Македонија
Дождливо со температура до 11 степени

Времето ќе биде значително облачно со повремени локални врнежи од дожд, претежно во западните делови. Ќе дува умерен, по должината на Повардарието повремено засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 4, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје ќе биде облачно со услови за повремен слаб дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне 8 степени.
Во следните денови ќе преовладува значително облачно време, на места со врнежи од дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст, особено за време на викендот кога ќе има и сончеви периоди. Пообилни врнежи се очекуваат в недела во текот на ноќта и в понеделник претпладне.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Порака од претседателката Сиљановска-Давкова по повод 80. годишнината од основањето на ООН

Пред осумдесет години, Обединетите Нации се издигнаа од урнатините на Втората светска војна за да спречат идни војни, да го прекинат колонијализмот, да ги почитуваат човековите права, да ја унапредат правдата и меѓународното право. Нивната Повелба ја зацврсти суверената еднаквост на државите. Нејзините агенции се стремеа да создадат подобар свет, градејќи мир не само меѓу народите, туку и со природата, истакна претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, по повод 80. годишнината од основањето на ООН.
Осумдесет години подоцна, вели претседателката, многу од овие достигнувања, за жал, се поткопани.
„Мултилатералниот систем заснован на правила сега е распукан од тежината на растечката мултиполарност. Поради тоа што се сѐ повеќе парализирани кога е најпотребно, Обединетите нации опасно се приближуваат до „моментот на Лигата на народите“, до стариот светски поредок во кој силните прават што можат, а слабите трпат што мораат. Македонските граѓани искусија некои од овие двојни стандарди уште од првиот ден на нашето членство во ОН во 1993 година. Сепак, веруваме дека малите земји треба да бидат најголемите поддржувачи на ефективниот мултилатерализам со реформирани и силни ОН во центарот. Го усвоивме Пактот за иднината како обновен глобален општествен договор, бидејќи сите страни споделуваат одговорност не само во почитување на своите права, туку и имаат и должност да се грижат за системот“, кажа Сиљановска-Давкова.
Таа додаде дека „оваа 80. годишнина е повик за будење за да ја потврдиме нашата посветеност на Повелбата на ОН и нејзиниот меѓународен поредок заснован на правила. Од нас зависи дали ОН ќе се справат со предизвиците и ќе продолжат да градат иднина на мир, правда и напредок на здрава планета“.
Македонија
(Видео) Филипче: Се потврди труењето во Трубарево, барам истрага и оставки од надлежните министри

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска ја обвини Владата дека лажела за степенот на загадување и доцнела со реакција по неодамнешниот пожар во Трубарево, со што, како што рече, директно е одговорна за труењето на жителите од ова и околните населени места.
„Власта лажеше дека воздухот во Трубарево не е загаден, задоцни со реакција и не презеде никакви итни мерки за заштита на граѓаните, вклучително и евакуација. Со тие лаги е директно одговорна за труењето на луѓето во Трубарево и околината. Официјалните податоци, кои беа објавени дури шест дена по пожарот, покажуваат алармантни бројки: 12 пати над дозволеното ниво на кадмиум во воздухот (59,1 ng/m³ наспроти дозволени 5), покачени вредности на арсен и олово. Ова е воздухот што го дишеле нашите деца“, предупреди Филипче.
Тој порача дека одговорност мора да има и бара оставки од министерот за внатрешни работи, министерот за здравство и директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
„Барам итни оставки од министерот за внатрешни работи и министерот за здравство, како и од директорот Стојанче Ангелов. Барам обвинителството да отвори истрага и да одговараат сите кои дозволија со своето непостапување да се загрози животот и здравјето на луѓето.Итна истрага од Јавното обвинителство и кривична одговорност за сите службени лица кои со своето непостапување дозволија да се загрози животот и здравјето на граѓаните“, изјави претседателот на СДСМ, Филипче.
Министерството за животна средина вчера ги објави резултатите од мерењата на квалитетот на воздухот во Трубарево по пожарот што изби минатата сабота. Според извештајот на акредитираната лабораторија, примероците земени на 13 и 14 септември покажуваат сериозно надминување на дозволените вредности на штетни материи во воздухот. ПМ10 честичките биле речиси двојно над максимално дозволената граница, со измерени 92,65 микрограми на кубен метар, наспроти дозволените 50. Концентрацијата на олово изнесувала 0,75 микрограми на кубен метар, и таа исто така ја надминува дозволената вредност од 0,5. Покачени биле и нивоата на арсен, со 8,9 нанограми на кубен метар, додека дозволеното ниво е 6. Најдрастично отстапување е забележано кај кадмиумот, каде што се измерени 59,1 нанограм на кубен метар, што е повеќе од десет пати над границата од 5.
Македонија
(Видео) Алиу: Во рекордно време реализиравме над 1.250 вработувања во јавно здравство

Министерот за здравство, Азир Алиу заедно со заменик министерот, Јовица Андовски, ги поздравија присутните на отворањето на 27. Синдикална школа на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.
„Во рекордно време реализиравме над 1.250 вработувања во 85 јавни здравствени установи низ државата, како дел од стратешкиот процес на кадровско зајакнување на здравствениот систем. Паралелно го спроведуваме и процесот за вработување на приватните специјализанти, со кој решаваме децениски егзистенцијален проблем на оваа категорија здравствени работници. Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита е наш партнер со кој со заеднички заложби работиме на унапредување на статусот на секој здравствен работник во државата“, истакна министерот Алиу во видео-обраќањето.
Воедно, тој порача дека Владата реализираше значајно зголемување на платите на здравствените работници, и тоа во износ од 4.815 денари нето за сите здравствени работници, а за медицинските сестри ова зголемување изнесува дури 6.200 денари. Оваа мерка значи суштинско вреднување на трудот на медицинскиот персонал.
Заменик министерот Андовски, пак, кажа дека Министерството за здравство е отворено за соработка со синдикатот.
„Го почитуваме достоинството на докторите и целиот персонал кои се чувари на здравјето на граѓаните. Министерството за здравство е отворено за соработка со синдикатот и заеднички продолжуваме да ги решаваме сите отворени прашања и предизвици, со цел да излезаме во пресрет на здравствените работници и секако на пациентите“, рече во своето обраќање заменик министерот Андовски.