Македонија
(Видео) Започна аплицирањето за поправка и санација на кровови и лифтови во Општина Центар
Врз основа на Програмата за комунални дејности на Општина Центар за 2020 година, ставка ГДО – Субвенции за замена на кровови и поправка на лифтови, под број 08-6270/32 од 26.12.2019 година (Службен Гласник бр.25 од 2019 година,) донесена од страна на Советот на Општина Центар, Општина Центар објавува јавен повик за финансиска поддршка за поправка и санација на постоечки кровни конструкции и постоечки лифтови на станбени згради на подрачјето на Општина Центар.
„Трета година по ред Општина Центар објавува јавен повик за финансиска поддршка за поправка и санација на постоечки кровни конструкции и станбени згради. Досега се санирани 53 станбени објекти, а проектот е поддржан со средства од буџетот на Општина Центар во висина од 30% од вкупниот износ на вредноста. Ги повикувам сите заинтересирани граѓани и сопственици на заеднички делови од станбените згради да се пријават, да аплицираат на јавниот повик и со тоа да помогнеме, заедно да ги направиме станбените објекти подобро и похумано место за живеење“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
Проектот ќе биде поддржан со финансиски средства од општинскиот буџет, во висина од 30% од вкупниот износ од вредноста, но не повеќе од 150.000,00 денари за реконструкција на постоечки кровни конструкции и висина од 30% од вкупниот износ од вредноста, но не повеќе од 300.000,00 денари за поправка и санација на лифтови за секоја одобрена апликација, поднесена од заинтересирани сопственици на заеднички делови на колективни станбени згради управувани од Управител на станбени згради или Заедница на сопственици. Селекцијата на одбрани апликанти ќе се врши по принципот „Прв дојден, прв услужен“.
Право на учество имаат сите заинтересирани заедници на сопственици на станови, под следните услови: Доколку се работи за реконструкција на постоечки кровни конструкции, тие треба да бидат оштетени, доколку се работи за поправка и санација на лифтови, тие треба да бидат неисправни, но постоечки; сопствениците на станови да имаат регистрирано заедница на сопственици или да имаат избрано управител на станбена зграда; и најмалку 70% од становите во зградата (влезот) да се користат (се вселени) во текот на целата година (вклучувајќи и изнајмени станови).
Пријавите заедно со целата документација можат да се достават секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот директно во архивата на Општина Центар (барака бр.6) или по пошта на адреса ул. Михаил Цоков бр.1 – Скопје, во периодот од 23.11.2020 до 7.12.2020 година.
Повеќе информации и детали за апликација на повикот, вклучително и пријавата за аплицирање, заинтересираните заедници на станари можат да најдат на http://www.centar.gov.mk/?p=10835.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: До 16 часот гласале повеќе од половина од пријавените болни и немоќни лица
Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека до 16:00 часот на вториот круг од локалните избори гласале 2.762 од вкупно 4.826 лица пријавени како болни или немоќни. Во 14 казнено-поправни установи, каде што право на глас имаат 1.256 лица кои издржуваат казна затвор или се во притвор, до 16:00 часот гласале 380 гласачи. Од 214 лица сместени во установи за вонсемејна грижа, своето право го искористиле 78 гласачи, прецизираат од ДИК.
Според информациите од Комисијата, гласањето започнало точно во 7 часот утринава и се одвива без прекини и инциденти во сите општини и во Градот Скопје.
Претседателот на Комисијата, Борис Кондарко, изјави дека нема никакви проблеми ниту со изборниот материјал, ниту со изборните органи. Досега не се пристигнати забелешки, приговори или поплаки.
Во вториот круг од локалните избори, кој ќе се одржи утре, ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за советници. Право на глас имаат 1.013.375 граѓани.
Македонија
Матичарка и службеници ѝ „подариле“ втор идентитет на кумановка, завршија со пријава
Полицијата во Куманово поднесе кривична пријава против четири лица — В.Б. (56), Н.З. (41), Х.Е. (53) и В.П. (67) — под сомнение дека со несовесно постапување во службата овозможиле едно лице да користи два различни идентитета.
Според информациите од СВР Куманово, првопријавената, матичар во подрачната канцеларија на Управата за водење на матични книги во село Лојане, општина Липково, направила незаконит упис во матичната книга на родени, внесувајќи податок дека едно женско лице склучило брак со машко лице и го зело неговото презиме.
Вториот пријавен, исто така матичар, на 26 март годинава издал извод од матична книга на родени со тие податоци, а третиот пријавен, службеник во Одделението за управни работи во Куманово, го примил барањето за издавање пасош.
Четвртиот осомничен, кој работел како виш советник за патни исправи во истото одделение, проценил дека се исполнети условите и го одобрил издавањето на патната исправа.
Со нивното постапување, како што наведува полицијата, на лицето му било овозможено незаконски да користи два идентитета. Против сите четворица е поднесена кривична пријава за делото „несовесно работење во службата“.
Македонија
Непречено се одвива гласањето на болните и затворениците
Гласањето на болните и немоќните лица, лицата кои се во притвор или затвор, како и на граѓаните сместени во установи за вонсемејна грижа, денеска се одвива без потешкотии во сите општини каде што утре ќе се одржи вториот круг од локалните избори, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).
Од Комисијата информираат дека гласањето започнало во 7 часот изутрина и се спроведува непречено на целата територија, вклучувајќи го и Градот Скопје.
Според податоците на ДИК, денес право на глас остваруваат 4.826 болни и немоќни лица, 1.256 лица сместени во 14 казнено-поправни установи и 214 граѓани во 13 центри за вонсемејна грижа.
Вториот изборен круг од локалните избори 2025 ќе се одржи утре, кога ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за избор на советници.
Според избирачкиот список, право на глас имаат вкупно 1.013.375 граѓани.

