Македонија
Николов: Изборите во Штип ќе бидат пример во регионот за безбедно гласање во време на Ковид-19
Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Штип, Сашко Николов, во директното онлајн обраќање, вечерва им се заблагодари на граѓаните за целата поддршка во изминатите три недели, за, како што рече, целата сила и енергија испратена за изборите чија кампања се одвива преку медиуми и социјални мрежи, поради заштита на здравјето.
„Изборите на 13 декември ќе бидат најбезбедни за здравјето на избирачките одбори и гласачите, ќе бидат избори за пример во целиот регион како во време на пандемија, на здравствена криза, ќе избереме градоначалник“, им порача Николов на граѓаните.
Николов зборуваше и за наводните сигнали дека од раководството на ВМРО-ДПМНЕ им се јавуваат на граѓаните и им се закануваат да не излегуваат на избори.
„Драги мои штипјани времето на Груевски, време на диктаторство, времето на таа матрица, заврши. Во 2016 година претседателот Зоран Заев со пенкало успеа, целата таа кула од карти на диктатура да ја сруши. Не се плашете дека некој ќе ви ја загрози безбедноста, фамилијата, работењето. Ние живееме во демократија, со демократска партија која на најдемократски начин обезбедува слобода на говор, медиуми, а пред се слобода на демократско избирање, затоа најслободно излезете на гласање и изберете го својот кандидат“, порача Николов.
Тој ги повика штипјани на 13 декември да гласаат за број 2, додавајќи дека со изборот на таа опција Штип ќе остане во сигурни раце.
На ова се надоврза и генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, кој учествуваше во вечерашното онлајн вклучување и истакна дека централната и локалната власт во последните три години инвестирале многу во општина Штип и нејзините граѓани и дека тоа ќе продолжи и по победата на Николов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанев се обрати пред Генералното собрание на ИНТЕРПОЛ, Лукас Филип избран за нов претседател
По четири дена интензивни, продуктивни и содржајни дискусии за клучните прашања од меѓународната полициска соработка, денес во Маракеш, Мароко, заврши 93. сесија на Генералното собрание на ИНТЕРПОЛ. На овој највисок форум на Организацијата беа избрани нови членови на Извршниот комитет, меѓу кои и францускиот претставник Лукас Филип, кој ја презема функцијата претседател на ИНТЕРПОЛ, соопшти МВР.
„Директорот на БЈБ, Александар Јанев, се обрати пред Генералното собрание, со што уште еднаш се потврди силната позиција на македонската полиција во рамките на глобалната безбедносна соработка – како стабилен, доверлив и активен партнер на сите 196 земји членки во справувањето со транснационалниот криминал и современите безбедносни предизвици“, се наведува во соопштението.
Во рамки на сесијата беа усвоени повеќе значајни резолуции, меѓу кои и оние поврзани со промовирањето на ратификацијата на Конвенцијата на ООН за борба против сајбер-криминалот, зајакнувањето на регионалното присуство и оперативниот капацитет на ИНТЕРПОЛ, заедничкиот одговор за сузбивање на центрите за онлајн измами, финансискиот извештај за 2026 година, како и стратешката рамка и програмата за активности за периодот 2026–2030.
Македонија
(Фото) Свлечиште во Шипковица, во опасност четири куќи
Поради обилните врнежи на дожд кои го зафатија западниот регион, преку единствениот број за итни повици 112 е добиена пријава за настанато свлечиште во селото Шипковица.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека свлечиштето е во населено место кое претставува опасност за жителите, каде што директно се загрозени четири куќи.
Активиран е Кризниот штаб на Општина Тетово, а на терен се излезени лица од ЦУК, СВР Тетово и Градежен инспекторат од Општина Тетово.
„Во моментот се превземаат мерки и се дадени насоки на месното население да го напуштат живеалиштето поради опасност од појавување на нови свлечишта“, информира ЦУК.
Исто така, на територијата на Општина Штип евидентирани се одрони на камења на патниот правец Делчево – Истибања каде што екипи на ЈП Македонија пат редовно интервенираат и нема застои во сообраќајот.
Одроните на патот кон с.Моштица во Општина Македонска Каменица, од страна на екипи на ЈП Камена река е извршено чистење на одронот и сообраќајот на тој патен правец се одвива редовно.
Македонија
Битиќи: На крај на годината во буџетската каса фалат една милијарда евра
На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фатмир Битиќи, предупреди дека фискалните показатели објавени на 25 ноември откриваат сериозен јаз во приходната реализација на Буџетот.
Наместо планираната динамика, рече тој, државата досега наплатила близу 299 милијарди денари, што е само 82,32% од годишниот план, оставајќи дупка од над 64 милијарди денари или 1,04 милијарди евра, средства кои треба да се обезбедат до 31 декември годинава.
Во прашањето уaптено до заменик министерот за финансии, Николче Јанкуловски , пратеникот Битиќи праша по кои ставки, во кои износи и од кои извори ќе се обезбедат приближно 64,07 милијарди денари (околу 1,04 милијарди евра) за целосна приходна реализација до 31.12.2025 година, дали со дополнително задолжување и на кои финансиски пазари, дали со вонредни и еднократни приходи и дали може јавно да се гарантира дека заради „буџетско затворање“ на годината нема да се доцни со поврат на ДДВ, нема да се создаваат нови доспеани, а неплатени обврски кон фирмите и нема дополнително да се кратат капиталните расходи.
„Евидентно е дека приходната страна на Буџетот не ја следи сопствената проекција и од ден во ден, како се приближува крајот на годината, расте ризикот или потребата од ново задолжување, одложување на финансиски обврски кон стопанството и граѓаните, селективни доцнења на поврат на ДДВ. Заклучно со 31.10.2025 даночните приходи и придонесите се реализирани со 78,61% од планираното (од 250,922 милијарди денари), што значи дека во последните два месеци од годината треба да се „надомести“ повеќе од една петтина од целата годишна наплата, амбиција која историски ретко е остварлива без вонредни мерки. Подсекторскиот пресек е уште поалармантен. Оваа приходна конфигурација на Буџетот зборува за тоа дека е производ на преценета наплата, потценети ризици и затворен процес на планирање кој ја оддалечува фискалната политика од развојните цели“, образложи Битиќи.

