Македонија
(Видео) Пендаровски: Преку образование 4.0 да ги подготвиме младите за професиите на иднината
Претседателот Стево Пендаровски денеска учествуваше на самитот „Македонија 2025“, кој првпат се одржува во хибриден формат и е посветен на состојбите во светот за време и по глобалната здравствена и економска криза.
На панел-дискусијата на тема „Претседателот и успешни млади: иновации и кодирање“, Пендаровски посочи дека се потребни структурни реформи во образовниот процес и инвестиции во истражување и развој, иновации и нови технологии, односно да вложуваме во професиите на иднината.
„Ќе повторам една изрека што ја слушав и од моите наставници и професори, а тоа е дека најисплатлива инвестиција е инвестицијата во образованието“, истакна претседателот.
Во оваа насока, потенцира тој, самитот „Македонија 2025“ е придонес кон зајакнување на партнерството меѓу државата, науката, бизнис-заедницата и граѓанскиот сектор.
Како позитивни примери претседателот Пендаровски ги посочи проектите „Таленти денес, лидери утре“, претседателскиот центар за политичко образование, како и „Успешни млади“, чија цел е да ја поттикнат научната и истражувачката работа на младите и да го вреднуваат нивниот труд.
„Младите научници, инженери и иноватори се столбот на развојот на секое стопанство. И затоа треба да создадеме услови младите професионалци да ги заземат своите места во образованието, во институциите и во компаниите“, истакна Пендаровски.
Во однос на иновативните проекти што без презентирани од талентирани ученици од основните и средните училишта, претседателот рече дека тие се иднината на нашата земја.

„За да ги подготвиме младите за професиите на иднината, потребно е да инвестираме во модерно образование, а клучни специфики на она што се нарекува образование 4.0 е стекнување иновативни, креативни и технолошки вештини“, заклучи Пендаровски.
Истовремено, како што додаде тој, од круцијално значење е поддршката од државата. Во спротивно, истакна Пендаровски, младите ќе немаат услови каде би ги развивале своите иновативни идеи.
Со денешната дебата заврши деветтото издание на самитот „Македонија 2025”, кој служи како платформа за споделување знаења, поврзување на бизнисите и поттикнување промени во регионот на Југоисточна Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерство за здравство: Активиран модул за изразување интерес за соработка на лекари од странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.
Македонија
Мицкоски на проштална средба со Агелер: благодарност за ангажманот и поддршката
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
„Денеска се одржа проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Анџела Агелер.
На средбата беше изразена благодарност за нејзиниот ангажман, поддршката и придонесот во унапредувањето на односите меѓу двете држави“, објави на социјалните мрежи Мицкоски.
Информира дека во пријатна и конструктивна атмосфера биле разменети мислења за досегашната соработка, како и за значењето на партнерството и заедничките вредности.
„Упатени беа искрени желби за успех во нејзините понатамошни професионални ангажмани“.

