Свет
Областа Калбаџар му е предадена на Азербејџан под контрола на руските мировници

Областа Калбаџар, која беше под контрола на непризнатата република Нагорно-Карабах од 1993 година, ѝ е предадена на азербејџанската страна, вели Семјон Дегтјарев, портпарол на рускиот мировен контингент, пренесува ТАСС.
„Денеска, областа Калбаџар ѝ беше официјално предадена на азербејџанската страна во согласност со трилатералните договори постигнати од лидерите на земјите“, рече тој.
Според руското Министерство за одбрана, процесот на трансфер го следеле руски мировници.
„Војниците на рускиот мировен контингент се погрижија за безбедноста на цивилното население и организираа трансфер на областа“, рече Министерството.
„Процесот на трансфер почна во 00.00 часот на 25 ноември во согласност со трилатералната изјава на рускиот претседател Владимир Путин, азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинјан и беше контролирана од руски мировници“, додаде Министерството.
Обновените судири меѓу Азербејџан и Ерменија избувнаа на 27 септември со интензивни битки во спорниот регион Нагорно-Карабах. Областа доживеа разгорување на насилството летото 2014 година, во април 2016 година и минатиот јули.
На 9 ноември рускиот претседател, Владимир Путин, азербејџанскиот претседател, Илхам Алиев, и ерменскиот премиер, Никол Пашинјан, потпишаа заедничка изјава за целосен прекин на огнот во Нагорно-Карабах почнувајќи од 10 ноември.
Рускиот лидер рече дека азербејџанската и ерменската страна ќе ги задржат позициите што ги зазеле и руските мировници ќе бидат распоредени во регионот. Според руското Министерство за одбрана, столбот на контингентот е 15. Одделна моторизирана бригада (мировни сили) од Централниот воен округ.
Руски набљудувачки пунктови се поставени по должината на контактната линија во Нагорно-Карабах и по должината на коридорот Лачин, што ги поврзува Ерменија и Нагорно-Карабах. Командата на мировната операција се наоѓа во Степанакерт и ситуацијата се следи деноноќно.
Нагорно-Карабах, кој е меѓународно признат како дел од Азербејџан, но е главно населен со етнички Ерменци, е причина за расправија меѓу Баку и Ереван со децении. Двете нации претходно водеа крвава војна за регионот помеѓу 1988 и 1994 година со сериозни борби, што повторно се разгореа во септември по повремените пресметки во тоа време.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Макрон: Иднината на Украина не може да се одлучи без Украинците

Само неколку дена пред планираната средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон нагласи дека Украина мора да биде вклучена во сите разговори за нејзината иднина.
„Иднината на Украина не може да се одлучи без Украинците, кои се борат за својата слобода и безбедност повеќе од три години“, напиша Макрон на X.
„Бидејќи и нивната безбедност е во прашање, Европејците исто така мора да бидат дел од решението, рече тој.
Макрон претходно разговараше по телефон со украинскиот претседател Володимир Зеленски, германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер, напиша тој.
По разговорот со Макрон, Зеленски напиша на X: „Украина, Франција и сите наши партнери се подготвени да работат што е можно попродуктивно за вистински мир“.
Трамп треба да се сретне со Путин во Алјаска во петок. Според „Волстрит џурнал“, Путин бара целосна руска контрола врз источните региони на Украина, Донецк и Луганск, што Зеленски категорично го отфрла.
Свет
Ердоган за Газа: Одлуката на Израел е неприфатлива, поддршката за Палестина продолжува

Одлуката на Израел да преземе воена контрола врз Газа е апсолутно неприфатлива, му рекол турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на палестинскиот претседател Махмуд Абас во телефонски разговор, пренесува Анадолу.
Според турската Дирекција за комуникации, тие разговарале за израелските напади врз Газа и за најновите случувања во регионот.
За време на разговорот, Ердоган повторил дека Турција ќе продолжи да стои зад Палестина.
Нарекувајќи ги изјавите на Франција, Велика Британија и Канада за можното признавање на палестинска држава достојни за внимание, Ердоган го истакна растечкиот бран критики кон Израел на Западот и додаде дека Турција ќе продолжи со своите напори за мир во регионот.
Свет
Идентификувани останките од три жртви од нападите на 11 септември

Останките од три жртви од нападите на 11 септември се идентификувани благодарение на напредокот во ДНК технологијата.
Службениците во четврток објавија дека ги идентификувале останките на 26-годишниот трговец со валути Рајан Д. Фицџералд, 72-годишната пензионирана директорка на непрофитна организација Барбара А. Китинг и уште една жена, чие име се чува во тајност на барање на нејзиното семејство.
Останките се идентификувани преку подобрено ДНК тестирање на останките пронајдени во урнатините по нападите на 11 септември 2001 година, соопшти канцеларијата на медицинскиот испитувач во Њујорк. Останките на Китинг и жената, чиј идентитет не е објавен, се пронајдени во 2001 година, а останките на Фицџералд се пронајдени следната година.
Китинг се враќала дома во Калифорнија со летот на „Американ ерлајнс“ кога членови на Ал Каеда го киднапирааа и намерно го удрија во северната кула на Светскиот трговски центар. Парче од нејзината банкарска картичка било пронајдено во остатоците.
Во нападите од 11 септември, два авиона се урнаа во Кулите Близначки во Њујорк, трет се урна во Пентагон, а четвртиот се урна во Пенсилванија. Вкупно 2.977 луѓе загинаа, од кои 2.753 во Њујорк. Околу 1.100 жртви остануваат неидентификувани, соопшти канцеларијата на медицинскиот испитувач.
Во 24-те години од терористичките напади, нови останки се идентификувани благодарение на напредокот во технологијата.