Македонија
Царовска до средношколците: Матурата ќе се одржи со низа мерки и протоколи и полагањето ќе биде безбедно
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, денес се сретна со претставници на Сојузот на средношколците.
На состанокот се разговарало за претстојното полагање на матурата, програмите и начинот на кој ќе се организираат испитите.
Министерката истакнала дека ставот на МОН е оти државна матура треба да има како и во сите други европски држави и држави од регионот.
„Образованието мора да продолжи да тече дури и во овие услови бидејќи се работи за иднината на младите генерации. Ние нема да дозволиме пандемијата да се одрази на нивниот развој и нивниот напредок. Иако оваа година сите се соочуваме со нови предизвици, мора да обезбедиме континуитет во образовниот процес. Имаме шест месеци да се подготвиме за државната матура, што е повеќе од доволно за нејзино организирање“, истакнала министерката на средбата.
„Разбираме дека постои страв и несигурност кај средношколците во однос на безбедноста и самиот процес на подготовка. Но, работиме во вонредни услови, подготовките веќе течат. Првата одлука што ја донесовме е да ги скратиме програмите по кои ќе се одржуваат испитите, со цел полагањето да биде ефективно и организирано“, додала Царовска.
Средношколците на средбата биле информирани дека МОН преку Државниот испитен центар веќе ги известило секретарите на училиштата и наставниците за новините во државната матура: датумите на полагање, листата за избор на предмети, проширената листа на екстерни предмети за гимназиско образование со информатика и географија, новата програма за проектна задача, внесувањето податоци во базата, како и сите рокови при реализација на државната матура.
Царовска посочила дека ќе се најде начин како полагањето да биде безбедно.
„Работиме на креирање систем што ќе им помогне на средношколците да се подготват и да постигнат високи резултати на државната матура, кои ќе им бидат основа за понатамошно нивно надградување“, додала министрката.
На состанокот била најавена и целосно нова концепција за државната матура, која ќе се применува од 2021/2022 година, а во чија изработка ќе бидат вклучени и наставниците и средношколците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бугарското МНР: Муцунски покажа неподготвеност да се вклучи не само со зборови, туку и во пракса во водење на отворен дијалог
Бугарското министерството за надворешни работи изразува длабоко разочарување од неконструктивното однесување на Република Северна Македонија, официјално обвинувајќи го Скопје за манипулативни изјави, недостаток на вистински дијалог и неподготвеност да ги исполни обврските преземени согласно Европскиот консензус од 2022 година, пишуваат бугарските медиуми.
„Министерството за надворешни работи на Република Бугарија изразува длабоко разочарување од континуираниот неконструктивен пристап на официјално Скопје и недостатокот на отвореност во комуникацијата со јавноста. Уште еднаш, министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија зборува за „иницијатива на поголеми и повлијателни земји-членки на ЕУ“ за организирање состанок меѓу министрите за надворешни работи на Бугарија и Северна Македонија. Ова не е прв пат Скопје официјално да дава толку нејасни и манипулативни изјави.
Европскиот консензус од 2022 година беше едногласно усвоен од сите земји-членки на ЕУ, како и од самата Република Северна Македонија. Во оваа смисла, уште еднаш го привлекуваме вниманието на фактот дека дијалогот е институционален меѓу земјата кандидат и ЕУ. Имплементацијата зависи исклучиво од Скопје на сите мерки наведени во консензусот, со цел да се унапреди процесот на европска интеграција.
Секогаш сме биле отворени за отворен дијалог за сите други прашања. Од почетокот на мандатот на сегашната влада на Република Северна Македонија, секогаш сме биле отворени за отворен дијалог за сите други прашања. За жал, министерот Муцунски покажа неподготвеност да се вклучи не само со зборови, туку и во пракса во водењето на таков отворен дијалог. Најнов пример за ова е одбиената покана за неговата посета на Софија на 25 ноември 2025 година за да се одбележи делото на Свети Климент Охридски – значајна историска личност од заедничката историја на двете земји.
Што се однесува до предлозите и оценките дадени од министерот Муцунски за пристапот на Бугарија кон презентираниот нацрт-план за правата на заедниците, ве потсетуваме дека тој беше отфрлен од бугарската заедница во Северна Македонија како неприфатлив поради отсуство на фундаментални принципи во него за гарантирање на заштитата на човековите права. Очекуваме да бидат слушнати легитимните барања на нашите сонародници во Северна Македонија“, се наведува во соопштението од бугарското МНР.
Македонија
Значајни одлуки за напредокот на граѓаните, демократијата и европската иднина на државата на денешната владина седница, соопшти Митева
На денешната седница Владата донесе низа значајни и суштински одлуки кои јасно ја потврдуваат нашата определба и конкретната посветеност кон исполнување на обврските од процесот на пристапување во Европската Унија, но и кон заштита на јавниот интерес и демократските вредности, изјави владината портпаролка Марија Митева.
„Владата денес направи уште еден силен и долгоочекуван чекор во насока на заштита на слободата на изразување и јавниот интерес.
Формиравме работна група за воспоставување механизам за заштита од злоупотребата на т.н. стратешки тужби против јавното учество, тема за која со години зборуваат и бараат новинарите и медиумската заедница.
Ова е јасен сигнал дека оваа Влада има слух, храброст и проактивност да се соочи со суштински прашања“.
Дополнително, истакна таа, со усвојувањето на Законот за органско земјоделско производство се правим важен исчекор во поддршката на малите земјоделци.
Законот како што појасни, овозможува олеснета сертификација преку намалување на трошоците за инспекција и сертификација, што директно придонесува за поконкурентен пласман на органските производи на пазарот.
Истовремено, се унапредува и правната рамка со појасни, попрецизни и применливи одредби, усогласени со европските стандарди.
„Со ова, исполнуваме уште една обврска која произлегува од процесот на пристапување во ЕУ.
Ние продолжуваме да носиме одлуки кои значат напредок и за граѓаните, и за демократијата, и за европската иднина на државата“.
Македонија
Утре претпладне претежно облачно, кон крајот на денот и во текот на ноќта со врнежи од дожд
Времето утре претпладне ќе биде претежно облачно, а кон крајот на денот и во текот на ноќта облачноста ќе се зголеми и најпрвин во западните делови, а потоа насекаде ќе има врнежи од дожд, а на повисоките планини слаб снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Утре кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од слаб снег. Во петок и недела ќе преовладува претежно облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег, а во сабота и понеделник ќе биде променливо облачно.

