Македонија
Маричиќ: Филтрација на судството и обвинителството за поголема доверба на граѓаните во правосудниот систем
Министерот за правда Бојан Маричиќ во рамките на конференцијата „Премостување на јазовите помеѓу формалните процеси и неформалните практики кои ја обликуваат судската култура на Западен Балкан“, која се одржа во организација на Институтот за демократија „Социетас цивилис“, кажа дека судството во земјата ќе биде филтрирано, меѓу другото и со цел да се зголеми довербата која ја имаат граѓаните во правосудниот систем.
„ Процесот на филтрирање на судството и обвинителството, меѓу останатото, треба да нѝ покаже дали имаме сериозен проблем со неформалниот кодекс на однесување. Овој процес веќе го најавивме и очекуваме набрзо да ја објавиме методологијата по која сметаме дека треба да се спроведе. Секако овој процес ќе го води Судскиот совет и Советот на Јавни обвинители. Целта е да се зголеми довербата во правосудниот систем преку одвојување на судиите и обвинителите кои совесно и одговорно си вршат работата, од оние кои тоа не го прават“, истакна Маричиќ.
Според министерот улогата на Министерството за правда и Владата не е да пресудува, да суди и да се меша во конкретни судски случаи, тука да учествува во изградбата на систем на правдата, којшто ќе испорачува, ќе биде ефикасен, одговорен и транспарентен, а филтрирањето е само еден од чекорите во остварувањето на таа цел.
Маричиќ во своето обраќање на конференцијата кажа и дека во иднина особено внимание ќе се посвети на целосна имплементација на донесените закони.
Ако законите се темелот на правосудството, судската пракса или култура се неговата душа. За подобрување на состојбите во правосудството повеќе не треба да се огледуваме и да го бараме проблемот во законите, туку да се погрижиме истите да бидат дословно спроведени, кажа Маричиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

