Економија
Бесими на „Денови за финансиска писменост“: Двојно повисок економски раст со Стратегијата за попаметен раст
Преку спроведување на концептот на СМАРТ-финансии – на среден рок може да постигнеме двојно поголем економски раст во споредба со последната деценија, што би значело – подобар стандард за граѓаните, нови работни места, повисоки плати, поквалитетно здравство, образование и животна средина, дигитализација на услугите и воопшто подобри јавни услуги. Концептот на СМАРТ-финансии веќе се имплементира во Предлог-буџетот за 2021 година, каде за првпат има среднорочно планирање, но и се воведуваат механизми за следење на извршувањето. На овие теми зборуваше министерот за финансии Фатмир Бесими на предавањата кои ги одржа во рамки на „Деновите на финансиска писменост“ на Економскиот факултет на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ и на Универзитот на Југоисточна Европа.
Бесими посочи дека среднорочната рамка на новиот буџет се заснива основите или АБЦ-дата од три платформи преку кои треба да се обезбеди заздравување на економијата, а кои понатаму ќе делуваат како катализатор на растот. Тоа се А. Стратегијата за заздравување и забрзан раст или Стратегија за попаметен раст (SmartER Growth), Б. Политиките за фискална консолидација и Ц. Планот за јавни инвестиции 2021-2025.
Стратегијата за заздравување и забрзан раст на економијата се заснива на четири столба – економско заздравување од Ковид-19, забрзан инклузивен и одржлив раст, зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и развој на човечките ресурси и еднакви можности, посочи министерот за финансии.
Министерот посочи дека економското заздравување од Ковид-19 ќе се спроведе преку мерки за заштита на здравјето на граѓаните и социјалната заштита на најзагрозените категории, како и поддршка на економијата, приватниот сектор и заштита на работните места, а по економското заздравување, предвидени се мерки и политики за забрзан, инклузивен и одржлив економски раст. Тие ќе бидат во насока на добро управување – односно владеење на правото, сузбивање на корупцијата и подигнување на капацитетот на институциите, како и обезбедување на фискална одржливост, макроекономска и финансиска стабилност, обезбедување и на локален и рамномерен регионален развој, одржлива и здрава животна средина и дигитализација на економијата и јавните услуги.
Бесими истакна дека истовремено ќе се работи и на зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, на зајакнување на трговските врски и интеграцијата во глобалните синџири. Понатаму ќе се дејствува во насока на подобрување на деловното окружување и сузбивање на сивата економија, на подобрување на пристапот до финансии и адаптацијата на технологиите и модернизација на земјоделството.
Како што посочи министерот за финансии Бесими, инвестициите во човечки капитал остануваат меѓу врвните приоритети во Стратегијата за заздравување и забрзан раст. Ќе се работи на развој на еднакви можности, развој на човечките ресурси преку инвестиции во образование, наука и здравство, поттикнување на поголема активност на работоспособното население и социјална заштита и социјално осигурување.
Покрај политиките и мерките од Стратегијата за попаметен раст, истовремено ќе се спроведуваат политики за намалување на дефицитот, односно јазот на приходната и расходната страна на буџетот – преку подобрување на наплатата на буџетските приходи, намалување и преструктуирање на буџетските расходи и промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит.
Исто така, преку инвестицискиот циклус од 3,1 милијарди евра за следниот петгодишен период од Планот за јавни инвестиции 2021-2025, ќе се поддржат проекти од патната, железничката, комуналната инфраструктура, гасификацијата, енергетиката, инвестиции во образованието и здравството итн. Освен планирањето на капиталните проекти во рамките на Националниот инвестицики комитет на ниво на Влада, ќе се воведат и методи за поттикнување на буџетските корисници за нивно извршување – како методологијата за „наградување и казнување“ која ќе почне да се реализира од буџетот 2021. Имено, доколку буџетските корисници не ги реализираат планираните капитални расходи со 15%, 40% и 65% за првиот, вториот и третиот квартал во годината респективно, средствата ќе им бидат одземени. Исто така, ќе се воведе методологија со која ќе се мери импактот на капиталните расходи врз економијата, посочи Бесими.
Министерот за финансии се приклучи со свои предавања на Деновите за финансиска писменост со цел подигање на свеста за важноста на финансиската едукација, бидејќи како што посочи – поголемата финнсиска писменост на поединците се важни за економијата во целост, бидејќи со носење на добри индивидуални финансиски одлуки се придонесува за подобри економски резултати во целост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Андоновски: Е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел
Владата на Република Македонија ја потврдува својата посветеност кон унапредување на електронската трговија како двигател на економијата, преку спроведување на јасна стратегија за дигитална трансформација, зајакнување на интероперабилноста и намалување на административните пречки за граѓаните и компаниите, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на 8-та Регионална Е-комерц конференција во Скопје.
Тој истакна дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна поддршка од државата преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот.
„Интероперабилноста што ја бесплатно ја овозможивме за повеќе од 76 институции и компании – со повеќе од 2.6 милиони безбедни трансакции месечно и раст од 260% – претставува не само успех на администрацијата, туку можност за приватниот сектор. Таа отвора простор за дигитални услуги, безбедна размена на податоци, брз пристап до потребните административни податоци и нови бизнис-модели што ја поврзуваат државата и компаниите во еден заеднички дигитален екосистем“, изјави министерот Андоновски.
Во рамки на поддршката за мали и средни претпријатија, Министерството за дигитална трансформација преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, им овозможува на компаниите пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред инвестирање. Овој хаб нуди и обуки за дигитални вештини во областа на вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, автоматизација и интернет на нештата, со цел да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар.
Во истата насока, Националниот центар за вештачка интелигенција – Везилка, развива АИ решенија применливи и во приватниот сектор, со што создава услови електронската трговија да стане поефикасна, попаметна и побезбедна.
„Намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за модерна држава. Владата создава инфраструктура каде иновацијата е во центарот, а граѓаните и компаниите се вистинските корисници на дигиталната трансформација“, додаде Андоновски.
Тој најави дека во следниот период Владата ќе продолжи да инвестира во дигитална инфраструктура, унапредување на екосистемот за иновации, како и во програми за поддршка на стартапи и претприемачи во дигиталната економија.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.

