Македонија
Филипче: Жените жртви на насилство не се сами, преку институциите ја имаат нашата најголема поддршка
Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска се обрати на настан по повод 25 ноември, Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените. Тој истакна дека ситуацијата со Ковид-19 значајно ги погоди здравствените системи кај нас, во околината и секаде во светот. Криза за која ниту еден здравствен систем не беше димензиониран и се презедоа активности на реструктурирање и реорганизација на целокупниот здравствен систем.
„Бевме сведоци дека оваа криза не само што ни дава еден таков предизвик за третман на пациентите со Ковид-19, дава и некои други специфики, кои сè повеќе и повеќе излегуваат на виделина. Имено, очигледно е дека стресот го прави своето, дека ова што треба да сме на некој начин на физичка дистанца, што е сосем спротивно на тоа што е еволуцијата на човештвото, нè учи, а тоа е заедништвото. Изолацијата за време на долгите карантини, сепак и според резултатите од Клиниката за психијатрија, резултираа со зголемен број семејно насилство. Разговарав со директорот на психијатриската клиника, секојдневно се регистрираат вакви случаи. Нивната онлајн-амбуланта е преоптоварена со повици и тоа трае од почетокот на кризата од месец. Колегите се силно посветени на ова прашање, ги решаваат проблемите и ги зголемуваат тимовите кои им излегуваат во пресрет на жртвите на насилство“, потенцира Филипче и додаде дека некаде околу 30 % е зголемувањето во однос на истиот период во 2019 година.
Филипче информира дека и претходно, пред Ковид-19, во инклузивен процес, во соработка со сите институции и сите граѓанските организации се отворија три центри за третман на жртви на насилство во гинеколошко-акушерската клиника, во болницата во Тетово и болницата во Куманово.
„Тоа се центри што се целосно опремени од медицински аспект. Работат тимови од гинеколози, психолози, социјални работници, кои се на повик 24 часа, и експерти од областа на судската медицина. Еден од најголемите предизвици со кои здравствените работници се соочуваат е жените што се јавуваат на преглед практично да го признаат тоа. И треба многу вештина во пристапот, во разговорот, во отвореноста, затоа што во огромен број случаи сè уште, за жал, постои страв. Ова е процес што планираме да го продолжиме. Оваа криза одложи проекти, планови, меѓутоа секако планираме такви центри да има особено во големите болници во државата. Жените знаат каде може да се обратат, сигурни се дека може да добијат соодветна стручна помош, а ние сите заедно да работиме на подигнување на свеста, заедно институциите, медиумите, граѓанските организации, сè со цел вакви случаи да има сè помалку“, изјави Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновски: Дигиталната трансформација мора да стигне до секој граѓанин
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска во Кочани порача дека дигиталната трансформација мора да се спроведува рамномерно и да стигне до секоја општина и до секој граѓанин, преку конкретни и практични проекти што директно го подобруваат секојдневието.
На промотивниот настан за иницијативата WiFi4WB – WiFi за Западен Балкан, министерот истакна дека целта е да се обезбеди подобра дигитална поврзаност токму таму каде што граѓаните секојдневно се движат, учат, работат и се дружат – во јавни простори како плоштади, паркови, библиотеки, училишта и културни институции.
„Кога бев тука претходно, зборувавме за потребата Кочани да добие бесплатни интернет зони и јасно кажавме дека овој регион ќе биде меѓу нашите приоритети. Денес со поддршка од нашите пријатели тоа го претвараме во дела. Она што го ветивме – како и многу пати досега – го испорачуваме. Со иницијативата WiFi4WB обезбедуваме бесплатен јавен Wi-Fi во 64 општини низ државата. Тоа значи бесплатен интернет пристап во јавни простори – плоштади, паркови, библиотеки, училишта и културни институции – каде што граѓаните најмногу имаат потреба од поврзаност£.
Министерот посочи дека ваквите проекти се дел од пошироката заложба на институциите дигиталните услуги и можности да бидат подеднакво достапни, без разлика дали граѓаните живеат во Скопје или во помалите општини.
Во рамки на настанот се обратија и градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, претставници на Делегацијата на Европската Унија, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и Македонски Телеком. Беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу ГИЗ и Општина Кочани, по што следеше и официјално активирање на WiFi мрежата.
Андоновски најави дека наскоро Кочани ќе добие нов Центар за услуги и дека Министерството продолжува со активности и проекти што ќе ја забрзаат дигиталната трансформација на локално ниво, со фокус на реални придобивки за граѓаните и општините низ целата држава.
Македонија
Стојкоски даде отчет за сработеното во првите 100 дена од неговиот мандат
Во првите 100 дена од новиот мандат, Општина Ѓорче Петров реализираше низа инфраструктурни, образовни и развојни активности, со фокус на капитални инвестиции, подобрување на условите за живот и долгорочно планирање на локалниот развој, изјави градоначалникот Александар Стојкоски.
Советот на Општината го донесе развојниот буџет за 2026 година во износ од 1,45 милијарди денари, од кои речиси 60 проценти се наменети за капитални инвестиции, односно над 596 милиони денари за конкретни проекти на терен.
Градоначалникот Стојкоски истакна дека резултатите се доказ за континуирана и посветена работа на општинската администрација и тимот кој работи во интерес на граѓаните.
-Во изминатите 100 дена покажавме дека со јасна визија, одговорно управување и постојана работа на терен можат да се постигнат видливи резултати. Нашата цел останува иста – рамномерен развој на сите населени места и подобар квалитет на живот за секој жител на Ѓорче Петров – изјави Стојкоски.
Во делот на инфраструктурата, тој информира дека се реализирани нови улици и локални патишта во повеќе населени места, при што се изградени над 10.300 метри нови коловози, 800 метри нови патишта во Кучково, нов пат во Никиштани, како и нови патни решенија во Орман. Изграден е и новиот главен пат Ново Село – „Св. Архангел Гаврил“, а реконструирани се улици во Стопански Двор и улицата „Воин Драшкоци“ во Хром, каде е поставена и атмосферска канализација.
Дополнително, додаде тој, воспоставена е нова топловодна инфраструктура во населбата Александрија, со што се обезбедува почист начин на греење и намалени трошоци за домаќинствата, додека преку чистење на каналската мрежа се решаваат долгогодишни проблеми на улиците „Радушка“ и „Арсени Јовков“.
Стојкоски информира дека во образованието се реализираат инвестиции во вредност од 150 милиони денари, вклучително и доградби на основните училишта „Димитар Поп Георгиев – Беровски“, „Јоаким Крчоски“ и „Страшо Пинџур“. Во училиштето „Димитар Поп Георгиев -Беровски“ се воведува еколошки систем за греење, а преку меморандум со UNOPS во рамки на проектот „ЕУ за чист воздух“ се планира поставување топлински пумпи во училиштата и градинките. Обезбедена е и нова информатичка опрема за училиштата „Мирче Ацев“ и „Страшо Пинџур“, како и целосна обнова на училишните санитарни јазли во ООУ „Ѓорче Петров“, со пристапност за лица со попреченост.
Во тек е и изградбата на новата детска градинка во населбата Дексион. Исто така, Стојкоски кажа дека Општината продолжува со финансиска поддршка од 8.000 денари за секое новороденче и најавува нови мерки за младите, меѓу кои субвенции за обука и полагање возачка дозвола.
Во областа на спортот и младите се реализира изградба на нов спортско-рекреативен комплекс на „Шидска“, спортски комплекс на Полјана, обнова на спортските терени во ООУ „Тихомир Милошевски“ и поставување две текбол маси преку европски проект, како и нова рекреативна зона во Дексион. Општината активно учествува и во европски иницијативи, меѓу кои проектот UrbanGreenLeap за мултифункционален парк во Волково преку програмата Interreg Euro-MED, како и културната иницијатива „Скопје 2028“.
-Овие 100 дена се само почеток. Продолжуваме системски, одговорно и транспарентно, со јасна насока за развој на Ѓорче Петров – додаде градоначалникот Стојкоски.
Општина Ѓорче Петров најавува продолжување на започнатите проекти и нови инвестиции во наредниот период, со фокус на инфраструктура, образование, животна средина и поддршка на семејствата и младите.
Македонија
Европскиот кампус на Универзитетот Јорк ги отвори уписите за студенти од Македонија: Поблиску до британска диплома преку престижниот кампус во Солун
Европскиот кампус на Универзитетот Јорк ги отвори уписите за академската 2025/26 година, нудејќи им уникатни можности на идните студенти од Северна Македонија, меѓу кои и најважната – стекнување британска диплома во Европа.
Со седиште во Солун, Европскиот кампус на Универзитетот Јорк испорачува британско образование во регионот, овозможувајќи им на студентите да се стекнат со престижна диплома, без да заминат во Обединетото Кралство.

Како официјално лиценциран кампус на Универзитетот Јорк во Европа, правно воспоставен во Грција, кампусот ги нуди академските програми на реномираниот британски универзитет преку три факултети: Факултет за бизнис, Факултет за компјутерски науки и психологија и Факултет за право и хуманистички науки.
Во академската 2025/26 година достапни се додипломски и постдипломски програми кои се изведуваат на англиски јазик од следниве области: Бизнис администрација и економија, Психологија, Компјутерски науки, Англиски студии, Комуникации и дигитални медиуми.
Додипломските студии траат четири години, додека постдипломските програми се со времетраење согласно конкретната студиска програма.

Студиите се истражувачки ориентирани и целосно усогласени со британските академски стандарди, комбинирајќи теоретско знаење со практични и технички вештини што директно одговараат на потребите на глобалниот пазар на труд.
Академската 2025/26 година претставува нова можност за македонските студенти да станат дел од глобална академска заедница и да изградат кариера според меѓународни вредности.
Универзитетот Јорк рангиран меѓу топ универзитетите во светот
Европскиот кампус на Универзитетот Јорк испорачува академски програми во шест земји низ Југоисточна и Источна Европа и во регионот Кавказ, претставувајќи уникатна можност за стекнување британска диплома.

Со запишување на Европскиот кампус, студентите стануваат дел од академската заедница на Универзитетот Јорк, една од водечките британски институции за образование и истражување и членка на престижната Russell Group, која обединува 24 водечки универзитети во Обединетото Кралство.
Универзитетот Јорк е рангиран меѓу топ 8% универзитети во светот и се наоѓа на 154-то место според Times Higher Education World University Rankings 2026, како и меѓу Топ 20 универзитети во Обединетото Кралство.

Стипендии за студенти од Северна Македонија
Особено значајно за македонските кандидати е тоа што и оваа година се обезбедени можности за стипендирање, и за додипломски и за постдипломски студии. Со тоа, престижното британско образование станува подостапно за талентираните млади од Македонија.
Уписите се веќе отворени, а заинтересираните кандидати можат да ги пронајдат сите детали за условите за аплицирање, школарините и студиските програми на официјалната веб-страница на Европскиот кампус на Универзитетот Јорк.
(ПР)

