Македонија
Македонски студенти ќе работат на предизвици поставени од НАСА

Tимови од целиот свет оваа година повторно ќе бидат предизвикани од НАСА да понудат решенија за некои од глобалните проблеми и да внесат иновации во животот на Земјата и во Вселената.
Хакатонот “Спејс апс челинџ” на НАСА е интересен и специфичен пред сѐ поради предизвикувачкиот карактер и огромните можности кои ги нуди. Со реализацијата на овој натпревар, НАСА има можност да го идентификува младиот амбициозен кадар низ светот, да развие соработка во самите тимови, како и приватниот и државниот сектор, а потоа да понуди можност за доработка на проектите со цел постигнување на интернационална видливост.„Њуменс бизнис акцелератор“, македонско-американската компанија е организатор на натпреварот во Македонија и по четврти пат го прави овој уникатен настан достапен и за македонските учесници.„Оваа година настанот ќе се одржи од 22-ри до 24-ти април во просториите на „Њуменс бизнис акцелератор“, кој и оваа година е организатор во Скопје, а воедно и координатор на повеќе други локации во Македонија: Охрид, Битола и Тетово, но и во градовите низ Европа: Загреб, Белград, Приштина, Тирана, Љубљана, Копер и Виена.“ – изјави Анита Кирковска, главен организатор на настанот во Македонија.Годинава темите се поинакви од оние досега, а идеите со кои ќе се конкурира треба да бидат конкретни и за одредена проблематика. Тимовите ќе работат на предизвици поврзани со аеронаутика, планетата Земја, вселенски станици, пат до Марс, соларен систем и вселенска технологија, а пријавувањето на тимовите кои сакаат да учествуваат ќе трае до 17 април. „Овој натпревар е отворен за студенти по програмирање и дизајн, но и за оние од природните науки – биологија, хемија, физика, географија, како и за останатите општествени науки, затоа што станува збор за комлексна тематика каде што се потребни познавања од повеќе области и поседување повеќе вештини за презентација на проектот. Најдобрите тимови ќе имаат можност да влезат во Европската програма за акцелерирање на проектите, која што ќе им помогне да ги реализираат своите проекти“, тврди Кирковска.Инаку, во изминатите години беа постигнати глобално препознатливи резултати и тоа, во 2014 Скопје беше локација со најголем број на прифатени проекти од НАСА во светот, а во 2015 Скопје беше координатор на настанот во 10 европски градови во кои спаѓаше и Приштина од каде што тимот „Натев експлорер“ ја освои глобалната награда „Избор на публиката“ и заедно со нив тимот од Скопје присуствуваше на лансирање на ракета во вселенскиот центар Кенеди во Флорида.Оваа година, „Њуменс бизнис акцелератор“ е организатор на натпреварот и во Силиконската долина, а се вклучува како ко-организатор во Сан Франциско и Лос Анџелес, со што на учесниците од Македонија им се овозможува да соработуваат и да креираат тимови заедно со учесниците од овие три локации и на тој начин да стигнат до подобри решенија на поставените предизвици. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Конституенцата на ММФ и СБ: Народната банка e столб на макроекономската и на финансиската стабилност

Гувернерот Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводеа делегацијата на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународиот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), на која ѝ припаѓа нашата земја, а којшто годинава се одржува во Луксембург.
Дел од делегацијата е и вицегувернерката Ана Митреска. На билатералните средби коишто ги остварија беше потврдена улогата на Народната банка како столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјава.
За време на средбите со високите претставници од ММФ и Светската банка − Јерун Клик, Марникс ван Рај, Марк Хортон и Јуџин Ругенаат − се водеа плодни дискусии за сегашните предизвици на централните банки.
Во рамките на дијалогот беше истакната важноста на координацијата меѓу централните банки и меѓународните финансиски институции за унапредување на финансиската вклученост, дигитализацијата на финансискиот систем и унапредувањето на регулативните рамки. Се разговараше и за начините на кои Народната банка ја поддржува макроекономската стабилност преку ефикасно управување со монетарната политика и силна регулаторна улога.
Овие средби ја потврдија довербата во капацитетот и посветеноста на Народната банка како стабилен и кредибилен партнер, што придонесува кон создавање отпорна и успешна економија, со подобри услови за граѓаните и за стопанските субјекти.
Народната банка и во иднина ќе биде посветена на својата мисија за обезбедување сигурност и стабилност на финансискиот систем, како основа за одржлив економски развој и напредок на земјава.
Економија
Првите четири банки од земјава впишани во регистарот на Европскиот совет за плаќања – започнува членувањето во СЕПА

Европскиот совет за плаќања (ЕПС) ги впиша првите четири банки од нашата земја – станува збор за три големи и една средна банка – во регистарот на учесници во шемата за кредитни трансфери на СЕПА. Овој важен чекор е резултат на успешно поднесени барања од страна на овие банки, а со тоа официјално започнува и членувањето на нашата земја во СЕПА.
Овие банки ќе започнат со вршење на кредитните трансфери во СЕПА од 6 октомври 2025 година.
Се очекува и останатите осум деловни банки, кои најавија дека ќе поднесат барања во периодот од јуни до август оваа година, ќе бидат впишани во регистарот на ЕПС и ќе започнат со вршење на плаќањата во рамките на СЕПА до 6 октомври.
Да потсетиме, на 6 март 2025 година ЕПС го прифати барањето за членство коешто го достави Народната банка за нашата земја, со што станавме членка на Единствената област за плаќање во евра (СЕПА). Со ова се овозможи приклучување на домашните банки во европските платежни шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра, во географски опсег од 41 земја членка.
Интеграцијата на банките од земјава во европскиот платежен екосистем носи бројни придобивки за граѓаните и за компаниите – пред сѐ побрзи, поефикасни и поевтини прекугранични плаќања во евра, како и поголема економска поврзаност и активност.
Народната банка, како институција којшто ги координираше активностите за членство во СЕПА, останува целосно посветена на процесот на интеграција на банките и ќе продолжи редовно и навремено да ја информира јавноста за постигнатиот напредок.
Економија
Владата: Исплатени се субвенции на 70.000 земјоделци во вредност од повеќе од 9 милијарди денари

Исплатени над девет милијарди денари субвенции на над 70.000 земјоделци.
Владата соопшти дека се врши редовна исплата на субвенциите и со тоа им се дава директна поддршка на земјоделците да продолжат со своето производство.
„За една година, Владата и МЗШВ успеа да ги исплатат заостанатите субвенции на земјоделците за сите категории од 2021, 2022, 2023 година, а се исплаќаат и тековните субвенции. Покрај ова, како Влада успеавме да ги подобриме земјоделските политики и наместо земјоделските производи да се фрлаат, истите сега се откупуваат по пристојни цени од страна на откупувачите. Промените се очигледни. Тие се случуваат. Времето на промените е тука, работиме и ја вреднуваме маката на земјоделците“, велат од владината прес-служба.
Се додава дека оваа Влада е земјоделска и земјоделците после седум години конечно имаат партнер.