Македонија
(Видео) Фон дер Лаен: Заев ја доближи Северна Македонија поблиску кон ЕУ
По повод наградата за човекови права за 2020 година, што Фондацијата „Фридрих Еберт“ му ја додели на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, со видеочеститки се приклучија многубројни високи претставници на ЕУ и политичари.
Во своето обраќање, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, вели дека Зоран Заев ја доближил Република Северна Македонија поблиску кон ЕУ, таму каде што и припаѓа.
„Големите лидери се оние што очите ги насочуваат кон иднината, а не кон минатото, и со тоа го менуваат курсот на историјата. Зоран, ти напиша историја, ја донесе Северна Македонија поблиску до онаму каде што припаѓа – внатре во Европската Унија“, порача Фон дер Лаен.
Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград – Приштина и други прашања за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, порача дека преку одговорно и државничко однесување Заев успеал да најде решенија онаму каде што сите гледале конфронтации.
„Кога мислам на Зоран Заев, се потсетувам на изјавата на Нелсон Мандела, која гласи: Секогаш изгледа невозможно сè додека на се случи. Зоран од невозможното направи реалност. Со храбро и одговорно лидерство, со добри намери, ставајќи ја својата држава пред себе и својата политичка кариера, наоѓајќи конструктивни решенија онаму каде што другите гледаа само конфронтации“, посочи Лајчак.
Поранешниот премиер на Грција, а денес пратеник во грчкиот парламент, Алексис Ципрас, порача дека достигнувањата на Заев ја сменија судбината на целиот Западен Балкан.
„Зоран Заев покажа храброст и прогресивно лидерство, што ја смени судбината на неговата земја, судбината на Западен Балкан“, вели Ципрас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Глоба од 1.300 евра за нечисти гуми: Општина Аеродром казни градежна фирма
Општина Аеродром спроведува засилен инспекциски надзор, при што е изречена глоба од 1.000 евра за компанија и 300 евра за одговорното лице, поради прекршување на Законот за јавна чистота.
При извршена контрола на градилиште во близина на СУГС „Димитар Влахов“ на булевар „Трета македонска бригада“, инспекторите утврдија дека градежни возила се движеле по коловоз со нечисти гуми, со што се нарушува чистотата на јавните површини и се создава дополнително загадување .
„Општината нема да дозволи несовесно постапување, а прекршувањата ќе се санкционираат строго и без исклучок. Во наредниот период ќе продолжат и дополнително ќе се интензивираат контролите на сите активни градилишта. Особено внимание ќе се посвети на: Почитување на мерките за заштита на животната средина; Спречување на загадување и несоодветно одлагање отпад; Одржување на чиста и безбедна околина околу градилиштата; Заштита на јавните површини од узурпација“, велат од Аеродром.
Општината упатува апел до сите изведувачи и инвеститори да ги исполнуваат своите законски обврски. Само со дисциплина и одговорност, како што се додава, можеме да обезбедиме уредна, чиста и безбедна средина за сите жители на Аеродром.
Македонија
Трендафилов побара мерки против пратеничката Дафина Стојановска оти ги објави неговите деца и за утре најави блокада на газдите
Утре напладне, повторно со најмалку 21 работник, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ќе ги блокира Стопанската комора, Организацијата на работодавачи на Македонија и Бизнис- конфедерацијата од кои бараат минималната плата да се зголеми на 600 евра, а сите останати плати да се зголемат за најмалку 100 евра. Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов на денешната прес-конференција кажа дека објава на видео од неговите малолетни деца нема да го замолчи и ги повика институциите да преземат мерки против пратеничката Дафина Стојановска.
„Нема да потклекнам, нема да се предадам сѐ додека не се предадат тие и не ги зголемат работничките плати, но ќе дозволите да зборувам за монструмите, оние кои не се под детските кревети. Оние кои седат во пратеничките клупи, кои ги гледате во кафулињата, кои ги среќавате на улица, кои ги имате во партијата, кои снимаат малолетни деца. Монструмите не се само на телевизија. Монструмите се покрај сите нас. Министерството за внатрешни работи, министерот за внатрешни работи и Обвинителството треба веднаш да преземат мерки против пратеничката Дафина Стојановска. Истата Дафина која некој ја познава како богаташка која ми ги објави малолетните деца за да можат сите да ги оцрнуваат и на таков начин да ме уценуваат мислејќи дека ако ме следат мене, преку децата ќе ми направат штета и ќе ме замолчат. Се случија големи катастрофи со деца. Не сакам да верувам дека целта ѝ била тоа, но нормален премиер наместо да дава изјава дека ова е само почеток со заканите кон моите деца и кон моето семејство ќе си дадеше оставка или најмалку, ќе ја разрешеше Дафина. Нормална Влада во нормални држави за ваква работа паѓа“, рече претседателот на ССМ Трендафилов.
Забележувајќи дека „во нормална држава пратеничката веќе ќе беше во затвор“ Трендафилов побара Собранието да поведе постапка за нејзино разрешување и најави дека за случајот ќе ги извести сите амбасади, Делегацијата на Европската Унија, братските синдикати и Меѓународната организација на трудот.
„ Денеска прогон на синдикалци затоа што се борат за зголемување на платите има само во Белорусија и во Мјанмар“, рече Трендафилов.
За време на вчерашната блокада на Собранието, пратеничката Дафина Стојановска на социјалната мрежа „Фејсбук“ објави видео од Трендафилов и неговите две деца со објаснување дека ги вози во службениот автомобил.
Македонија
Сали на средба со амбасадорот на Чешка: Поддршка за реформите и европската интеграција
Министерот за европски прашања и прв заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари средба со амбасадорот на Чешката Република, Јарослав Лудва.
На средбата беше разговарано за европската интеграција на Северна Македонија и за приоритетите поврзани со Реформската агенда и пристапниот процес. Министерот Сали ја истакна посветеноста на Владата на испорака на конкретни резултати, со посебен фокус на владеењето на правото, реформата на јавната администрација, функционирањето на демократските институции и подобрувањето на апсорпцијата на европските фондови.
Соговорниците ја нагласија важноста од континуираната поддршка на Чешката Република за европската перспектива на Северна Македонија, како и можностите за продлабочување на соработката во области поврзани со пристапниот процес, размена на искуства, користење на европските фондови и јакнење на институционалните капацитети.
На средбата беше истакната и досегашната соработка преку европските инструменти, како и поддршката на Чешката Република преку различни проекти со директно влијание врз локалните заедници.
Министерот Сали изрази благодарност за континуираната поддршка и ја нагласи подготвеноста на Министерството за европски прашања за натамошно продлабочување на соработката.

