замрзната.
Жената е породена со ин-витро процедура, а бременоста и била следена во Македонија, додека раѓањето е завршено на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, кажа директорката.
Петар е тежок 2 килограми и 350 грама и долг 48 сантиметри.
Алексиоска-Папестиев изјави дека пациентката претходно имала три интервенции од кои две во Белград а една на ГАК.
Во текот на бременоста која била контролирана имала висок притисок и шеќерна болест, но се поминало во најдобар ред.
Македонија
Раде Штекли бара лично обезбедување, ќе им плаќа 3.000 евра: Не е пресудна етничката припадност ниту, пак, полот
Раде Трајковски Штекли на својот Инстаграм профил објави оглас за вработување на лично обезбедување. Бара четворица обезбедувачи, кои мора да имаат воено или полициско искуство, да поседуваат дозвола за оружје. За работата ќе им плати три илјади евра и дополнително трошоци за јадење и пат.
„Почитувани, барам професионално обезбедување за мене. Потребни се четворица, морално воено или полициско искуство, да поседува дозвола за оружје, плата 3.000 евра (и покриено трошоци за јадење и пат). може од секоја етничка припадност и пол“, се вели во неговата објава.
Штекли неодамна повторно беше мета на напад, кога во дворот на неговиот дом во Ќерамидница беше фрлена бомба. Претходно два пати во него беше пукано во Трговскиот центар Ист Гејт.
Македонија
Арсовска нема повторно да се кандидира за градоначалник на Скопје
Не размислувам за повторна кандидатура, истакна градоначалничката Данела Арсовска одговорајќи на новинарско прашање по промоцијата на донацијата на шесте еколошки автобуси за Град Скопје обезбедени од ЕУ како дел од проектот за чист воздух.
„Би сакала да им посакам барем еднаш да докажат и да покажат, прво, пред граѓаните дека она што го говорат ќе може да го реализираат за на следните избори да имаат поддршка, а во рамките на она што досега сме го виделе, не верувам дека некој ќе мисли дека тоа е така. Затоа што јас кога се кандидирав како градоначалник ја имав поддршката од ВМРО-ДПМНЕ, која, за жал, не успеа да се надмине себеси, односно нејзиното раководство. Суетите се преголеми за да му дозволите некому да работи, без да му кажувате што и како да прави“, посочи Арсовска.
Додаде дека никогаш повеќе не би сакала да работи со луѓе што само саботираат и блокираат.