Култура
Ревија филмови на Митко Панов во Кинотека
Кинотеката организира ревија филмови на режисерот, сценарист и продуцент Митко Панов на 8, 9 и 10 декември во кинотечната сала. Филмофилите ќе имаат можност да ги видат неговите кратки филмови Со кренати раце (креативен документарец) и Ливада (игран), долгометражниот документарец Земјаци и долгометражните играни филмови „Војната заврши“ и „Сведок“ (во кој славниот актер Бруно Ганц ја оствари неговата последна главна улога на филм).
Панов ќе биде присутен на проекциите и ќе одговара на прашањата на публиката.
Митко Панов (Скопје, 17.04.1963) студирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Во период од 1983 – 1988 студира филмска режија на Високото државно училиште за филм, телевизија и театар во Лоѓ, Полска. Неговите остварувања се емитувани на бројни телевизиски станици како PBS, А & Е, ZDF, Channel + и Channel 4. Првиот негов краток филм „Леб и сол“ е снимен 1986 во бродоградилиштето „Ленин“ во Гдањск, местото каде што во 1980 година е формиран независниот синдикат „Солидарност“ и жариште на демократките промени во Полска во осумдесеттите години…
Митко Панов со неговиот студентски филм СО КРЕНАТИ РАЦЕ (во полска продукција),снимен во 1985 година, е сосема нетипичен изданок. Тој филм по шест години, во 1991-та, учествува на фестивалот во Кан и ја добива „Златната палма“ за најдобар краткометражен филм. Претходно филмот исто добивал награди на фестивалите во Краков, Минхен,Тел Авив, Римини и Монте Касино, но наградата во Кан ја заокружи неговата приказна.
За краткиот документарец БЕРИЌЕТ (кој е дел од трилогијата ЧОВЕКОТ И ТРУДОТ) во 1995 на Меѓународниот филмски фестивал Исмаилија (Египет) доби Гран При за режија.
Панов со децени предава филм на Универзитети во САД и Европа. Еден од неговите студенти бил и режисерот Стив Меквин (Steve McQueen) од Англија, оскаровец со филмот12 ГОДИНИ РОПСТВО (12 Years a Slave, 2014) и еден од најуспешните режисери последнава деценија во светот.
Екранизацијата на романот „Пиреј“ на Петре М. Андреевски останува негов сè уште неостварен филмски сон…
8 ДЕКЕМВРИ (ВТОРНИК), 18:00 Ч.
СО КРЕНАТИ РАЦЕ
(Z podniesionymi rekami / With raised hands)
Документарен филм, Полска
1985, 6 минути, црно-бел
Режија: Митко Панов
Сценарио: Митко Панов
Улоги: Јарослав Дунај, Кшиштоф Франио, Моника Мозер (Jaroslaw Dunaj, Krzysztof Franio, Monika Mozer)
Вистинита приказна за холокаусот, фиктивна ре-креација на еден вистински настан: депортацијата на Евреите од Варшавското гето во април 1943 година. Филмот ги замислува моментите пред и по снимањето на познатата фотографија од Втората светска војна, на која се жена и дете со кренати раце, дел од бројните жртви Евреи во Полска за време на Втората светска војна…
СО КРЕНАТИ РАЦЕ е студентски филм на Митко Панов, снимен во полска продукција, и освои повеќе меѓународни награди вклучувајки ја и „Златната палма“ за најдобар краткометражен филм во Кан 1991. Награден и на фестивалите во Минхен, Краков, Тел Авив, Римини и Монте Касино.
ЛИВАДА
(Meadow)
Игран филм, Македонија
1998, 20 минути, колор
Режија: Митко Панов
Сценарио: Русомир Богдановски, Митко Панов (Според расказот „Порта на одморот“ на Русомир Богдановски)
Улоги: Јосиф Јосифовски, Мето Јовановски
Приказна за пријателството помеѓу два лика кои очигледно многу се разликуваат. Едниот е доктор, христијанин, додека другиот е селанец, муслиман. И на едниот и на другиот работата им е сè. Кога поради здраствени проблеми селанецот не ќе може повеќе да ја коси ливадата, тој одлучува и покрај противењето на докторот да го стори тоа. Косењето на ливадата е кобно за селанецот кој умира. Косењето на ливадата го завршува докторот.
ЛИВАДА ја доби специјалната награда од жирито на Меѓународниот фестивал на краткометражен филм во Клермон-Феран, Франција, 2000, и беше прогласен за најдобар филм на Балканот на Фестивал на краткометражен филм во Драма, Грција, 2000.
ЗЕМЈАЦИ
(Comrades)
Документарен филм, САД/Македонија
2000, 106 мин., колор, ДЦП
Режија: Митко Панов (MitkoPanov)
Сценарио: Митко Панов (MitkoPanov)
Документарен филм за бесмисленоста, жестокоста и еродирањето на животот на поединецот по и за време на граѓанската војна во некогашна СФР Југославија во почетокот на деведесеттите години од минатиот век.ЗЕМЈАЦИ е познат и под насловот ДРУГАРИ (Comrades).
Авторот Панов доаѓа во родната Македонија и 15 години по завршување на служењето на воениот рок во некогашната Југословенска народна армија (ЈНА) решава да ги посети неговите некогашни војнички другари, а сето тоа да го забележи во видеокамера. Мислел дека таа негова мисија ќе ја заврши за време на летниот распуст од неговите обврски како професор во САД: снимањето на ЗЕМЈАЦИ траело 4 години, Панов со камерата ги посетува војничките другари во неколку градови во некогашна Југославија, но и низ Европа, каде што некои емигрирале…
ЗЕМЈАЦИ учествуваше на филмскитефестивали Синеквест во Сан Хозе, Калифорнија (САД),XSW – Југ-Југозапад, Остин,Тексас (САД), Скопје филм фестивал, Филмски фестивал, Мотовун, Хрватска…
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: бесплатен влез
9 ДЕКЕМВРИ (СРЕДА), 18:00 Ч.
ВОЈНАТА ЗАВРШИ
(The War Is Over)
Игран филм, Македонија/Швајцарија
2010, 103 мин., колор, ДЦП
Режија: Митко Панов (MitkoPanov)
Сценарио: Митко Панов (MitkoPanov)
Улоги: Музафер Етеми, Шеќерие Буќај, Енвер Петровци,Армонд Морина, Љупчо Тодоровски, Селман Локај, Сулејман Локај, Блерта Сула, Дрито Аме (Muzafer Etemi, Sheqerie Buqaj,Enver Petrovci, Armond Morina, Ljupcho Todorovski,Selman Lokaj,Sylejman Lokaj, Blerta Syla, Dritero Ame)
Во 1999 семејството Рахмани и нивните три деца за време на НАТО бомбардирањето во Србија емигрираат во Швајцарија. После неколку години тие се соочуваат со депортација. Очајни да останат, Расим- таткото на семејството и еден поранешен учител по музичко- организираат Албанска група за Танцување со цел на собирање на потписи од Заедницата за нивна поддршка. Војната заврши e интимна приказна која го отсликува искуството на сите иселеници во ера на глобализација. Може ли добриот човек да издржи притисоците на војна, егзил и депортација? Ќе биде ли во можност повторно да го изгради својот живот во странство?
ВОЈНАТА ЗАВРШИ е игран филм чија инспирација е судбината на едниот од војничките другари на Панов од ЈНА, прикажани во неговиот долгометражен документарец ЗЕМЈАЦИ. Во ЗЕМЈАЦИ има околу десетина портрети на луѓе, а еден од нив е и Кадри, кој е учител во близина на Медвеѓе и кој во 1999 година емигрира во Швајцарија.Слоганот на филмот е „Најголемата војна е онаа под твојот покрив“.
Филмот ја доби специјалната награда на Фестивал на јужноевропски филмови во Лос Анџелес, 2011, Медиа награда на Меѓународниотфилмски фестивал Прифест во Приштина, 2010, а беше прогласен за најдобар филм на Балканот на Меѓународниотфилмски фестивал во Тирана, 2010…
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: бесплатен влез
10 ДЕКЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 Ч.
СВЕДОК
(I Witness)
Игран филм, Македонија/Швајцарија/Ирска
2018, 115 мин., колор, ДСП
Режија: Митко Панов (MitkoPanov)
Сценарио: Митко Панов, Владислав Пасиковски (MitkoPanov, Wladyslaw Pasikowski)
Улоги: Бруно Ганц, Наташа Петровиќ, Падек Дилејни (Bruno Ganz, Natasha Petrovic, Pádraic Delaney)
СВЕДОК е акциона драма за еден помлад истражител од Хашкиот воен трибунал, полн со ентузијазам, кој е во потрага по правдата. Апсењето на Генералот Миро Антиќ става крај на потерата долга една деценија која постојано ги фрустрираше неговите гонители од Западот и оставаше да гние едно од најкрвавите поглавја во поновата историја на Европа.
Тој e обвинет од страна на Трибуналот за воени злосторства на ОН по обвиненијата за геноцид и злосторства против човештвото, но кога претставник од Хаг доаѓа во потрага по клучниот сведок, Никола Радин, познат како Генералот, почнуваат проблемите. Излегувањето од дивината не е лесно затоа што локалните жители не сакаат Генералот да сведочи против Антиќ, кој тие го доживуваат како нивен национален херој.Крвавата потера ќе му даде животна лекција на младиот претставник кој ќе сфати дека постојат многу повеќе нијанси од она што тој сметал дека е „црно и бело“.
СВЕДОК е снимен на локации во Хрватска, Македонија (Трескавец, Маврово, Галичник, Маџари…) и Ирска.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: бесплатен влез
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина Бред Арнолд – пејачот на американскиот бенд 3 Doors Down
Бред Арнолд, пејачот и основач на американскиот рок-бенд 3 Doors Down, најпознат по хитовите „Kryptonite“, „When I’m Gone“ и „Here Without You“, почина на 47-годишна возраст, неколку месеци откако објави дека боледува од тешка болест.
Бендот ја објави тажната вест
„Со тешко срце ја споделуваме веста дека Бред Арнолд, основач, главен пејач и текстописец на 3 Doors Down, почина во саботата, на 7 февруари“, објави бендот на Инстаграм.
„Почина во сон, опкружен со љубов, покрај својата сопруга Џенифер и семејството, по храбра борба со рак“, додадоа тие, споменувајќи ја неговата сопруга Џенифер Сандерфорд.
Бендот се присети на Арнолд како на основач, пејач и оригинален тапанар, кој оставил силен белег во мејнстрим рокот, спојувајќи пост-гранџ звук со емоционално директни текстови кои лесно допирале до публиката.
„Песните на Бред одбележаа една генерација и создадоа некои од најголемите хитови на 2000-тите, вклучително и онаа која го прослави бендот – ‘Kryptonite’ – која ја напиша на час по математика на само 15 години“, стои во објавата. „Неговата музика го надмина концертниот простор, создавајќи моменти на поврзаност, радост и заедничко искуство кои ќе живеат и по неговите настапи.“
Го опишаа и како „посветен сопруг“, додавајќи: „Неговата добрина, хумор и великодушност ги допреа сите кои имаа среќа да го познаваат. Најблиските ќе го паметат не само по талентот, туку и по неговата топлина, скромност, вера и длабока љубов кон семејството и пријателите.“
„Семејството е длабоко благодарно за излеаната љубов и поддршка во ова тешко време и моли за почитување на приватноста“, се заклучува во соопштението на бендот.
Борба со тешка болест
Во мај минатата година, Арнолд објави дека боледува од рак на бубрег во четврта фаза. Во видео објава на Инстаграм откри дека болеста се проширила на белите дробови, поради што морале да ја откажат турнејата.
Почетоци на бендот и хитот напишан во средно училиште
Бред Арнолд е роден во 1978 година во Ескатаупа, Мисисипи. Бендот 3 Doors Down го основал како матурант, заедно со пријателите Тод Харел (бас) и Мат Робертс (гитара).
Во 1998 година им се придружил гитаристот Крис Хендерсон и заедно издале независно CD издание со рана верзија на песната „Kryptonite“, која постигнала голем успех на локалните радио-станици.
„Ја напишав таа песна на час по алгебра во средно училиште“, се присети Арнолд во едно интервју, објаснувајќи дека токму креативното пишување го поттикнало да ги создава текстовите како кратки приказни.
Патот до ѕвездите
Во 1999 година, бендот потпиша договор со Universal Republic Records. Им се придружи тапанарот Ричард Лајлс, што му овозможи на Арнолд целосно да се посвети на пеењето и пишувањето.
Нивниот деби албум The Better Life излезе во 2000 година и постигна голем успех, пред сè благодарение на синглот „Kryptonite“, кој им донесе и номинација за Греми.
Албумот Away from the Sun од 2002 година ги донесе хитовите „When I’m Gone“ и „Here Without You“, а и следните албуми продолжија да се искачуваат високо на топ-листите. Вкупно имаат издадено шест студиски албуми.
Личен живот и хуманитарна работа
Во 2004 година, бендот ја основа хуманитарната организација The Better Life Foundation. Арнолд претходно јавно зборуваше и за својата борба со алкохолизмот, и дека побарал помош и останал трезен.
Изложби
„Шумите не се само наши“: Се отвори уметничка изложба посветена на балканскиот рис
Во пријатна атмосфера синоќа во КСП Центар – Јадро беше отворена изложбата „ЗОРА – Нејзината заборавена шума“ на визуелната уметница Драгослава Ѓуриќ, инспирирана од континуираната работа на Македонското еколошко друштво (МЕД) за зачувување на балканскиот рис. Токму затоа, лицето на изложбата е младата балканска рисица Зора, како дел од кревката популација што сè уште преживува во балканските шуми.
„Отсекогаш сум ги сакала животните и сум се чувствувала поврзано со нив. Сакав да помогнам да се заштитат така што ќе го правам она што најдобро знам – а тоа е сликањето. Истовремено, решив да се фокусирам на непопуларни и недоволно финансирани видови, па открив дека помалите диви мачки се прилично непознати во споредба со нивните покрупни роднини. Така дознав за балканскиот рис и за Македонското еколошко друштво, од каде што веднаш ме поканија да дојдам со нив на терен и од прва рака да видам како изгледаат живеалиштата на ова животно. Идејата за мојава изложба се роди во текот на таа една недела што ја поминав со нив, кога увидов колку се професионални и упорни, колку ја сакаат својата работа, но и животните што се трудат да ги заштитат“, истакна уметницата Драгослава Ѓуриќ пред присутните посетители.
Токму затоа, сакајќи да ги поддржи натамошните заложби за зачувување на балканскиот рис, таа одлучи нејзината изложба да биде продажна, покажувајќи дека уметноста не е само начин емоционално да се поврземе со насликаното, да си ја нахраниме љубопитноста и да си ги прошириме видиците, туку и конкретно да придонесеме кон зачувувањето на дивиот свет.
Насликани со маслена техника, изложените платна му нудат на посетителот искуствена можност да влезе во балканската шума, да го почувствува нејзиниот пејзаж и да си замисли како изгледа светот на Зора. Во април 2025 година на Зора ѝ беше поставен околувратник за да се добијат значајни информации за однесувањето, движењето и навиките на балканскиот рис, со крајна цел да се планираат подобри мерки за неговата заштита.
„Зора вистински постои. Таа не е апстрактен концепт или бројка, туку вистинско живо суштество што во тој шумски свет живее хармонично со многу други видови, од кои тука се претставени само некои. Сликите во случајов не се само декорација на ѕидот, тие се мала шума во која може
да влезете и можеби да го почувствувате истото што го почувствував и јас додека бев на терен со тимот на МЕД – дека природата не е далеку од нас и дека треба одново да научиме како да ја гледаме“, додаде уметницата.
Како што истакна д-р Диме Меловски, раководител на програмата за заштита на дивите животни во МЕД, на барање на уметницата, изложбата е дополнета со дел од најефектните теренски фотографии на рисот, од кои повеќето се „уловени“ со фотозамки, како и со теренски видеоснимки од Зора и од останатите животни во овдешните краишта. Преку нив, се доловуваат не само реалните опкружувања на балканскиот рис, туку и теренската работа што МЕД веќе 20 години ја спроведува во рамки на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“ заедно со партнерските организации од Косово и Албанија.
Изложбата во Скопје е отворена за сите возрасти и ќе трае до 12 февруари.
Култура
Прилепскиот дувачки оркестар повторно активен по 10 години
По десет години пауза, повторно започна со работа еден од најпрепознатливите музички симболи на градот – Прилепскиот дувачки оркестар. Возобновувањето на оркестарот се реализира со почетна логистичка и финансиска поддршка од Општина Прилеп, во согласност со можностите и програмските активности на новооформениот состав.
Првиот јавен настап на возобновениот Прилепски дувачки оркестар ќе биде во рамки на карневалот „Прочка 2026“, додека програмата на оркестарот ќе се темели на оригиналност и разновидност.
Дејан Проданоски, градоначалникот на Општина Прилеп, присуствуваше на првата проба на возобновениот оркестар и истакна дека Прилеп континуирано инвестира во културата и во зачувувањето на локалниот културен идентитет. Притоа, тој истакна големо задоволство на фактот што по десетгодишен прекин, Градскиот дувачки оркестар повторно е активен и ќе биде составен од млади, професионални и талентирани музичари од Прилеп, кои продолжуваат традиција подолга од еден век.
Прилепскиот дувачки оркестар привремено ќе ги одржува своите проби во просториите на ООУ „Блаже Конески“, а во моментов брои 14 академски образовани млади музичари од Прилеп. Како дел од идни активности, во репертоарот на оркестарот се вбројуваат учество на градските празници, свечености и културни манифестации.
Градот Прилеп, со повеќе прекини низ годините, последен пат имал активен градски дувачки оркестар до 2015 година, иако традицијата на вакви оркестри е децениска. Првиот прилепски дувачки оркестар бил формиран во 1924 година, а во 1930 година бил основан првиот поголем оркестар од околу 20 членови, составен од лимено-дувачки инструменти, формиран од железничарите и железницата, под диригентство на Ѓорѓи Шабаноски – Шабанче.
Во подоцнежниот период, со одредени прекини, градскиот дувачки оркестар функционирал сè до 2015 година, при што значаен придонес во развојот и зачувувањето на оваа традиција дал Илија Јанчулески, кој со генерации музичари ја одржувал оваа културна вредност.

