Економија
(Видео) Бочварски: Следната година ќе инвестираме четири милијарди денари за капитални проекти

Буџетот за 2021 година на Министерството за транспорт и врски е развоен буџет во кој најголем дел од проектираните средства или 83 проценти се расходи наменети за капитални проекти. Со буџетот планираме да обезбедиме високо ниво на реализација на капиталните инвестиции во делот на гасификацијата, железничката и комуналната инфраструктура, како и станбената изградба, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, на денешната прес-конференција на која го презентираше предлог-буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2021 година.
Предлог-буџетот на Министерството е позициониран на ниво на 5 милијарди и 306 милиони денари, од кои 4 милијарди и 404 милиони денари се наменети за капитални проекти.
„Република Северна Македонија се наоѓа во фаза во која се неопходни крупни инвестиции во инфраструктурата како предуслов за закрепнување и брз развој на државата. Од тие причини за 2021 година проектиравме буџет кој реално ќе овозможи навремена реализација на сите капиталните инвестиции како и обезбедување на потребите на голем број граѓани. Клучен капитален проект на кој ќе посветиме големо внимание е изградба на железницата на Коридор 8 за што проектиравме 1 милијарда и 800 милиони денари. Силен фокус ќе дадеме на доизградба на магистралните гасоводи како важен сегмент за одржување на економската стабилност на домашното стопанство, за што планиравме 749 милиони денари. За поквалитетен живот на граѓаните обезбедивме 937 милиони денари за изградба и реконструкција на канализации и водоводи во општините. За следната година веќе обезбедивме 615 милиони денари за изградба и санација на локални улици и патишта во општините, многу значаен проект за подобрување на урбаното живеење. Она на што сум посебно горд како министер и претходно како градоначалник е што започнуваме со изградба на браната Отиња во Штип. За таа цел проектиравме 150 милиони денари за следната година”, изјави Бочварски.
Додаде дека за следната година предвидени се и 134 милиони денари за изградба на социјални станови, како и 114 милиони денари за проект за олеснување на трговијата за Западен Балкан.
Бочварски информира дека следната година во соработка со Град Скопје ќе почне проект за брз автобуски превоз, а за таа намена предвидени се 33 милиони денари.
Исто така со буџетот планирани се и 69 милиони денари за финансиска поддршка за воведување нови авиолинии.
„За да ги забрзаме сите овие капиталните проекти, не само од ресорот транспорт, туку и преку другите министерства, на централно ниво ќе се формира единица за надгледување и реализација на капиталните проекти се со цел да испорачаме високо ниво на нивна реализација. Така на пример ќе бидеме обврзани во првото тромесечје да реализираме најмалку 15 % од планираните средства, второто тромесечје до 40 %, односно 65 % до третото тромесечје, согласно законот за извршување на буџет за 2021 година. Така да очекуваме силна посветеност во реализација на сите планирани проекти”, истакна министерот Бочварски.
Тој додаде дека во соработка со ЈП за државни патишта продолжува инвестицискиот циклус во патната мрежа низ државата преку изградба на автопати и експресни патишта, како и реконструкција на регионалната патна мрежа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
За четири дена доставени повеќе од 2.500 пријави за самовработување

Во салата на киното „Манаки“ во Битола денеска беа презентирани мерките од оперативниот план за вработување за 2025 година.
Пред голем број граѓани претставниците од Министерството за економија и труд, Агенцијата за поддршка на претприемаштвото и Агенцијата за вработување ги презентираа мерките од оперативниот план, со акцент на трите подмерки од мерката за самовработување (претприемаштво), каде што јавните повици се објавени и сите заинтересирани може да се пријават до 20 јуни.
„Со мерките за самовработување на сите невработени лица им даваме финансиска поддршка за отворање сопствен бизнис, која се движи од 7.000 до 10.000 евра, а со здружување две лица од 14.000 до 20.000 евра. Имаме исклучително голем интерес за овој јавен повик и за само четири дена се пријавени повеќе од 2.500 лица. Ги повикувам сите лица што се заинтересирани да се пријават во кој било од 30-те центри за вработување при Агенцијата за вработување во државата“, рече заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.
Во рамките на јавните повици од мерката 1, „Поддршка за самовработување (претприемаштво)“, во тек се три јавни повици, со кои им се дава можност на повеќе од 1.700 лица да отворат сопствен бизнис и со нив се предвидени:
– финансиска поддршка во форма на грант до 7.000 евра за основање и почнување бизнис за лица постари од 29 години;
– финансиска поддршка во форма на грант до 10.000 евра за основање и почнување бизнис за млади лица до 29 години;
– финансиска поддршка за здружување две лица во ДОО, каде што таа изнесува од 14.000 до 20.000 евра во зависност од целните групи.
Економија
Укинувањето на царините за стоките од САД не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, вели Стојанова

Со новите измени и дополнувања на Законот за царинските тарифи, Собранието ќе даде зелено светло на планот на Владата да се намалат царинските давачки на голем број суровини и репроматеријали што се користат во домашната индустрија и во енергетиката, изјави Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Списокот со 70-ина производи, кој е составен на транспарентен и инклузивен начин, во соработка со Стопанската комора, вклучува намалување до 50 % на царинските стапки што важат во ЕУ, како и укинување на царините за увоз од САД. Овие измени ќе значат пониски трошоци за домашното производство, а со тоа зголемена конкурентност на странските пазари, нови инвестиции и повеќе вработувања“, рече таа.
Укинувањето на царините за стоките по потекло од Соединетите Американски Држави, пак, додаде Стојаноска, не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, со кој испраќаме сигнал за зголемена подготвеност за соработка со нашите стратешки партнери и поддршка за слободната трговија.
„Со оваа законска измена македонските компании ќе станат поконкурентни, ќе се намалат цените за производство и ќе се зголеми извозот, со што директно ќе влијае на растот на економијата. Ова е само еден чекор од поширокиот план за економски раст. Клучна измена со која се посветуваме на економијата во пракса, а не само на хартија“, рече Стојаноска.
Економија
Цените на нафтата го забележаа најголемиот скок во последните неколку години поради стравот од војна

Глобалните цени на нафтата пораснаа за повеќе од 4 проценти забележувајќи го најголемиот дневен процентен пораст од март 2022 година поради стравувањата дека потенцијалното проширување на конфликтот на Блискиот Исток би можело да предизвика големи прекини во снабдувањето со енергија.
Цената на „Брент“, меѓународниот референтен стандард, се зголеми за 4,3 проценти, на 72,40 долара за барел, а американската референтна нафта West Texas Intermediate (WTI) скокна за 5 проценти, на 71,40 долар за барел.
Според „Ројтерс“, ова се најголемите еднодневни скокови за двете референтни цени на нафтата од март 2022 година кога почна војната во Украина.
„Остриот пораст на цените на ‘Брент’ ги одразува не само тековните ризици за снабдување туку и растечкото чувство дека потенцијалната ескалација на конфликтот би можела да трае за разлика од претходните краткотрајни епизоди меѓу Израел и Иран“, рече Ахмад Асири, истражувачки стратег во „Пеперстоун“.
Нервозата на пазарите дополнително се потврдува со движењата на американските берзи, пренесува „Танјуг“.