Македонија
Историската комисија заглави кај цар Самуил, спорна придавката македонски
Мешовитата македонско-бугарска историска комисија на 11. средба не постигна напредок во преговорите. Историчарите се обиделе да ги надминат разликите за изучувањето на ликот и делото на средновековниот цар Самуил во учебниците по историја во основното образование.
Настанал проблем и во врска со потпишувањето на записниците од претходните две средби затоа што за македонските историчари не било прифатливо што ја нема придавката македонски.
Бугарскиот професор Ангел Димитров оцени дека македонската страна нема желба за конструктивно решение и рече дека ова, за жал, е пропадната средба.
„Констатирам, за жал, дека денеска е направен нула напредок, ниту минијатурен чекор. За некои прашања кои имавме заеднички сигнали, со кои првпат се соочуваме. Се јави технички проблем, при што нашите колеги откажаа да ги потпишат записниците, настојуваа насекаде да стои македонски. Блокирајќи го потпишувањето на записниците за претходните две средби, без документ, кои дискусии се водени, работите изгледаат несигурни, со најава за немање желба да се работи сериозно. Многу, многу сме далеку од завршување на работата за учебниците за седмо одделение, за средниот век. Денес, зборувавме за четвртата забелешка за цар Самуил, која заврши безуспешно, без никакво отстапување за една заедничка историска личност. Зборувате за бугарски цар, непотребно е да напоменувам дека еден од неговите наследници – Иван Владислав – има споменик. Ова е историски факт, но немањето желба да се оди напред е дискутабилно и не оди во прилог. Ова 11. средба покажува дека се движиме како желки, не се покажува желба за договор“, рече Димитров.
Драги Ѓоргиев, шефот на македонската делегација, оцени дека бил постигнат мал напредок и побара повеќе трпение за нивната работа.
„Средбата помина во академска атмосфера со плодна многуслојна дисусија, која ќе кажам дека не донесе никакви резултати. Добар дел беше посветен на записниците. Постојат два записника, кои не се потпишани, главен проблем е употребата на придавката македонски. Постои различно толкување, која, според бугарските колеги, е лимитирана целосно и како се толкува договорот од нивна страна. Бугарските колеги почнаа да го практикуваат тоа, без наша консултација, без да биде известено нашето МНР, кое со консултација ќе придонесеше да се надмине. Останува проблемот со придавката македонски. Се надевам дека ќе се најде решение. Сè почна со учебниците за седмо одделение, претставувањето на Самоиуловата држава во учебниците по историја, не постигнавме согласност. Проблемот е што се избегнува внесување мултиперспективност и желбата да се наметне само едно видување, ова не успеавме да го надминеме со бугарските колеги“, рече Ѓоргиев.
Тој додаде дека биле ставени на маса неколку предлози, но се покажало дека двете страни имаат спротивставени ставови во однос на ова прашање. Вели дека за ликот и делото на Гоце Делчев немало време за дискусија и дека тоа ќе биде предмет на разгледување на следната средба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

