Економија
Пад на индустриското производство и бројот на вработени

Индустриското производство во октомври годинава бележи пад од 5,2 отсто во однос на октомври 2019, а од почетокот на годинава до октомври во однос на периодот јануари-октомври лани има пад од 11,3 отсто, објави Државниот завод за статистика.
Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во октомври 2020 година, во однос на октомври 2019 година, бележи опаѓање од 1.5 %, во секторот Преработувачка индустрија бележи опаѓање од 6.2 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 3.7 %.
Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: Производство на прехранбени производи, Производство на пијалаци, Производство на текстил, Производство на облека, Производство на други неметални минерални производи, Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, Производство на електрична опрема и Производство на машини и уреди, неспомeнати на друго место.
Според главните индустриски групи, производството во октомври 2020 година, во однос на октомври 2019 година, бележи опаѓање кај Енергија за 0.2 %, Интермедијарни производи, освен енергија за 3.3 %, Трајни производи за широка потрошувачка за 35.4 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 11.1 %, додека пораст бележи кај Капитални производи за 1.3%.
Индексот на индустриското производство во периодот јануари – октомври 2020 година, во однос на периодот јануари – октомври 2019 година, изнесува 88.7.
Пад на бројот на вработени во индустријата, најмногу во преработувачката
Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на бројот на работниците во индустријата во октомври 2020 година, во однос на октомври 2019 година, изнесува 95.1. Бројот на работниците во секторот Рударство и вадење на камен во октомври 2020 година, во однос на октомври 2019 година, бележи опаѓање од 0.9 %, во секторот Преработувачка индустрија опаѓање од 5.3 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 1.6 %.
Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во октомври 2020 година, во однос на октомври 2019 година, бележи опаѓање кај Енергија за 1.4 %, Интермедијарни производи, освен енергија за 6.3 %, Капитални производи за 4.1 %, Tрајни производи за широка потрошувачка за 4.9 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 5.0 %.
Индексот на бројот на работниците во индустријата во периодот јануари – октомври 2020 година, во однос на периодот јануари – октомври 2019 година, изнесува 95.3.
Цените на индустриските производи со раст на годишно ниво од 1,2 отсто
Според податоците на Државниот завод за статистика, во октомври 2020 година, продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се на исто месечно ниво и повисоки за 1.2 проценти на годишно ниво.
Во октомври 2020, во споредба со септември 2020, продажните цени на производителите на индустриски производи се пониски во групите Енергија за 0.6 отсто, Капитални производи за 0.1 проценти и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 0.1 отсто.
Во октомври 2020, во споредба со октомври 2019 година, продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се повисоки во групите Енергија за 6.0 %, Трајни производи за широка потроошувачка за 3.7 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 0.8 %.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска се сретна со британскиот амбасадор: се разговараше за можностите за размена на искуства во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со британскиот амбасадор Н.Е. Метју Лосон.
На состанокот присуствуваа и Никола Стојаноски, директор за меѓународна трговија и инвестиции во Амбасадата на Обединетото Кралство, како и претставници на меѓународната компанија „Англо Американ“, една од водечките светски корпорации во областа на рударството и металургијата.
Средбата се одржа во духот на континуирана и конструктивна соработка меѓу Македонија и Обединетото Кралство во областа на енергетиката и рударството. Разговарано беше за актуелните активности на Министерството и можностите за размена на искуства и добри практики во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција.
Министерката Божиновска ја истакна одличната соработка со британската амбасада, која, како што нагласи, претставува значаен партнер во процесите на развој на енергетските политики, унапредување на регулативата и поттикнување на одржливи практики во секторот.
Амбасадорот Лосон и претставниците на „Англо Американ“ ја поздравија досегашната соработка со Министерството, изразувајќи интерес за понатамошен институционален дијалог и заеднички иницијативи во насока на зајакнување на билатералните односи.
Економија
Божиновска на 13. Советување на МАКО СИГРЕ: AI може да помага, но не може да го замени креативниот ум, искуството и страста на инженерите

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес го отвори 13. Советување на МАКО СИГРЕ, клучен настан за електроенергетскиот сектор во земјава, кој го собира академскиот и индустрискиот кадар за размена на идеи, иновации и практични решенија.
Божиновска го отвори советувањето како претседател на почесниот одбор. Во своето обраќање, министерката нагласи дека советувањето е место каде се дебатираат најновите реформи и достигнувања во енергетиката.
Божиновска посочи дека, и покрај растечката улога на вештачката интелигенција во анализи и симулации, ништо не може да го замени човечкиот потенцијал и знаењето на професионалците.
„AI може да помага, но не може да го замени креативниот ум, искуството и страста на инженерите кои го обликуваат секој аспект од енергетскиот сектор“, нагласи Божиновска.
Посебен акцент беше ставен на младите инженери и студенти, како иднина на секторот: „Вашата енергија и ангажман се основа на долгорочниот развој на енергетиката“, истакна Божиновска.
Економија
Од 7 октомври годинава побрзи и поевтини плаќања во евра за граѓаните и компаниите, најави Народната банка

Започнувајќи од 7 октомври 2025 година, граѓаните и компаниите ќе можат да ги извршуваат плаќањата во евра со земјите од Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) побрзо и поевтино, соопшти Народната банка.
„Историскиот чекор којшто се направи кога Европскиот совет за плаќањата го прифати барањето на нашата земја за приклучување кон СЕПА им овозможи на домашните банки да се интегрираат во европските платежни шеми во кои учествуваат давателите на платежни услуги од уште 40 земји“, се наведува во соопштението.
Девет банки веќе се целосно подготвени да започнат со извршување плаќања во рамките на шемата за кредитни трансфери СЕПА на почетокот на октомври 2025 година. Согласно објавениот календар на Европскиот совет за плаќања, од 7 октомври 2025 година, плаќањата ќе бидат овозможени преку „НЛБ банка“ АД Скопје, „Стопанска банка“ АД Скопје, „Комерцијална банка“ АД Скопје, „Шпаркасе банка“ АД Скопје, „Халк банка“ АД Скопје, „Прокредит банка“ АД Скопје, „ТТК банка“ АД Скопје, „УНИ Банка“ АД Скопје и „Централна кооперативна банка“ АД Скопје.
Од Народната банка велат дека останатите три банки интензивно работат на интеграцијата во оваа шема на СЕПА и се очекува дека ќе завршат најдоцна до крајот на првиот квартал од 2026 година, согласно рокот утврден со одлука на Народната банка.
Според објавените официјални тарифи на овие 9 банки, плаќањата во евра со земјите од СЕПА се повеќекратно поевтини во споредба со постоечкото кореспондентно банкарство. Притоа, банките нудат пониски надоместоци за електронските плаќања во споредба со плаќањата на шалтерите.
Граѓаните ќе им плаќаат на банките во просек за шестпати помалку за електронско плаќање на износ од 500 ЕУР кон земјите од СЕПА, коешто чини околу 260 МКД наспроти 1600 МКД колку што плаќаат во моментов преку кореспондентното банкарство. За приливите во евра на истиот износ од земјите во СЕПА, граѓаните ќе плаќаат во просек двојно помалку, односно 140 МКД наспроти 280 МКД преку кореспондентното банкарство.
Трошоците на компаниите кон банките исто така значително се намалуваат. Така, за плаќање во евра кон земјите во СЕПА на износ од 20.000 ЕУР, компаниите ќе плаќаат во просек за осумпати помалку, односно надоместокот ќе изнесува околу 570 МКД наспроти 4.740 МКД преку кореспондентното банкарство. За приливите во евра на истиот износ од земјите во СЕПА, компаниите ќе плаќаат во просек тројно помалку, односно околу 390 МКД наспроти 1.180 МКД преку кореспондентното банкарство.
Народната банка и Македонската банкарска асоцијација ги повикуваат граѓаните и компаниите да ги користат придобивките од подготвеноста на банките за извршување на плаќањата во СЕПА од 7 октомври, при што во интерес на ефикасноста ги охрабруваат сѐ повеќе да ги користат дигиталните канали.