Македонија
Oсмани ги прими копиите од акредитивните писма на амбасадорката на Грузија и на амбасадорот на Казахстан

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес ги прими копиите од акредитивните писма на вонредната и ополномоштена амбасадорката на Грузија во Република Северна Македонија, со седиште во Софија, Тамуна Лилуашвили, и акредитивните писма на вонредниот и ополномоштен амбасадор на Република Казахстан во Република Северна Македонија, со седиште во Будимпешта, Жанибек Абдрашо.
Министерот Османи, посакувајќи им успешна мисија на амбасадорката Лилуашвили и амбасадорот Абдрашо, изрази задоволство од досегашниот развој на односи меѓу двете земји, кои се темелат на традиционално пријателство и меѓусебното разбирање.
„Назначувањето прв нерезидентен амбасадор на Грузија за Република Северна Македонија, по воспоставувањето на дипломатските односи во 2019 година, е вистински чекор за натамошното продлабочување на пријателските односи меѓу двете држави“, истакна Османи.
Министерот Османи нагласи дека и со Република Казахстан ќе продолжи нагорниот тренд во меѓусебната соработка, особено во економската сфера, за што постојат многубројни неискористени можности.
Амбасадорката Лилуашвили и амбасадорот Абдрашов се заблагодарија на топлиот прием и истакнаа дека Грузија и Казахстан се подготвени за натамошен развој на билатералните односи со Република Северна Македонија врз основа на меѓусебното почитување и заедничкиот интерес во повеќе области.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Богородица се чека околу 30 минути на македонска страна

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничниот премин Богородица задржувањето од македонска страна е околу 30 минути. На останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Аеродром и Карпош денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците во околината на објектот ЕКВИЛИБРИУМ на улица Руди Чајевац, општина Аеродром;
· од 09:00 до 16:00 часот, корисниците од дел од улица Ванчо Мицков, општина Карпош;
· од 10:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улица Кнез Трпимир и населбата Трнодол, општина Карпош.
Македонија
Сончево и топло, попладне пороен дожд, грмежи и засилен ветер

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме со услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 21, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе има услови за развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Времето во наредните денови
Во деновите од викендот времето ќе биде стабилно и малку посвежо и ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Од понеделник ќе продолжи период на стабилно, претежно сончево и топло време со пораст на температурите.