Топ
Сандаци со куршуми од Втората светска војна пронајдени кај Машката плажа во Струга

Четири лимени сандаци со куршуми биле пронајдени при ископ во близина на Машката плажа во Струга.
СВР Охрид соопшти дека пронајдената муницијата потекнува од Втората светска војна.
По извршен увид од овластен пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување и полициски екипи, констатирано е дека станува збор за стара и оштетена муниција, која е безбедно е подигната од стручните екипи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп до Медведев: Не го употребувајте лесно зборот „нуклеарен“

Американскиот претседател Доналд Трамп денес му рече на заменик-претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Дмитриј Медведев, да не го употребува зборот „нуклеарен“ лесно и го праша дали Русија ќе му даде на Иран нуклеарно оружје.
„Дали поранешниот руски претседател Медведев навистина го употреби „зборот Н“ (нуклеарен!), тврдејќи дека тој и други земји ќе му испорачуваат нуклеарни боеви глави на Иран? Дали навистина го кажа тоа или е само моја имагинација? Ако е така, и ако е потврдено, ве молам веднаш известете ме. „Зборот Н“ не треба да се сфаќа лесно. Претпоставувам дека затоа (рускиот претседател Владимир) Путин е „шефот“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.
Трамп реагираше на вчерашната изјава на Медведев дека американските напади предизвикале „мала или никаква штета“ и дека Иран „ќе продолжи да произведува нуклеарно оружје“.
„Патем, ако некој мисли дека нашата „хардверска опрема“ беше одлична за време на викендот, убедливо најсилната и најдобрата опрема што ја имаме, 20 години пред сите други, се нашите нуклеарни подморници. Тие се најмоќното и најсмртоносното оружје што некогаш е произведено, а тие штотуку лансираа 30 Томахавци – сите 30 совршено ја погодија својата цел“, истакнаТрамп.
Медведев во неделата изјави дека неколку земји се подготвени директно да го снабдат Иран со нивното нуклеарно оружје.
Тој оцени дека Трамп требало да биде миротворец претседател, но дека тој започнал нова војна.
Тој исто така нагласи дека „апсолутното мнозинство земји во светот се против постапките на Израел и САД“.
Македонија
По најавите за претстојниот топлотен бран, ИЈЗ со препораки за заштита на граѓаните

Институтот за јавно здравје повикува на почитување на мерките на заштита на здравјето на општата популација и на ранливите групи на население во услови на високи амбиентни температури. Ваквото предупредување доаѓа поради најавата од Управата за хидрометеоролошки работи за очекувани повисоки максимални дневни температури од 24 до 27 јуни 2025 година.
Од ИЈЗ појаснуваат дека за ранливи категории на луѓе се сметаат лицата кои работат во надворешни услови и се повеќе изложени на влијанието на топлотните бранови, или лица кои работат на работни места изложени на висока температура и топлинско зрачење, лица кои губат премногу течности за време на работата, може да се почувствителни на болести поврзани со топло време. На пример: градежни работници, земјоделци, сообраќајна полиција, работници за испорака и слично.
ИЈЗ со низа препораки до работодавачите со цел заштита на работниците од високи температури.
Меѓу нив се редовно проверување и одржување на техничко-технолошки мерки како вентилација и климатизација, редовно мерење на амбиенталната температура и поставување на работните станици подалеку од сончева светлина и извори на топлина.
„Обезбедување минимум една климатизирана просторија со функција на „засолниште“ (каде што вработените можат да се разладуваат извесен период во текот на работата);
Да се земе предвид можноста за потенцијално работење онлајн, флексибилно работно време, двократно работење, надополнување на изгубеното работно време и други модалитети;
Избегнување работа на отворено од 11 до 17 часот, почести паузи и достапност на течности и електролити;
Ротација на работните задачи и преместување на работниците во постудени простории секогаш кога е тоа можно. Обезбедување поголем број работници, по потреба;
Почести паузи во текот на работата, разладување на вработените со обезбедување климатизирани простории и течности за пиење и електролити; Намалување на интензитетот на работата и нормите во производството; Избегнување прекувремената работа; Прекин на работата при потреба;
Внимателност со ранливите групи вработени (постари работници, хронични болни, лица со зголемена телесна тежина, бремени жени и др.) и нивно прераспределување работни места соодветни за нивната состојба;
Обезбедување соодветни лични заштитни средства и дозволување нивно отстранување за време на паузите;
Надзор при работа со хемикалии поради зголемена опасност од интоксикација, спречување на прекувремена работа и поттикнување самопријава на симптоми“.
За вработените, ИЈЗ препорачува врамнотежена исхрана, внесување минимум 2 l вода дневно, избегнување алкохол и кофеин, и внесување електролити при засилено потење;
„Редовен одмор, доволно спиење, туширање и едукација за прилагодување на високи температури;
Носење лесна, светла и памучна облека, заштитни очила за сонце, капи и крем со УВ фактор 30+ при работа на отворено;
Препознавање симптоми на топлотен удар (вртоглавица, замор, вознемиреност, повраќање) и будност за колегите. Не смее да се дозволи на вработен со симптоми на топлинска болест да замине од работното место дури не се стабилизира односно не добие соодветен третман“.
Во случај на симптоми на топлотен удар, во препораките за прва помош треба веднаш да се повика 194 или 112, лицето да се префрли во разладена просторија, да легне хоризонтално со подигнати нозе, да се лади со ладни облози и прскање со вода, да не се дава терапија додека не пристигне лекарска помош, а ако е во бессознание, да се постави во странична положба.
„Вонредните прегледи се спроведуваат од страна специјалистот по медицина на трудот за ранливите категории, со цел да се добие индивидуализиран пристап за работоспособноста на вработениот во дадените услови со оглед на неговата здравствена состојба, како и консултации со избраниот лекар за аплицираната терапија или потребата од боледувања“.
Македонија
Беџети најави проширување на Европскиот фронт и ги повика Влен и ВМРО-ДПМНЕ на предвремени избори

Координаторот на пратеничката група на Европскиот фронт, Блерим Беџети најави проширување на коалицијата не само со политички партии туку и со поединци и невладиниот сектор.
Тој уште еднаш ги повика Влен и ВМРО-ДПМНЕ на предвремени избори. Обвини дека албанската дијаспора е исклучена од политичкиот живот, албанскиот јазик брутално се деградира, а повеќе од 78 институции го игнорираат законот за користење албански јазик.
Прашан за приклучување на Арбен Таравари кон коалицијата и проширување на Европскиот фронт, Беџети рече дека во моментов се прават анализи, а Европскиот фронт ќе се проширува не само со политички партии, туку и со поединци, со невладиниот сектор и со сите оние кои мислат дека Владата носи антиалбански одлуки и која, како што рече, во контуинитет ги деградира правата на Албанците.