Свет
„Фајзер“ бара итно одобрување на вакцината против коронавирусот

„Фајзер“ бара од регулаторите на САД вонредно одобрување за нејзината вакцина и тие се надеваат дека вакцината може да се користи веќе на почетокот на декември, пренесува АП.
„Ние сакаме да ја испорачаме вакцината што е можно посигурно и ефективно и што е можно побргу“, рече извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла.
„Вашингтон пост“ наведува дека „Фајзер“ ќе биде првата компанија што бара итно одобрување, а министерот за здравство го поздрави со зборовите дека тоа ќе биде светло на крајот од тунелот.
И „Вашингтон пост“ наведува дека овој потег значи дека вакцината може да стане достапна за неколку недели.
„Помошта е на пат“, додаде Ентони Фаучи, пред објавата на „Фајзер“.
„Фајзер“ пред два дена објави дека конечните резултати од последната фаза на тестирање на вакцината, што ја разви во соработка со „Бајонтек“, потврдија дека е ефикасна 95 проценти и дека ќе бара вонредно одобрување во наредните денови.
Фармацевтската компанија објави дека резултатите од вакцината развиена со германскиот „Бајонтек“ се доследни кај различна возраст и етнички групи и дека нема поголеми несакани ефекти.
Ефикасноста кај оние над 65 години, кои се ризична група за коронавирус, е поголема од 94 проценти, додаваат од компанијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Израелски војници забележани во градот Газа

Палестински очевидци тврдат дека во градот Газа забележани се израелски војници.
Според нив израелските војници биле забележани во населбата Сабра, во близина на зграда во која порано се наоѓало училиште.
Израелските војници наводно се заблежани во градот Газа откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху одобри план за преземање на градот, во кој живеат околу еден милион луѓе.
Израелската армија не ги коментираше палестинските наводи, истакнувајќи оти не ги открива позициите на своите војници.
Претходно Израел соопшти дека планира да евакуира околу еден милион жители од градот пред офанзивата, која се очекува да почне најрано во септември.
Свет
Зеленски вели дека постои вистинска можност да заврши војната во Украина

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски синоќа најави дека следните денови ќе бидат готови безбедносните гаранции за неговата земја.
Тој, по телефонскиот разговор со премиерот на Холандија, Дик Шуф, на платформата Икс објави дека „во моментот тимови на Украина, САД и европските партнери работат на решение“.
Според Зеленски постои „вистинска можност да се заврши оваа војна“, додавајќи дека Украина е „подготвена за конструктивни чекори што можат да доведат до вистинскиот мир“.
– Русија од своја страна не покажува намера за мир и продолжува да ги гранатира нашите градови. Сите сигнали што доаѓаат од Москва овие денови ги толкуваме на ист начин. Ни треба притисок за промена на нивниот став, како и состанок на највисоко ниво за да се разговара за сите прашања, посочи Зеленски.
Свет
Северна Кореја тестираше нови ракети

Северна Кореја вчера истрела два нови противвоздушни проектили за уништување на различни воздушни цели, меѓу кои дронови и крстосувачки ракети. Тестирањето на новото оружје го надгледуваше севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.
Како што јави Корејската централна новинска агенција (КЦНА) новото оружје има „супериорна борбена способност“ и користи „единствена технологија“.
Тестирањето на ново оружје се одвива во време на зголемени тензии со Јужна Кореја. Официјален Сеул вчера соопшти дека на 19 август јужнокорејски војници отвориле предупредувачки оган кон припадници на севернокорејската армија, кои накратко навлегле во Демилитаризираната зона.
Исто така во регионот се одржува заедничка воена вежба помеѓу Јужна Кореја и САД, а за утре е предвидена средба на американскиот претседател Доналд Трамп со новоизбраниот јужнокорејски претседател Ли Џае-мунг.