Топ
Загина пешак по удар од камион кај Гостивар

Едно лице загина во сообраќајна несреќа, денеска, околу пладне на магистралниот пат Гостивар-Кичево.
Несреќата се случи на потегот помеѓу Здуњска крстосница и наплатна рампа Гостивар, кога товарно возило-миксер, со гостиварски регистарски ознаки, управувано од Б.С.(52) од Гостивар удри во пешакот А.М.(31) од селото Долна Бањица, гостиварско.
Пешакот починал на место на незгодата, јави полицијата.
Лекар констатирал смрт, а во тек е увид од Јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Гостивар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Стоматолошката комора тврди – нема неправилности, Министерството за здравство ја брани одлуката за преземање на лиценцирањето

Претседателот на Стоматолошката комора, Маријан Денковски, на прес-конференција изјави дека повеќекратните контролни надзори не откриле неправилности во работењето на Комората.
Тој ги демантираше тврдењата дека Комората не постапила по насоките од министерот и најави консултации со поранешни претседатели за да го слушнат и нивното мислење.
„Од она што го знаеме досега, се работи за некои ‘незаконски’ постапки на Комората од 2016 година, па дури и порано, односно од 2006 година. Ќе се направи средба со Лекарската комора зошто ако кај нас, во стоматологија, „незаконска“ едукација вршеле околу 15, како што беа наречени, нерегистрирани здруженија, во Лекарската комора, во системот на Континуирана медицинска едукација учествуваат или учествувале над 80 такви здруженија – меѓу кои доминираат членки на Македонско лекарско друштво“ додаде Денковски.
Најави дека ќе се бара јавно извинување доколку се докаже отсуство на финансиски или други криминали.
Министерството за здравство одговори дека одлуката за преземање на лиценцирањето е донесена врз основа на подолготрајна анализа и извештаи од две формирани комисии кои утврдиле неправилности и недостатоци во работењето на Комората.
„Потенцираме дека по извршениот надзор на првата комисија, формирана во 2024 година воопшто не е постапено по препораките, односно во целост се неточни тврдењата дека комисиите ‘немаат утврдени неправилности во кој било сегмент од работењето во Комората’, додека втората комисија веќе дава јасни насоки до МЗ за утврдените неправилности, недостатоци и предлог за дејствија што треба да се преземат“, велат од Министерството.
Министерството нагласи по одлука на Уставниот суд и на основа на фактичките наоди, министерот донел одлука да ги преземе надлежностите за лиценцирање сè додека не се воспостави законит, транспарентен и професионален систем.
Министерството за здравство одлуката ја соопшти во саботата. Тогаш, министерот Алиу информираше дека надзорот на документите на Стоматолошката комора покажале сериозни пропусти, односно едукации преку нерегистрирани здруженија и сертификати кои неправилно се користеле за продолжување на лиценците. Информираше дека има и сомнеж за финансиска злоупотреба.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола и околината

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани на нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, денес, во 13.07 часот регистрира земјотрес, чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, 165 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда ML 3,9.
Според досегашните податоци со кои располага Опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Економија
Се намалуваат цените на дизелот и на бензините

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,06 % во однос на одлуката од 4.8.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,391%, кај дизелот за 3,169%, кај екстра лесното масло за 3,989% и кај мазутот намалувањето е за 0,667%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,0797%.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,159 ден/кг и сега ќе изнесува 39,786 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 12.8.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.