Култура
(Видео) Министерски состанок на агендата на Западен Балкан за образование, обука, истражување и иновации
Денеска, се одржа министерски состанок на агендата на Западен Балкан за образование, обука, истражување и иновации, кој ги обедини клучните засегнати страни од Европската Унија и од регионот на Западен Балкан. За време на состанокот, кој се одржа онлајн, министрите одговорни за иновации, истражување, образование и култура од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и од Србија разговараа и ги изнесоа своите ставови за агендата на Западен Балкан на одделни тематски тркалезни маси.
За време на состанокот, Марија Габриел, европски комесар за иновации, истражување, култура, образование и млади, ги претстави својата визија и новиот наратив за Западен Балкан: „Агендата на Западен Балкан за иновации, истражување, образование, култура, млади и спорт“, сеопфатна долгорочна стратегија за соработка меѓу Европската Унија и Западен Балкан.
На состанокот, кој се одржуваше на високо министерско ниво, учествуваше и министерката за култура, Ирена Стефоска, која во своето излагање потсети на културните вредности потенцирајќи ги трите приоритети на својот мандат: европските интеграции, културното наследство и младите.
„Би сакале овие приоритети да бидат повидливи во агендата за култура на Западен Балкан“, рече Стефоска.
Министрите на денешниот состанок ја вклучија културата во агендата – Западен Балкан преку посебна стратешка линија. Покрај ова, на состанокот на високо ниво беше усвоен и повисок буџет за програмата „Креативна Европа“ при Европската комисија. Во рамките на овие цели потребно е да се обрне особено внимание на создавањето регионална платформа за културни политики, која би вклучувала и заедничка база на податоци. За културното наследство, Стефоска рече дека е неопходно да се поттикнуваат иновативни пристапи и алтернативно користење на културното наследство со цел создавање нови врски и традиции што ги зближуваат заедниците и го засилуваат чувството на припадност. Во своето излагање пред високите делегати од ЕК и министрите од Западен Балкан, Стефоска ја нагласи потребата од засилена поддршка на мобилноста на културните оператори, особено на младите, и поддршка и развој на креативните индустрии.
На крајот, министерката Стефоска потенцира дека ни е потребна оваа заедничка агенда на Западен Балкан за иновации, истражувања, образование, култура, млади и спорт и дека сме одлучни да продолжиме да ја развиваме и да ја прошируваме европската културна арена како суштинско средство за градење на нашата иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.