Македонија
Филипче на состанок со директорите на повеќе клиники

Министерот за здравство Венко Филипче, денеска се сретна со директорите на повеќе клиники во Скопје, каде се отворени ковид центри, како и болницата ГОБ 8 Септември.
На состанокот се зборуваше за состојбата на пациентите хоспитализирани во ковид одделенијата, усогалсеноста и функционирањето на интерните клиники, бројот на слободни кревети, дали здравствените работници имаа дополнителна потреба од заштитна опрема за работа. На хируршките клиники неделава веќе ќе бидат отворени дополнителни болнички кревети за лекување ковид пациенти, но тие засега остануваат како дополнителен капацитет.
„Анализата на досегашната поставеност на системот во зградата на интерни клиники покажа дека добро функционира, дава резултати во поголем број на оздравени пациенти и доволен број на слободен кревети. Капацитетите брзо се пополнуваат, но скоро воопшто да не се чека за хоспитализација, не само на пациенти од Скопје, туку од секаде низ државата“, рече министерот Филипче.
Министерот потенцираше дека од клучна важност е да не се намали редовниот програм на клиниките за акутните и хрончните пациенти кои имаат потреба од лекување.
Овој критичен период ќе продолжи и во наредните недели, рече министерот Филипче, целиот кадар на јавно здравствените установи е мобилизиран, а притисокот врз болницитеочекуваме да продолжи и во следните месеци, затоа од клучна важност е граѓаните да ги почитуваат превентивните мерки за заштита од ковид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Медицинските сестри бараат да бидат слушнати, реагираат дека не биле поканети на јавна расправа со министерот

Унијата на медицински сестри бараат да бидат слушнати, реагираат дека не биле поканети на јавна расправа со министерот иако, како што велат од таму, претходно им било ветено дека ќе бидат вклучени во истата.
„Како претседател на најголемата и најактивна унија на медицински сестри во државата, остро реагирам на начинот на кој денес беше организирана јавната расправа поврзана со прашања што директно ги засегаат медицинските сестри.
Иако имавме официјална средба со министерот за здравство, на која јасно се договоривме Унијата на медицински сестри, предводена од здружението ЗМСТАС „За-нас“, да биде вклучена во работните групи, денес не бевме поканети. Ова го сметаме за директно игнорирање на реалните потреби и гласот на професионалците кои секојдневно се на терен и го носат товарот на здравствениот систем“, вели претседателката на Унијата, Гордана Бешлиовска.
Таа додава дека медицинските сестри заслужуваат да бидат слушнати — не преку формални претставници, туку преку вистински, активни и професионално организирани тела, каква што е нашата Унија.
Бешлиовска бара објаснување зошто е прекршен договорот со министерот и бара итно вклучување на легитимни и активни претставници на медицинските сестри во сите идни работни групи и јавни расправи.
„Апелираме до институциите да престанат со формални и политички решенија кои ја маргинализираат сестринската професија. Особено разочарува фактот што токму овие денови, додека државата нè игнорира, медицинските сестри од Македонија испишуваат историја. Овој викенд, во Струга, се одржа четвртиот меѓународен конгрес на медицинските сестри и Регионалната ЕСНО конференција, со повеќе од 80 предавања и со присуство на еминентни имиња од регионот, Европа и САД. Тоа беше настан од највисоко професионално и научно ниво, кој уште еднаш ја потврди посветеноста, компетентноста и лидерството на македонските медицински сестри на меѓународната сцена“, вели Бешлиовска.
Македонија
Се намалуваат цените на горивата

Цените на бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе се намалат за денар и за денар и половина, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 7.10.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,660 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,931 ден/кг и сега изнесува 36,660 ден/кг.
Македонија
За пет дена 2.267 сообраќајни прекршоци, уапсени се 22 лица

Од почетокот на месец октомври полицијата констатирала 2.267 сообраќајни прекршоци, а 22 лица се уапсени за безобзирно управување на возило, соопшти МВР.
Во периодот од 01.10.2025-05.10.2025 како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 2.267 издадени платни налози, 514 прекршоци се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење.
Лишени од слобода за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик се 22 лица, од кои 18 за возење под дејство на алкохол, четворица за возење со брзина поголема од дозволената во населено место.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, евидентирани се 605 прекршоци за неправилно паркирање, 258 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 73 санкции за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле 32 возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем, а санкционирани се и тројца пешаци и 26 возачи на електрични тротинети. Исто така санкционирани се 111 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас.
Согласно Законот за возила, 73 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а 29 заради техничка неисправност. Санкционирани се и 30 возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии).
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, велат од МВР.