Македонија
Милевски: Со ваучерска програма ќе се зголемува конкурентноста на планските региони
Меморандум за меѓусебна соработка потпишаа Министерството за локална самоуправа и Фондот за иновации и техонолошки развој, што ќе овозможи реализација на ваучерската програма за градење на капацитетите на претпријатијата во Република Северна Македонија. Соработката ќе се оствари преку регионалните бизнис-центри во рамките на центрите за развој на планските региони.
„Денеска, потпишавме меморандум со цел заеднички да им помогнеме на малите и на средните претпријатија полесно да пристапат до буџетските средства кои се наменети за нивна поддршка и развој. Заедно со швајцарската влада преку проектот ‘Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој’, Министерството за локална самоуправа обезбедува 3 милиони денари или 51 отсто, а Фондот за иновации другите 49 проценти од средствата за финансиска поддршка наменета исклучиво за ваучерската програма за градење на капацитетите на претпријатијата во земјата“, изјави министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.
Според Милевски, целта на ваквата меѓусебна соработка е преку ваучерската програма да се придонесе за зголемување на конкурентноста на планските региони со поддршка на малите и средни претпријатија и на претприемаштвото. Целосна информираност на потенцијалните корисници од сите плански региони за можностите за условите и начините за користење на средства од Програмата, како и обука на администрацијата, која треба да ги обезбеди услугите.
„Поддршката ќе се реализира преку бизнис-центрите што функционираат во рамките на центрите за развој во сите осум плански региони. Бизнис-центрите ќе функционираат како регионални канцеларии, кои ќе ги информираат потенцијалните корисници за сите јавни повици на ФИТР за поддршка на приватниот сектор, потоа ќе обезбедуваат техничка поддршка на потенцијалните апликанти од соодветниот регион, за сите активни повици за секој поединечен инструмент, а ќе даваат оперативна и финансиска поддршка на ваучерската програма за градење на капацитетите на претпријатијата во земјата. Очекувам дека соработката ќе продолжи и во наредниот период врз основа на искуството што ќе го изградиме и врз основа на задоволството на клиентите, конкретно на бизнис-секторот. Со поддршка на малите и средните претпријатија го поддржуваме развојот на регионите, зголемувањето на бројот на нови работни места, подобар стандард за живеење во сите делови од државата“, појасни тој.
„ФИТР останува посветен партнер на македонските компании. На овој начин продолжуваме заедно со бизнис-секторот да генерираме нови инвестициски циклуси и забрзан економски раст базиран на иновации и технолошки развој, како и зголемен број вработувања. Целта на денешната соработка е да ги приближиме инструментите на Фондот и можностите за финансиска поддршка, кои државата ги нуди на домашните компании во целата земја. Со ваков пристап на децентрализирана поддршка и информации сакаме да ги поттикнеме компаниите во сите плански региони, а не само од скопскиот, да аплицираат во Фондот и нивните бизнис-идеи заедно да ги претвориме во успешни проекти“, потенцира Коста Петров, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој.
Според амбасадорката на Швајцарија во Скопје, Сибил Зутер, развојот на претприемаштвото почнува локално, но сепак во голема мера се потпира на поврзување на претприемачите со вистинските ресурси што им се потребни за да ги развиваат своите деловни активности.
„Користејќи ги 8-те бизнис-центри во рамките на центрите за развој на планските региони како неформални сателитски канцеларии на Фондот за иновации и технолошки развој, ќе обезбедиме повеќе мали и средни бизниси во целата земја, особено во заостанатите региони, да добијат вреден пристап до информации за можностите што им се достапни. Затоа, веруваме во важноста на градењето, поврзувањето, зајакнувањето и растењето на екосистемот на претприемаштво во Северна Македонија и ќе продолжиме да работиме заедно за да постигнеме одржлив и инклузивен економски раст преку создавање работни места и подобрување на деловното опкружување“, рече таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нова услуга на ЈСП: Онлајн надополнување на картичката
ЈСП воведува нова услуга – онлајн надополнување на картичките за возење.
„Од сега можете онлајн да ја надополните вашата картичка со билети и/или износ (средства) директно преку нашата официјална веб страна skopjebus.mk — без чекање, без редици и без одење до продажно место. Сè што ви треба е телефон или компјутер и неколку минути. Надополнувањето се прави од далечина, брзо и кога вам ви одговара, од удобноста на вашиот дом“, велат од ЈСП.
Од таму додаваат дека со новата услуга се добива онлајн надополнување со билети и/или средства, брза постапка во неколку едноставни чекори, нема редици и нема потреба од физичко присуство, достапно од телефон или компјутер.
Како да надополните картичка?
* Влезете на skopjebus.mk
* Изберете „Надополни картичка“
* Внесете ги потребните податоци за
картичката
* Одберете дали сакате билети или износ
(средства)
* Потврдете и завршете ја постапката
Пробајте ја новата функционалност тука: https://skopjebus.mk/mk/app/cards/load
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Утре прекинато водоснабдување во делови од неколку скопски општини
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( вторник ) се планирани неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Кисела Вода)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Карпош)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц),
прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Бутел)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Центар)

