Македонија
Нови подводни истражувања во Охридското Езеро
Кон крајот на октомври успешно беше реализиран проектот „Подводно археолошко рекогносцирање на делови од источниот брег од Охридското Езеро“ чиј носител беше НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид. Целта на проектот беше да се рекогносцираат локациите за кои постоеја индиции за археолошки локалитети и поединечни наоди, да се дефинираат нивните граници, да се позицинира нивната географска местоположба со помош на GPS уреди, но и да се откријат нови локалитети, со крајна цел нивно запишување во националниот регистар на културното наследство во РС Македонија.
Потребата за проект од овој тип произлезе од интересот на домашни и странски гости за авантуристички туризам, односно преку нуркачки активности да се посетуваат атрактивни локации во водите на Охридското Езеро. Проектот имаше и заштитен карактер, бидејќи со прогласувањето на локалитетите и поединечните наоди за културно наследство, истите ќе бидат заштитени од нелегални посети и активности.

Покрај рекогносцираните делови кај с. Пештани и с. Трпејца, посебно внимание привлекоа наодите на две локации во околината на локалитетот Плоча Миќов град, откриени при слободни нуркачки активности на членови од нуркачкиот центар Амфора од Охрид. Во првиот случај станува збор за три фрагментирани керамички садови за складишна употреба – питоси, лоциранина длабочина од 45, 35 и 5 м под површината на водата, а во вториот случај тоа е наодот на градежна керамика, односно покривни тегули од лаконски тип, откриени на длабочина од 19,5 метри.
Тегулите од лаконски тип биле во употреба во долг временски период низ антиката, но во конкретниов случај станува збор за тегули со потекло од доцната антика, за прв пат откриени во водите од Охридското Езеро. И во двата случаи, оддалеченоста на предметите на 70 – 100 метри од брегот на езерото, укажува на фактот дека истите биле транспортирани по вода со некаков пловен објект, а од засега непознати причини биле истоварени на овие места.
Она рекогносцирање дава првична слика за она што се случува со овие локалитети и наоди, со што се добива појдовна точка во размислувањето за нивната иднина, која секако ќе опфаќа дополнителни археолошки истражувања, со крајна цел надополнувaње на сликата за животот во крајбрежниот појас од Охридското Езеро од праисторијата до денес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од улицата Леринска лоцирани околу број 3, општина Карпош.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни попладне
Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 l/m² за 24 часа) со услови за појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 14 до 18 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни попладне. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник во претпладневните часови ќе има локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, вдолж Повардарието засилен северен ветер. Потоа до крајот на неделата времето ќе биде стабилно и суво со пониски утрински температури.

