Македонија
Нефи Усеини не е повеќе советник во Општина Охрид

Дванаесет советници на Општина Охрид гласаа „за“ прифаќање на оставката поднесена од охридскиот светник Нефи Усеини. На наредната седница Советот ќе гласа за верифицирање на мандатот на советник, кој доаѓа на испразнетото место.
Усеини беше советник од ДУИ од 2017 година.
За неговата оставка немаше расправа на денешната седница на Советот.
Усеини ѝ е познат на јавноста по дивоизградената база на стариот пат Охрид – Струга и објектот на државно земјиште во стариот дел на градот, кај Чинарот. Тој во април минатата година со закани спречи инспектор да изврши увид на дивоизградената тераса кај Чинарот. Бетонската база е делумно отстранета, а камионите од фирмите на Усеини и натаму стојат паркирани таму. Усеини за време на неговиот мандат како советник предизвика и неколку физички инциденти, односно натепа негов колега од Советот, негов сограѓанин, за што се води и судска постапка, како и професор од Тетово поради пред престојувалиштето во Охрид.
За Усеини се водат предмети и во охридското Обвинителство, а обвинение нема и по речиси две години.
На Нефи Усеини и неговиот брат Ибро им беше изречен и притвор во времетраење од 30 денови. Судот ги ослободи по 16 денови откако тие дадоа гаранција имот во вредност од 850 илјади евра. Двајцата беа приведени поради нападот на нивниот сограѓанин Спиро Топалоски, кој откако почна постапка од Обвинителството, негираше дека бил нападнат. Сепак, охридската полиција констатирала дека имало употреба на пиштол во нападот од страна на обвинетите.
Усеини е сопственик и на дивоизградената тераса на државно земјиште кај Чинарот. Објектот беше изграден со механизација од фирмата „Нефи-ИК“, која е во негова сопственост, а по повеќе од година таа остана нечепната од институциите. Откако изградбата не ја спречи Општина Охрид, отстранување нема ниту од Државниот градежен инспекторат.
Во предизборието, со булдужери се уриваше бетонската база на Усеини која ја поставил без никакво одобрание од институциите на парцела во сопственот на ИВЗ, која се наоѓа на стариот пат Охрид-Струга. На парцелата и натаму се паркирани возила од фирмите на Усеини, но производство на бетон не се прави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вицепремиерот Николоски во работна посета на високо ниво на Велика Британија

Потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, од попладнево е во дводневна работна посета на Обединетото Кралство, каде ќе оствари работнa средбa со Герет Томас, министер за бизниси, извоз и услуги, средба со министерот за Европа, Стефан Доти, како и со Дејм Карен, специјален пратеник на премиерот на Велика Британија за Западен Балкан. Исто така предвидени се средби и со претставници од бизнис заедницата во Лондон.
Тема на работните средби е зацврстување на стратешката соработка меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство.
Предвидено е на средбите да се разговара за економската и трговска соработка со посебен фокус на инвестиции во инфраструктурниот сектор.
Покрај економските теми, ќе се потврдат и добрите политички односи меѓу двете земји.
Обединетото Кралство е стратешки партнер на Република Македонија во НАТО Алијансата и земја на второ место со која остваруваме најголем обем на трговска размена.
Македонија
Левица: Љутков ги повикал сметководителите надвор од работно време да изготвуваат плата спротивно на Колективниот договор

По денешниот протест на вработените во културните установи, кои за велигденските празници останаа без плата, попладнево им била дадена насока на директорите од културните установи да ги повикаат повторно на работа сметководителите за да пресметаат плата, но по нова методологија која деновиве ја изготвило Министерството за култура заедно со Министерството за финансии, тврдат од партијата Левица.
Од таму додаваат дека новата методологија, како што велат од Синдикатот за култура, не е според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура. Според Левица, и натаму остануваат спорни 10% од Општиот колективен договор за кои немало јасни насоки како да се пресметуваат.
„Додека вработените во културата протестираа, Министерството изготви сосема нов начин на исплата на платите според кој спорните 10% од Општиот колективен договор треба да се пресметуваат на поинаков начин, но институциите не почнале да ја изготвуваат платата затоа што насоките биле нејасни, а воедно не биле ни потпишани од министерот за култура, Зоран Љутков“, велат од партијата.
Левица најостро ги осудува игрите со културните работници кои траат со години и му порачува на министерот за култура дека не треба да им се извинува на вработените во културата туку да постапи според законските одредби за усогласување на платата според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура.
Македонија
Времето утре претпладне сончево, попладне пороен дожд и грмежи

Времето утре претпладне ќе биде сончево со умерена облачност. Попладне променливо облачно, на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и изолирана појава на град, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса во текот на оваа седмица времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд и појава на грмежи. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.