Македонија
На инфективните одделенија во земјава се лекуваат 825 пациенти
Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 825 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.
По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 75 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 56 пациенти.
На инфективното одделение во Тетово има 39 пациенти, во Велес се лекуваат 62 болни, а во Куманово 106 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 110 пациенти, во Прилеп 113, во ковид центарот во Гостивар 49, а во Струга 28 болни. Во болницата во Струмица лежат 95 пацинети, во Кочани 24, во Кичево 17, Кавадарци 41, а во Гевгелија 10 лица позитивни на корона вирусот.
Бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1292 и има околу 120 празни болнички кревети во ковид центрите. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.
Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.
И покрај големиот наплив на пациенти во изминативе десетина дена, Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Новата заменичка на Филипче: Мораме да ги вратиме слободоумните граѓани кои се разочараа од СДСМ
Убедена сум дека ќе го вратиме статусот, угледот, кредибилитетот, поддршката и победите на единствената државничка партија во Македонија – нашиот Социјалдемократски сојуз на Македонија, порача новата заменичка-претседателка на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фани Каранфилова-Пановска, на вчерашниот 30-ти Конгрес на СДСМ.
Во обраќањето пред делегатите, Каранфилова-Пановска посочи дека во оваа фаза во која се наоѓа сега СДСМ, клучно е враќањето на довербата на слободоумните граѓаните.
„Моето нафаќање и ангажман ќе биде особено значајно и се надевам ќе биде од голема помош, во оваа фаза на темелни внатрешни промени и реформи, дефинирање на новиот курс и позиционирањето на партијата, имајќи ги предвид сите предивизици, а особено, оној, за мене клучен и суштински, а тоа е враќањето на довербата кон СДСМ од страна на слободоумните граѓани на кои вредносната оска на социјалдемократијата им е блиска, а кои во изминатиот период се разочараа од СДСМ и се чувствуваат изневерено. Нив мора да ги вратиме! И во ова лежи суштината на мојот инстинкт, порив и подготвеност да се нафатам на оваа сериозно одговорна функција“, рече Каранфилова-Пановска.
При тоа, потенцираше дека мора да се случи консолидација на знаењето кое го поседува СДСМ во најширока смисла од раководство, општински организации, членови, симпатизери, поддржувачи, природните сојузници меѓу граѓанството, и тоа да се преточи и во консолидирано делување на сите нивоа.
„СДСМ мора интензивно и бескомпромисно да зрачи и да делува согласно својот автентичен вредносен систем идеологија и наратив, кои ќе бидат главната окосница што ќе ја одржува и зајакнува внатрешната кохезија и заедништвото во партијата. Со многу работа, посветеност, конзистентност, искреност во пристапот и намерите, со дијалог, солидарност, емпатија и уважување на различните ставови и позиции, како и со вреднување на различностите како привилегија и богатство на една демократска партија, убедена сум дека ќе го вратиме статусот, угледот, кредибилитетот, поддршката и победите на единствената државничка партија во Македонија – нашиот Социјалдемократски сојуз на Македонија“порача новата Заменичка-претседателка на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска.
Македонија
Зајкова да ги следи постапките на Ковачевски и да си поднесе оставка, велат од Иницијативниот одбор на ЛДП
Иницијативниот одбор на ЛДП смета дека Зајкова треба да ги следи стапките на Ковачевски и да си поднесе оставка.
„СДСМ ја прифати опозиционата улога и започна со нови сили да биде коректор на власта, што е здраво за секоја демократија. За разлика од нив Зајкова ја држи ЛДП во заложништво и никако не може да прифати дека народот ја прати во опозиција. Викендов во ИЕ5 наместо регионален семинар на ЛДП, Зајкова остана осамена во хотел Молика само со дел од членовите на ЛДП од Битола“, велат од Иницијативниот одбор на ЛДП.
„Општинските организации во ИЕ5 и порај невидените притисоци и закани на раководството се приклучија на трибината организирана од страна на иницијативниот одбор за реформи во ЛДП.
Колку побрзо разбере Зајкова дека партијата е поважна од личните интереси толку побрзо ЛДП ќе се реформира и ќе го врати своето значење и влијание на политичка сцена“, велат од Иницијативниот одбор на ЛДП.
Од Иницијативниот одбор на ЛДП порачуваат „наместо да прави заеднички трибини со луѓето со кои до вчера беше политички непријател и да го бламира членството и партијата, да се надмине себе си и да си поднесе оставка“.
Партијата час поскоро треба да ги отпочне подготовките за самостоен настан на престојните локални избори, се додава во соопштението.
Македонија
Каранфилова-Пановска: Ќе бидам верен соработник во креирањето и спроведувањето на новите политики за промени на СДСМ
Новата Заменик-претседателка на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фани Каранфилова-Пановска, на вчерашниот 30-ти Конгрес на СДСМ порача функцијата со себе носи огромна одговорноста пред членовите на партијата и пред граѓаните.
„Одговорноста е огромна пред сѐ заради фактот што Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е исправен пред предизвикот да ја исцрта и уште поважно да ја одработи траекторијата на промените и реформите на партијата кои ќе го обезбедат нејзиниот понатамошен развој и ќе го отелотворат нејзиниот правец на делување, процеси кои треба и мора да ја вратат партијата на вистинскиот колосек“, рече Каранфилова-Пановска.
Во своето обраќање пред делегатите, Каранфилова-Пановска подочи дека верува во професионалноста и амбициозноста на претеседателот на СДСМ, Венко Филипче и ќе го стави во функција сето нејзино искуство, знаење и вештини стекнати во професионалната кариера.
„Длабоко сум убедена во професионалноста, амбициозноста, трудољубивоста, страста, посветеноста, упорноста и емпатијата кои ги носи Венко, и тие беа едни од клучните причини зошто ја прифатив номинацијата. Јас, од моја страна, ќе му дадам целосна поддршка и ќе бидам верен соработник во креирањето и спроведувањето на новите политики на СДСМ, кои ве уверувам ќе бидат политики за промени. Јас со себе тврдоглаво ги носам принципите, ставовите и наративот кои му прилегаат на прогресивното граѓанско општество, кои во својата срж ја имаат потребата и борбата за слобода, демократија, човекови права, социјална правда, правичност, различност, рамноправност и интегритет – вредности за кои не сум правела и никогаш нема да направам компромис“, порача Заменичката претседателка на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска.