Македонија
Димитров – Бомгартнер: Ако ЕУ е заедница на вредности, тогаш сите да ги почитуваат тие вредности
Северна Македонија ќе продолжи да работи на европската агенда и ќе продолжи да бара почитување на своето право на самоопределување, истакна заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров на денешната прва официјална средба со новиот амбасадор на Франција, Сирил Бомгартнер. Димитров нагласи дека изминативе години Северна Македонија цврсто ја демонстрираше својата посветеност кон остварување на стратешката цел за членство во Унијата, преземајќи храбри чекори за надминување на билатералните прашања со соседите и спроведување суштински реформи во земјата, пред сè во областа на владеење на правото и појасни дека почетокот на преговорите е логичен чекор што треба да обезбеди поголем фокус и континуитет на реформите.
„Силно сме убедени во француската поддршка, ако се има предвид дека новата методологија, усвоена токму на иницијатива на Париз, предупредува сите да се воздржат од злоупотреби на нерешени прашања во пристапниот процес. Ако ЕУ е заедница на вредности, тогаш сите треба да се заложат тие вредности и да се почитуваат. Имаме историска можност, годината којашто е исполнета со многу предизвици да ја заокружиме со споделен успех“, порача Димитров.
На средбата беше потенцирано дека Владата ќе продолжи да ги спроведува реформите бидејќи, како што порача Димитров, независно од предизвиците, ние нема да се откажеме од целта за суштинска европеизација на општеството и подобрување на условите за живот на сите граѓани.
Посакувајќи му успех на амбасадорот во извршувањето на новата функција, вицепремиерот Димитров истакна дека почетокот на неговиот мандат се совпаѓа со еден од најклучните периоди во историјата на земјата и изрази верување дека неговиот ангажман ќе придонесе за заедничкиот успех.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

