Македонија
Царовска: Со заедничка соработка и поддршка од ЕУ до иновативни решенија во образованието

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, учествуваше на министерскиот состанок на Платформата за образование и обука, истражување и иновации на земјите од Западен Балкан, во организација на Европската комисија и германското претседателство со Советот на ЕУ, оваа година во виртуелен формат.
Во онлајн обраќањето, Царовска рече дека оваа иницијатива што сега станува реалност, овозможува регионот на Западен Балкан да стане дел од долгорочната стратегија на Европската комисија со што повеќето од предложените мерки и активности ќе бидат проследени со зголемени инвестиции и посилна поддршка од земјите членки на ЕУ.
Нагласувајќи дека националните приоритети во областа на образованието и обуките се во согласност со приоритетите на Платформата, како што се Зелениот договор, дигитализацијата, создавањето работни места и инклузивноста, Царовска посочи дека главен фокус во следниот период ќе биде подобрувањето на квалитетот на образованието и поддршка да одговори на потребите на пазарот на труд, како и зајакнување на средното стручно образование. Исто така, ќе се вложува во обуки и кариерен развој на наставниците, во прилагодување и иновирање на системот на обука на наставниците, подобрување на наставните програми и инвестирање во регионалните центри за стручно образование и обука за млади лица, како и за преквалификација и доквалификација на возрасни.
„Создавањето нови работни места и зголемување на можностите за вработување останува предизвик поради пандемијата, која, за жал, е широко распространета во нашата земја и во регионот. Затоа, процесот на континуирани реформи во средното образование, фокусиран на средното стручното образование, ќе продолжи и од голема важност е дополнителното финансирање во овој сектор. Трите регионални центри за стручно образование и обука ќе бидат отворени на почетокот на 2021 година“, рече министерката Царовска.
Подобрувањата во дигитализацијата на образованието и воспоставувањето соработка преку новиот акционен план за дигитално образование (ДЕАП) со балканскиот регион за периодот од 2021 до 2027 година, министерката Царовска ги најави како следни активности. Таа го искажа интересот за учество во новиот програмски циклус на Еразмус програмата и Европскиот корпус најавувајќи активно учество во процесот на развој на заеднички стандарди и процедури за признавање на академските квалификации и студии во странство.
Платформата за образование и обука, истражување и иновации на земјите од Западен Балкан ја стимулира, следи и поддржува соработката во истражувањето, образованието и иновациите меѓу земјите членки на Унијата, од Западен Балкан и други придружни земји на Хоризонт 2020. Годишните министерски состаноци овозможуваат идентификување на заедничките приоритети, споделување информации за најновите политики и мерки во делот на реформите, како и одлучување по теми за регионална соработка со помош на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бесплатни анализи на почвата во Општина Илинден

Во насока на унапредување на земјоделското производство, Општина Илинден и годинава ја реализираше акцијата за испитување на квалитетот на обработлива почва на територијата на општината. Земени се примероци од вкупно 20 локации, опфаќајќи ги сите населени места во општина Илинден.
„Агрохемиските анализи се извршени во акредитирана лабораторија при Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје. Целта на ова испитување е земјоделците навремено да добијат стручни информации за состојбата на почвата која ја обработуваат, што ќе им овозможи прецизно и рационално ѓубрење на културите, зголемување на приносот, подобрување на квалитетот на земјоделските производи, како и намалување на загадувањето на почвата. Резултатите од анализите се јавно достапни и можат да се прегледаат на официјалната веб-страница на Општина Илинден (ilinden.gov.mk).“соопштија од Општината.
Од таму велат дека овој проект е дел од Стратешкиот план за развој на Општина Илинден 2022–2026 и најавија дека ќе продолжи континуирано да се спроведува, со цел да се опфатат што е можно повеќе земјоделски површини и да се обезбедат подетални податоци за квалитетот на земјиштето на целата територија на општината.
Македонија
СДСМ: Не сметаме дека еврокомесарката Кос имаше лоша намера со изјавите за идентитетот

Не сметаме дека еврокомесарката имаше лоша намера, но апелираме да кога се говори за чувствителни прашања и теми кои за за жал непотребно се отвораат иако се јасно затворени, треба да се биде внимателен во изјавите, велат од СДСМ, во врска со изјавата на еврокомесарката за проширување, Марта Кос, што ја даде во Скопје.
Кој рече дека идентитетот никогаш не може да стане предмет на политичко одлучување, идентитетот го носиме во нас, во нашите души, во нашите срца, идентитет е како се чувствуваме, како ја чувствуваме нашата татковина.
„Идентитет е како се чувствуваме, како ја чувствуваме нашата татковина. Идентитет е како се грижиме за нашата традиција, на пример манастирите во Северна Македонија, погачата, тавче-гравче, пинџурот или полнетите пиперки“, рече вчера Кос на прес-конференција во Владата.
Бурна реакција во јавноста предизвика изјавата на Кос која во контекст на идентитетот ги посочи традицијата, манастирите, погачата, тавчето гравче, пинџурот, полнетите пиперки, традиционалните носии.
„Очекувавме еврокомесарката Кос да го истакне она што ЕУ самата го има потврдено во сите документи и сите договори, а тоа е дека македонскиот јазик и идентите се целосно признати од Унијата. Ова е неспорен факт, ние како граѓани на Македонија знаеме кои сме, што сме и од каде потекнуваме. Како јазикот, така и идентитетот се јасно потврдени во сите веќе потпишани договори со ЕУ. Не сметаме дека еврокомесарката имаша лоша намера, но апелираме да кога се говори за чуствителни прашања и теми кои за за жал непотребно се отвораат иако се јасно затворени, треба да се биде внимателен во изјавите“, велат од СДСМ.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Индустриското производство во мај зголемено за 9,4 проценти во споредба со минатата година

Премиерот Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на растот на индустриското производство во Македонија, изјави:
„Да, исклучително сме задоволни, бидејќи индикаторите, посебно во вториот квартал, почнуваат конечно да покажуваат раст. Значи оној период на стабилизација на македонската економија, сега е проследен со раст. Токму една од причините за таквиот раст е и работата на компании слични на Реплек, каде што сме денеска. Да го поздравиме сето ова што го прави менаџментот тука и да ги охрабриме да продолжат во таа насока.
Раст од 9,4% речиси двоцифрен раст на индустриското производство во мај, споредено со мај минатата година и раст на 9% на преработувачката индустрија во мај, е нешто коешто навистина за нас е многу значајно“, вели Мицкоски.
Додаде дека ако се земе периодот од почетокот на годината заклучно со мај месец, односно првите 5 месеци споредено со истиот период лани, растот е над 3 проценти, однсоно е 3,3%, а кај преработувачката индустрија 4,5%.
„Можам слободно да заклучам дека периодот на консолидирање и стабилизација е завршен, сега почнуваме преку овие индикатори да генерираме раст. Туризмот расте со повеќе од 20% и расте индустриското производство, растат инвестициите и така натаму. Ценам дека вториот квартал, би требало да имаме исклучително висок раст на македонската економија.“