Македонија
Јотова: Бугарија мора да остане на цврстите позиции кон Северна Македонија

Без оглед на промените, Бугарија мора да остане на цврстите позиции во однос на заклучоците на Консултативниот совет за национална безбедност кои беа усвоени од претседателот минатата есен, како и на рамковната позиција на владата и на декларацијата на Националното собрание, изјави бугарската потпретседателка Илијана Јотова, за „Бгнес“.
„Не може да има компромис со нашата историја, особено кога има тврдења или потенцијални тврдења за иднината“, вели Јотова.
Таа вели дека е загрижена за тоа што се случува и вели дека за неа е чудно зошто ова прашање е покренато во последните неколку месеци.
„Само сум загрижена за тоа што се случува. Пред само една година мислев дека сите клаузули запишани во Договорот за добрососедство ќе станат дел од европската рамка кога ќе започнат преговорите со РС Македонија. Имавме гаранции на разни форуми, не само од Советот на министри за надворешни работи и од Советот за општи работи. Во секој случај, веќе неколку месеци ова прашање е покренато во полна сила, како да немаме никакви прелиминарни договори досега. Нејасно ми е каде се прекина линијата и зошто почнаа да се прават тврдења од македонската држава за кои досега не сме чуле. Тие започнаа да ги оспоруваат текстовите на Договорот за соседство. Вистина е дека од самиот почеток договорот мораше да биде придружен со анекс, кој зборува категорично за нашето историско минато“, вели Јотова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Не излегувајте ако немате потреба: сончево и многу топло време

Времето денеска ќе биде многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХРМ.
Максималната температура ќе биде во интервал од 31 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 39 степени.
Министерството за здравство вчера информира дека се активира фаза 3, кога се очекуваат вонредно високи температури, кои го загрозуваат здравјето на населението, особено на најранливите групи.
Граѓаните потребно е најтоплиот дел од денот да го поминуваат во затворени, разладени простории, да консумираат доволно течности и да избегнуваат алкохол. Посебно да бидат внимателни хронично болните, лица постари од 60 години, бремените жени и помалите деца.
Министерството апелира до сите институции, работодавачи и граѓани да постапуваат одговорно и согласно следните мерки:
-Активирање на планови за вонредни услови – сите здравствени установи, установи за згрижување стари лица и образовни институции да постапат согласно интерните протоколи за кризна состојба.
-Да се реорганизираат работните процеси за вработените изложени на директна топлина и да се разгледа можноста за:
-Одложување на работниот процес во критичните часови (11:00–17:00) за работници изложени на директна топлина;
-Работа од далечина, флексибилно или двократно работно време каде што е изводливо;
-Работодавачите да обезбедат микроклиматски услови за работа согласно акцискиот план: простории со температура до 25°C, освен таму каде што природата на работниот процес налага поинаку;
-Ослободување од работни обврски за бремени жени и лица постари од 60 години, доколку работодавецот не е во можност да создаде соодветни микроклиматски услови за работа.
-Да се реорганизираат работните процеси за вработените изложени на директна топлина;
-Здравствените, образовните и социјалните установи да постапат согласно плановите за вонредни состојби, да го ротираат персоналот, и да обезбедат климатизирани простории за пациентите и вработените;
-Центрите за социјална работа, локалната самоуправа и Црвениот крст да ја интензивираат теренската поддршка за осамени, стари и бездомни лица;
-Образовните установи и градинките да избегнуваат активности на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
-Работодавачите да обезбедат соодветни услови за работа (температура до 25°C) и по можност да применат онлајн работа или флексибилно работно време;
-Да се обезбеди климатизиран јавен превоз за граѓаните во текот на целиот ден.
Министерството за здравство, заедно со сите надлежни институции, ќе продолжи со редовно информирање и спроведување на мерките, со цел заштита на здравјето на граѓаните.
Македонија
Кампања на владата – купувај домашни земјоделски производи

Преку кампањата купувај домашни земјоделски производи го стимулираме растот на домашната економија и директно влијаеме врз зголемување на потрошувачката на земјоделските производи кои ги произведуваат македонските земјоделци, соопшти Владата.
Од таму велат дека целта на оваа кампања на Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е да се промовира домашното производство и да се зголеми сопственото производство.
„Граѓаните ќе можат да купуваат домашни земјоделски производи во маркетите, а секој производ кој е произведен во Македонија или е увезен од надвор ќе биде обележан. Со ова не само што ќе се зголеми побарувачката на пазарот, туку ќе се зголеми и земјоделското производство. Ако претходно имавме состојба каде што се напуштаа нивите, сега ќе ги поттикнеме земјоделците со својот труд да се вратат на полињата. Наша основна цел е Македонија да ја направиме земјоделски независна држава3, велат од Владата.
Македонија
Мисајловски во Хаг: остануваме кредибилен сојузник во НАТО

Вчеравечер во Хаг, на покана на министерот за одбрана на Холандија, Рубен Брекелманс, министерот Владо Мисајловски учествуваше на средбата со своите колеги – министри за одбрана на земјите – членки на НАТО.
Министерот Мисајловски подвлече дека нашата земја останува силно посветена на заедничката цел – безбедна и сигурна Алијанса и безбедни над една милијарда луѓе во светот.
„Исполнувањето на НАТО Целите на способности се највисок приоритет на одбраната и тоа ќе се реализира преку инвестициите во одбраната, како и преку процесот на модернизација и опремување на Армијата кој е во тек“, рече министерот.
Самитот на НАТО во Хаг започнува денеска, а македонската делегација во чиј состав се министерот за одбрана, Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцински, како и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски е предводена од претседателката Гордана Сиљановска – Давкова.