Регион
Словенечки педијатри: Некои деца заразени од Ковид-19 имаат потешка клиничка слика

Иако децата главно ја поминуваат инфекцијата со коронавирус без или со благи симптоми, тие поради силната имунолошка реакција може да претрпат оштетување на повеќе органи, вклучително и на срцето, валат словенечките лекари, кои наишле на неколку вакви случаи во последните неколку дена.
Како што истакна во четвртокот педијатарот Тина Планкар-Сровин од Универзитетскиот медицински центар во Љубљана, минатата недела во болницата примиле шест деца со воспаление на повеќе органи.
Според лекарите, ова било резултат на силна имунолошка реакција на нивниот организам откако децата биле заразени со коронавирусот од две до четири недели претходно, а потоа оздравеле.
„Ковид-19 кај децата се развива во полесна форма, но болеста може да има сериозни последици“, предупреди Планкар.
Досега во таа болница имало 40 деца со Ковид-19, а во последната недела забележале повеќе случаи на деца со мултиоргански воспалителен синдром, поврзан со претходна инфекција со коронавирус.
Кај сите деца со овие симптоми примени во болницата минатата недела се утврдило дека има штетни последици врз срцевиот мускул, па затоа добиле силни лекови против воспаление, а покрај педијатри, во третманот учествувале и кардиолози и ревматолози.
Словенечките педијатри забележуваат дека појавата на слични симптоми кај децата со Ковид-19 првпат била забележана во Велика Британија пред неколку месеци.
Универзитетскиот клинички центар во Љубљана потврди дека во првиот бран на епидемијата лекувале само четири деца заразени од Ковид-19, но тоа биле полесни случаи, а во есенскиот втор бран досега во таа болница биле лекувани 43 деца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Трагедија на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград: маж почина штом слета од Тунис

Вистинска драма се одвивала синоќа, еден час по полноќ, на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград, кога на патникот Н. Л. (64) му се слошило штом неговиот авион слетал од Тунис.
Според информациите објавени од „Блиц“, лекарите на аеродромот „Никола Тесла“ веднаш му укажале помош, но човекот не можел да се спаси.
Неговата сопруга била до него цело време. Таа, неофицијално, изјавила дека на нејзиниот сопруг му се слошило штом излегол од авионот. Лекарите итно реагирале, но и покрај нивните напори, немало начин да се спаси.
За случајот било известено Вишото јавно обвинителство, кое нареди обдукција на телото на мажот, објавија српските медиуми.
Регион
Фон дер Лајен: Иднината на Западен Балкан е во Европската Унија

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес изјави дека само обединета Европа може да биде независна Европа, дека поголема и посилна Унија е гаранција за безбедноста на сите и дека иднината на Западен Балкан, Украина и на Молдавија е во ЕУ.
Во својот годишен говор до нацијата пред Европскиот парламент таа повика на следно обединување на Европа.
„Кога зборуваме за независност, зборуваме за избор на нашата судбина. Тоа е она за што се бори Украина. И тоа е она што го заслужуваат сите Европејци. Бидејќи Европа е идеја – идејата за слобода и заемна сила. Тоа беше идејата што ја водеше генерацијата по 1989 година кога Истокот и Западот се обединија. Сега е исто толку моќна како што беше и тогаш. Затоа ги доближуваме идните земји членки до нашата Унија. Треба да го одржиме темпото на овој процес базиран на заслуги“, рече Фон дер Лајен, пренесува „Танјуг“.
Фото: принтскрин
Регион
(Видео) Силен земјотрес ја погоди Грција

Земјотрес со јачина од 5,3 степени го погоди грчкиот остров Евија во текот на ноќта и беше силно почувствуван во Атина, соопшти Институтот за геодинамика на Националната опсерваторија во Атина. Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ) ја процени јачината на 5,2 степени.
Земјотресот се случил околу 30 минути по полноќ по локално време, а епицентарот бил во морето 45 километри североисточно од грчката престолнина и 4 километри од брегот на Неа Стира на југозапад од Евија, вториот по големина остров во Грција.
2/#Greece #σεισμός #sismo #deprem https://t.co/UkYhUkNJG3
— GeoTechWar (@geotechwar) September 9, 2025
Според грчките медиуми, засега нема вести за евентуални жртви или штети. Градоначалникот на Маратон, Стергиос Циркас, изјави за телевизијата ЕРТ дека земјотресот бил многу силен и додаде дека засега нема вести за штети.
Грција се наоѓа на неколку геолошки раседи и често е погодена од земјотреси. Во мај, земјотрес со јачина од 6,1 степени го погоди островот Крит и беше почувствуван дури до Египет и грчкиот главен град, додека во јануари и февруари беше регистрирана силна сеизмичка активност во областа на островот Санторини во Егејското Море.