Македонија
Битолскиот и софискиот универзитет заедно го празнуваат Свети Климент Охридски
Софискиот и битолскиот универзитет денеска во рамки на заедничкото празнување на Свети Климент Охридски ја започнаа заедничката научна конференција на тема „Димензиите на компетенциите“ која ja отворија министерката за образование и наука, Мила Царовска, заменик-министерот за образование, Тања Михајлова, ректорот на софискиот универзитет проф. д-р Анастас Герджиков и проректорот на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ -Битола, проф.д-р Марјан Ѓуровски.
На конференцијата учество земаат професори од двете земји со трудови и истражувања, конференцијата на крајот ќе резултира со издавање заеднички зборник на трудови за што е формиран заеднички научен, програмски и организациски комитет.
Во своето обраќање на свеченото отворање министерката за образовани и наука, Мила Царовска, поздравувајќи го заедничкото празнување на Свети Климент Охридски нагласи дека „Добар знак за нас и нашите два универзитета е што во духот на европските вредности за партнерство, за поврзување, низ еден нов академски дискурс тежиштето го ставаме на квалитетна меѓусебна соработка со фокус кон размена на студенти, кадри, споделување искуства, знаења, вештини, односно обезбедување цврста поврзаност на сите институционални но и индивидуални членови на нашите две академски заедници“.
Според Царовска, критериумите треба бидат насочени кон знаење, успех, професионалност, стручност, одговорност и компетентност, кон квалитет и примена на европски стандарди.
Преку одржувањето на заедничката меѓународна конференција и заедничкото празнување на Свети Климент Охридски, проректорот Ѓуровски истакна дека – универзитетите го заземаат водечкото, односно повеќе предводничкото, авангардно место во општеството и во оваа смисла отвореноста и доостапноста не треба да бидат само празни флоскули туку наш вистински Modus Vivendi со цел да можеме да ги привлечеме сите оние кои имаат желба да ни го доверат своето образование, своето усовршување, сите оние што со своите интелектуални и морални кавалитети, со својата стручност сакаат да придонесат кон побрз развиток на високото образование, на науката, во амбиент на автономни универзитети каде основната претпоставка е академската слобода, индивидуалното надградување и потврдување на способностите и квалитетот. Токму софискиот и битолскиот универзитет преку заедничкото празнување на Свети Климент Охридски се предводници со кои го заземаат авангардното место во општеството што претставува наша должност како академска заедница, нагласи проректорот Ѓуровски.
„Интензивирањето на академската соработка и заедничкото празнување на Свети Климент Охридски е во духот на европските вредности и придонесува за зајакнување на добрососедските односи“, истакна проректорот професор Ѓуровски. Меѓу другото додеде дека „двата аниверзитета носејќи го името на заедничкиот патрон и преку негово заедничко празнување сме предвесници на новото време на надоградување на меѓусебната соработка, разбирање и градење на заедничките вредности. Заедничкото празнување на Свети Климент Охридски за двата универзитети претставува повод и одлична можност до академската јавност да се испратат пораки што ќе значат поттик за интензивирање на меѓусебната соработка“, рече тој.
Според професорот Ѓуровски, „Зближувањето преку образованието, науката, креирањето позитивна клима е поволен концепт за поголема поврзаност преку размена на знаења, искуства, но и размена на млади, студенти и универзитетски кадри што е еден од меѓусебно усогласените приоритети за време на самитот на Берлинскиот процес во Софија на којшто двете земји беа во улога на домаќини“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Македонија
Андоновски учесник на најголемиот светски конгрес за мобилни оператори – MWC26 во Барселона: во фокусот проектот „Роаминг како дома“
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска е во работна посета на Барселона, Шпанија каде учествува на MWC26 (Mobile World Congress) – најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди и дигитални решенија во светот.
Во рамки на својата посета, министерот се задржа на лобирање за принципот „роаминг како дома“, со цел понатамошно унапредување на условите за граѓаните и бизнисите преку намалување на трошоците за роаминг и приближување кон европските стандарди.
Министерот Андоновски беше дел од GSMA Ministerial Programme, каде се дискутираше за клучни политики и приоритети поврзани со поврзливоста, дигиталната инфраструктура, безбедноста и идните мрежни технологии.
„Ова е најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди во светот. Заедно со претставници на Влади и претставници на приватниот сектор, разговараме за прашањата кои најмногу ги засегаат нашите граѓани и корисниците, а тоа за нас секако е проектот „Роаминг како дома“ – што значи цени како дома за користење на мобилни услуги, СМС пораки и интернет било каде во Европската Унија. Можам да кажам дека од владите и од нашите меѓународни партнери добиваме голема поддршка за овој проект, но и разбирање од големите телеком оператори“, истакна Андоновски.
Министерот додаде: „Во текот на денот имав можност да се сретнам со мобилни оператори кои се присутни во Македонија, но и со бројни светски производители на опрема, даватели на облак (cloud) услуги, каде што разговаравме за најважните прашања кои во моментов го засегаат секторот на дигитализација: изградба на дата центри, вештачка интелигенција, сајбер безбедност и целосна дигитална трансформација на општеството.“

