Македонија
Пендаровски: Не смееме да игнорираме какво било непочитување на основните човекови права

Претседателот Стево Пендаровски упати порака по повод 10 Декември – Меѓународниот ден на човековите права.
„Одбележувајќи го Меѓународниот ден на човековите права, се потсетуваме дека овие универзални придобивки се родија од најголемите кризи на човештвото. Напишана во свет што закрепнуваше од ужасите на Втората светска војна, Универзалната декларација за човековите права беше првиот глобален документ што создаде морална обврска за почитување на вроденото достоинство и еднаквост на секој човек. Од тоа достоинство произлегува правото на живот, слобода, лична безбедност, еднаквост пред законот“, вели Пендаровски.
Слободата на мисла, совест и религија, на изразување и собирање, социјалните, економските и културни права, додава Пендаровски, се дел од фундаменталните, неотуѓиви и меѓузависни човекови права и слободи, кои се бедем против обидите за нарушување на интегритетот на личноста.
„Сепак, милиони луѓе, вклучително и наши граѓани, не ги уживаат универзалните права поради низа структурни нееднаквости и системски неправди поради говор на омраза, дискриминација, насилство и нетрпеливост кон различностите. Не смееме да бидеме рамнодушни и да игнорираме какво било непочитување на основните човекови права, што може да ескалира во која било форма на насилство. Секој од нас е должен да даде јасна поддршка на активистите и борците за човекови права“, вели Пендаровски.
Тој додаде дека годинава Меѓународниот ден на човековите права го одбележуваме во време на пандемија на Ковид-19, која уште повеќе го нагласила значењето на доследното почитување на правата на сите луѓе, без разлика на родот, расата, попреченоста, религијата, политичкото убедување, сексуалната ориентација, националното или социјално потекло, социјалниот или друг статус.
„Со уште поголема посветеност да се залагаме за заштита на човечкото достоинство, со посебно внимание кон ранливите членови на нашето општество. Човековите права треба да се почитуваат секаде и секогаш, без исклучок“, вели претседателот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од наредната година целосно автоматизирано пријавување на новороденче

Владата и Министерството за дигитална трансформација реализираат уште едно предизвборно ветување. Министерството од почетокот на годината, формираше работна група помеѓу повеќе инстутции, меѓу кои Министерството за внатрешни работи, Управата за водење на матичните книги, Министерството за здравство-Управа за електронско здравство и соодветните јавни здравствени установи, за постигнување целосна автоматизација во издавањето на првиот извод од матична книга на родени за новороденчиња (Проект: е-бебе).
Проектот е-бебе, кој е поддржан и од канцеларијата на УНИЦЕФ, предвидува првиот извод родителите да го добијат во болница, најдоцна до 48 часа од раѓањето на бебето.
Министерството за дигитална трансформација, искористувајќи ја Националната платформа за интероперабилност и Националниот портал за услуги – uslugi.gov.mk, спроведе поврзување на сите засегнати институции во процесот за целосно автоматизирано пријавување на новороденчето. Во втората фаза на проектот се поврзуваат и услугите за здравствено осигурување од Фондот за здравство, како и услугите на помош за новороденче кои ги издаваат Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Од родителите ќе се бара да имаат профил на ниско ниво на Националниот портал за услуги – uslugi.gov.mk.
Со посветена работа на работната група, наша определба е целосна реализација на проектот до јануари 2026 година.
Македонија
Градоначалникот на Центар, Герасимовски да одговори, каде отидоа парите за Работнички, прашува Мемов

Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија на денешната прес-конференција потенцира дека недомаќинскиот однос на градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски го доведе кошаркарскиот клуб „Работнички“ во незавидна ситуација. „Долговите се големи, „Работнички“ има дури шест БАТ-процеси што се водат против „центарци“.
„Фактот дека управата и градоначалникот Герасимовски не успеваат да најдат начин за исплата на средствата пред стартот на сезоната, говори дека чистењето на финансискиот хаос во клубот е невозможна мисија. Прашање е дали „центарци“ ќе успеат да ги решат овие спорови пред БАТ-судот на арбитража на ФИБА“ рече портпаролот на Движењето, Никола Мемов.
Тој го запраша градоначалникот Герасимовски дали Центар полека ја губи својата гордост Кошаркарскиот клуб „Работнички“. „На што се должат овие долгови на клубот и зошто Герасимовски го дозволи тоа?
-Дали Работнички ќе мора да настапи со преполовена екипа во следната сезона и да игра со играчи од младинските категории? Колку пари се двојат од буџетот на општина Центар? Каде се потрошени издвоените пари за „Работнички“.
Мемов нагласи и дека реконструкцијата на салата на „Работничи“ е во застој и запраша дали причината е поради тоа што Герасимовски им должи на изведувачите. „Работнички“ додава тој, мора повторно да застане на здрави нозе, салата да биде завршена и претворена во модерен спортски центар, каде што младите од Центар ќе сонуваат за титули.
„Клубот да има стабилно финансирање и транспарентно работење со јасна стратегија и одговорно управување. Однесувањето на градоначалникот Герасимовски е недомакинско. Никој не смее да си игра со достоинството на „Работнички“ и на Центар. Храмот на спортот ќе биде изграден со помош на општествено одговорни компании кои го сакаат „Работнички“ и спортот. Имаме визија и план во кој ќе се вклучат истакнати поранешни и сегашни спортски работници и ентузијасти, вљубеници во кошарката и ќе придонесат најтрофејниот клуб на Центар да се издигне повторно на пиедесталот, каде што му е местото“, рече на денешната прес конференција портпаролот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Никола Мемов.
Македонија
Македонија од денес и официјално дел од СЕПА: полесни и побрзи плаќања во евра

Министерството за европски прашања информира дека од денес, 7 октомври 2025 година, Република Северна Македонија официјално започнува со примена на Единствената зона за плаќања во евра (SEPA), со што граѓаните и компаниите ќе можат да вршат и примаат плаќања во евра кон и од земјите членки на SEPA под исти услови како и во Европската Унија.
Денес, со започнување на практичната примена за полесни, побрзи и поевтини трансакции во евра, Северна Македонија и официјално стана активен дел од европската зона за плаќања, што претставува важен чекор во унапредување на интеграцијата со единствениот европски пазар, истакнуваат од министерството.
Приклучувањето кон SEPA, како што е појаснето, е дел од активностите во рамките на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој има за цел да ја забрза економската интеграција на земјите од регионот со Европската Унија преку зголемен пристап до единствениот пазар, поттикнување на инвестиции и унапредување на финансиските услуги.
„Овој значаен напредок претставува конкретен резултат од заложбите на Владата и на Министерството за европски прашања на Република Северна Македонија за спроведување на европските стандарди и подобрување на условите за граѓаните и бизнисите. Со имплементацијата на SEPA плаќањата, нашата земја се приближува кон европските финансиски текови и го потврдува својот континуиран напредок на патот кон членство во Европската Унија“.