Македонија
Мицкоски: Пред 8 месеци предложив кризна состојба, не прифатија, сега ја замајуваат јавноста
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски порача дека тоа што денеска Советот за безбедност предложил воведување кризна состојба е нешто што самиот тој го предложил уште пред 8 месеци, но дека тогаш Заев не го прифатил неговиот прелог.
Тој на својот Фејсбук напиша – кризна состојба за чекор назад во борбата против #COVID.
„Пред 8 месеци предложив воведување на кризна состојба, пред сè затоа што таа е регулирана согласно закон, без можност за широки толкувања, што би се рекло со помали шанси за злоупотреба.
Тогаш одговорот на Заев беше дека кризна состојба нема да ги постигне посакуваните ефекти, а Стево Пендаровски велеше дека за ангажирање на војската и ресурсите не е потребна кризна состојба и дека државата нема ресурси за прогласување на кризна состојба на целата држава.
Инаку, тогаш прогласувањето на вонредна состојба која е непрецизно регулирана им даде можност за масовни злоупотреби во пресрет на изборите, легализиран поткуп во форма на картички за еднократна употреба, субвенции, дотации, кои беа директен поткуп, а не помош.
Денес кога парите се потрошија, потрошија 2 милијарди евра, кризата со Kовид не се намали, дојдоа на мојот став дека потребно е кризна состојба. Но, денес корона заразата руши рекорди по распространетост, а системот е целосно блокиран. И не можам да сфатам како Пендаровски и Заев им е просто толку лесно себе си да се посипаат со пепел и да играат на картата за кратко помнење. Образот им е ѓон, но барем да не ја навредуваат интелигенцијата на јавноста, народ ги гледа и памети.
Црвените телефони за цензура нема да ја направат сликата поубава, затоа што народот го живее хаосот предизвикан од неспособноста на Заев, Пендаровски и целата власт.
И ве уверувам дека и кризната состојба нема да биде искористена за вистинска борба против Ковидот, туку за замајување на јавноста дека работат нешто, додека пандемијата ќе продолжи да одзема животи поради неспособност, читајќи ги сите оние сведоштва за личните трагедии на луѓето кои ги губат своите најблиски.
И на крај, како тоа има потреба за кризна состојба, а Заев тера избори во криза во Штип и Пласница. Ќе почекаме да дојдат на ставот дека нема услови за корона избори.
А во продолжение рускиот рулет на Стево и немањето проблем со камикази изјави инспирирани по примерот на менторот Заев“ напиша Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

