Македонија
Граѓански здруженија бараат закон со кој ќе се спречи изградба на хидроцентрали на Шар Планина
Четириесет и четири граѓански здруженија и иницијативи бараат закон со кој ќе се спречи изградба на хидроцентрали на Шар Планина. Тие велат дека доколку нацрт-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк се усвои онака како што е предложен, ќе овозможи изградба на нови мали хидроцентрали на Шара, во услови кога негативното влијание од постоечките хидроцентрали врз природните вредности, но и животот на локалното население, силно се чувствува.
Здруженијата предупредуваат дека доколку се реализираат зацртаните планови, во идниот национален парк ќе има најмалку 40 мали хидроцентрали.
„Имајќи предвид дека врз основа на овој закон ќе се изработи Планот за управување со националниот парк, а кој се донесува за период од 10 години – Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, наместо долготрајна заштита, може да обезбеди законска рамка за долготрајно уништување. Со намера да спречиме усвојување на закон кој ја остава отворена вратата за продолжување на уништувањето на Шар Планина, се здруживме 44 граѓански здруженија и иницијативи и испративме заеднички коментари до Министерството за животна средина, кое има законска обврска истите да ги земе предвид“, се наведува во соопштението.
Здруженијата сметаат дека закон кој овозможува продолжување на уништувањето на подрачјето кое го заштитува е спротивен на духот и целите на Законот за заштита на природата, од кој произлегува и кој би требало да го спроведе во практика.
„Свесни за потребата за што поитна заштита на Шар Планина и спречување на тековното и идно уништување, додека нацрт-законот не се хармонизира со сите релевантни закони, стратегии, програми, итн., бараме министерот за животна средина, согласно со член 97 од Законот за заштита на природа, да ја стави Шар Планина во привремена заштита“, велат здруженијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерство за здравство: Активиран модул за изразување интерес за соработка на лекари од странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

