Свет
Шефот на разузнавањето на САД: Кина е најголемата закана за демократијата

Шефот на американското разузнавање Џон Ретклиф оцени дека Кина е најголемата закана за демократијата и слободата во светот од Втората светска војна, додека Вашингтон го заострува издавањето визи на членовите на кинеската Комунистичка партија.
Во статија објавена во „Волстрит журнал“, Ретклиф исто така ја осуди кинеската кражба на американските деловни тајни и одбранбени технологии.
„Денес, Народна Република Кина претставува најголема закана за Америка и е најголема закана за демократијата и слободата во светот од Втората светска војна“, напиша шефот на американските разузнавачки служби.
Тој исто така ги опиша операциите во кои кинеските агенти користеа економски притисок за да влијаат или да ги компромитираат американските законодавци.
„Кинеските лидери се обидуваат да ги потчинат правата на поединецот на волјата на Комунистичката партија“, рече Ретклиф.
Во исто време, американскиот Стејт департмент објави дека членовите на Комунистичката партија на Кина се непријателски расположени кон американските вредности.
Според новите правила, кои стапуваат на сила веднаш, визите издадени на членовите на кинеската партија и нивните семејства ќе важат само еден месец по издавањето и тоа за еден влез, додека претходно тие важеа до 10 години и дозволуваа неограничен број влезови во САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Нетанјаху: Нашите разузнавачи вршат света работа во борбата за победа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја посети базата на разузнавачката управа заедно со неколку високи функционери.
На средбата учествуваа и израелскиот министер Рон Дермер, воениот секретар генерал-мајор Роман Гофман, шефот на националната разузнавачка служба и шефот на воената разузнавачка администрација.
Нетанјаху рече дека војниците и припадниците на војската во базата вршат „света работа за да дадат разузнавање што носи победа во војната“.
„Не можам доволно да ја истакнам важноста на досегашната работа, како и важноста на она што моментално се прави за да се постигне апсолутна победа“, рече Нетанјаху.
Свет
САД испраќаат трет носач на авиони на Блискиот Исток

САД испраќаат трет носач на авиони на Блискиот Исток, поради ескалацијата на тензиите меѓу Израел и Иран, објави Ројтерс, повикувајќи се на американски официјални лица.
Американскиот носач на авиони УСС Џералд Р. Форд ќе ја напушти својата база во Норфолк, Вирџинија, на 24 јуни, соопшти американската морнарица. Станува збор за планирано распоредување во областа на операции на Европската команда на САД (EUCOM), но неговото пристигнување во близина на Медитеранот значи дека третиот американски носач ќе биде во дофат на потенцијален конфликт на Блискиот Исток.
УСС Карл Винсон веќе е во регионот, учествувајќи во воздушни операции против бунтовниците Хути во Јемен, поддржани од Иран. Трет носач, УСС Нимиц, исто така се испраќа во регионот, потврди висок американски функционер за одбрана.
Министерот за одбрана Пит Хегсет издаде наредба за „одржување на одбранбената положба и заштита на американскиот персонал“.
Како што објави Ројтерс, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе одлучи во рок од две недели дали САД ќе се приклучат на нападите на Израел врз Иран. Тој додаде дека сè уште постои шанса за преговори со Техеран.
Трамп вчера изјави дека врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, е „лесна цел“, нагласувајќи дека не ја исклучил можноста за воена акција. Да потсетиме дека Трамп се повлече од нуклеарниот договор со Иран од 2015 година, а сега ги поддржува израелските напади врз иранските нуклеарни објекти и воени команданти.
Свет
Завршија разговорите меѓу ЕУ и Иран во Женева

Преговорите меѓу европските министри за надворешни работи и иранската делегација во Женева, одржани со цел смирување на ескалацијата на конфликтот меѓу Иран и Израел, завршија. Средбата траеше цел ден, а по завршувањето, учесниците дадоа кратки изјави за медиумите.
Потпретседателката на Европската комисија и естонска премиерка, Каја Калас, нагласи дека регионалната ескалација „не е од корист за никого“ и дека „затоа мора да ги држиме отворени каналите за комуникација“.
Таа додаде дека двете страни се согласиле да продолжат со разговорите за нуклеарните прашања, но и за пошироките прашања.
Британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Лами, беше директен:
„Јасно ставивме до знаење: Иран не смее да има нуклеарно оружје“.
Тој додаде дека тој и неговите европски колеги се „решени да продолжат со преговорите со Иран“ и ја нагласи важноста од продолжување на разговорите меѓу Иран и САД.
„Ова е опасен момент и е исклучително важно да нема регионална ескалација“, предупреди Лами.