Црна хроника
Го ограбиле магацинот што го обезбедувале
Скопската полиција до Јавното обвинителство поднесе кривична пријава за тројца скопјани, од кои двајца припадници на обезбедување на магацин, коишто се осомничени за кражба на повеќе од 500 диспанзери за вода, во вкупна вредност од околу два милиона денари.
Истражен судија на тројцата осомничени на возраст од 27 и 28 години, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело „кражба“, им одредил мерка притвор во траење од 30 дена.
Тројцата се товарат дека од 1-ви јуни годинава неколкупати провалиле во магацин на компанијата АД „Пелистерка“ на булеварот „Босна и Херцеговина“ во скопската населба Бутел, и притоа украле вкупно 522 апарати, различни модели од диспанзерите за вода од марката „ЛАМО“, чија вредност е проценета на два милиона денари.
Двајцата од пријавените, имено, работеле како обезбедување на магацинот преку скопска агеција за обезбедување имот и лица, а во периодот кога двајцата работеле во ноќните смени, од магацинот во повеќе наврати краделе апарати диспанзери за вода кои ги изнесувале од магацинот и ги оставале во близина на капијата. Потоа тројцата со помош на возила ги товарале и ги носеле надвор од кругот на магацинот по што ги делеле меѓу себе, а потоа ги давале или ги продавале на други лица.
На 11-ти јули од АД „Пелистерка“ била поднесена пријава за кражба при што се преземени мерки и пронајдени се и одземени десет од украдените апарати диспанзери, и тоа кај различни лица, во роднински или пријателски односи со пријавените.
Како што информираат од МВР, тројцата осомничени го признаале извршувањето на кривичните дела./крај/со.мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Жена пријавила дека партнерот ја нападнал и ѝ го одзел телефонот, оштетено и нејзиното возило во Кисела Вода
Вчера околу 20:50 часот, 31-годишна жена пријавила во полицијата дека била физички нападната од нејзиниот партнер Љ.З. во неговиот дом на подрачјето на Кисела Вода.
Според пријавата, тој ѝ го одзел мобилниот телефон, ја нападнал, ѝ упатил закани користејќи остар предмет, а подоцна и го оштетил нејзиното возило со тврд предмет, додека било паркирано во дворот.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Фирма од Велес оштетена за над 21.000 евра преку фалсификувана електронска фактура
На 3 февруари 2026 година, во 07:15 часот, 60-годишна жителка на Велес пријавила во СВР Велес дека фирмата каде што работи е оштетена за 21.111 евра.
Според пријавата, компанијата извршила уплата на средства врз основа на фактура испратена од деловен партнер. Но, по добиена порака преку електронска пошта дека уплатата не била реализирана, фирмата стапила во контакт со банката и партнерот. Тогаш било утврдено дека оригиналната фактура била пресретната, фалсификувана и пренасочена, по што средствата биле уплатени на туѓа сметка.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Автомобили се судрија на патот Куманово-Скопје, едно лице тешко повредено, возачот бил без дозвола
На 3 февруари 2026 година, околу 10:55 часот, на регионалниот пат Куманово–Скопје, во селото Љубодраг, се случила сообраќајна несреќа во која учествувале две патнички возила со кумановски регистарски таблички.
Според информациите од СВР Куманово, се судриле „ауди“, управувано од М.А. (47) од селото Љубодраг, и „шкода“, со која управувал Б.С. (51) од Куманово. Во несреќата тешко телесно бил повреден возачот на „шкодата“, додека полесни повреди добиле неговите сопатници Т.Р. (49) од Куманово и М.Ј. (49) од селото Черкези, како и возачот на „аудито“ и неговата сопатничка О.Ц. (45) од Куманово.
При увидот на местото на несреќата било утврдено дека едниот од возачите, немал возачка дозвола. Од полицијата најавија дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

