Економија
Народната банка ja засилува соработката со граѓанскиот сектор во сферата на финансиската едукација
Народната банка ги засилува активностите за соработка со граѓанскиот сектор во сферата на финансиската едукација. Првпат Народната банка ќе одржи обука за обучувачи, кои ќе се ангажираат за едуцирање на населението за прашања од доменот на финансиите што ги засегаат сите граѓани како активни учесници во финансиските текови. Со ова се очекува дека ќе се прошири мрежата на финансиската едукација во нашата земја и ќе се зајакнат ефектите од ширењето на знаењата од оваа област. Тоа би придонесло за поголема финансиска вклученост и носење издржани финансиски одлуки од страна на населението.
За таа цел, Народната банка склучи меморандум за соработка со здружението на граѓани за поттикнување општествен развој „Глобал шејперс Скопје хаб“, кое е дел од меѓународната мрежа „Глобал шејперс“. По искажаниот интерес од „Глобал шејперс Скопје хаб“ преку организација на настани – предавања, односно презентации и отворени дискусии, за давање придонес во финансиската едукација на пошироката јавност, особено на младата популација во земјата, со меморандумот е предвидено тимот на Народната банка да даде експертска помош преку обука за членовите на здружението коишто ќе ги спроведуваат активностите. Исто така, Народната банка ќе обезбеди и едукативни материјали од областа на финансиската едукација. Планирано е предавањата на „Глобал шејперс Скопје хаб“ наменети за пошироката јавност, особено за младата популација, да се одржат до средината на следната година на волонтерска основа.
Развивањето на соработката меѓу финансиските регулатори и граѓанските организации во сферата на финансиската едукација е од исклучително значење за постигнување уште повидливи резултати со поголема достапност на знаењата до поголем дел од населението. Народната банка оваа година почна соработка и со други граѓански организации што искажаа подготвеност и желба да се вклучат во спроведувањето активности за унапредување на финансиската писменост и поттикнување на финансиската инклузија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Биткоинот поскапе на 61.710 евра, инвеститорите се претежно оптимисти за понатамошниот раст
Биткоинот поскапе за 0,53 отсто на 61.710,57 евра денеска во 15:30 часот на најголемата светска берза за криптовалути Binance.
Вкупниот обем на тргување со биткоин во последните 24 часа изнесува 21,42 милијарди евра, што е значително повеќе од вчера.
Инвеститорите се претежно оптимисти за понатамошниот раст на Биткоин.
Економија
Нови цени на дизелот и бензините од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,27 % во однос на одлуката од 16.5.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 1,601 %, кај дизелот 0,751 %, кај екстра-лесното масло 1,310 % и кај „мазутот“ намалувањето е 2,450 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,368 %.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се намалува 1,50 денар/л.
Малопродажните цени на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат 1,00 денар/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 0,306 денари/кг и сега ќе изнесува 42,629 денара/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00.01 часот на 21.5.2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт може да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.
Економија
РЕС е најголем снабдувач со струја на слободниот пазар, објави Регулаторната комисија за енергетика
РЕС е најголем снабдувач со струја на слободниот пазар и најголем дел од стопанството добива електрична енергија од РЕС, објави Регулаторната комисија за енергетика.
РЕС (Renewable Energy Supply) сам држи речиси една третина од пазарот, а другиот дел го делат други 20 снабдувачи.
Во 2023 година РЕС продал 609.771 MWh електрична енергија или 28,84 % од вкупната енергија на слободниот пазар, а во снабдувањето на големите субјекти држи дури 34 % од пазарот.
Освен на големите потрошувачи, РЕС им дава исклучително поволни и поевтини понуди за снабдување и на малите потрошувачи и нивниот број во балансната група на РЕС постојано расте, особено од почетокот на 2024 година.
Компанијата во моментот бележи уште повисоки резултати и снабдува над 900 клиенти, со предвидена годишна количина од речиси 700.000 MWh електрична енергија.
РЕС е формиран 2022, а годинава се најде на листата на топ-100 компании со најголема добивка во 2023 година.
ПР