Регион
Пахор: Тоа што се случи со Северна Македонија е обесхрабрувачки за Западен Балкан

Словенечкиот претседател, Борут Пахор, изрази разочарување на форумот 2БС (То be Secure) во Подгорица, за тоа што политиката за проширување моментално не се наоѓа високо на агендата на Европската Унија.
„Навистина жалам што Брисел моментално е преокупиран со други проблеми, почнувајќи од здравствената криза, преку брегзит и други проблеми, па проширувањето на Унијата на земјите од Западен Балкан не е приоритет“, истакна Пахор на 10. јубилеен форум.
Како што пренесува ЦдМ, Пахор рекол дека Брисел донел мудра одлука веднаш да ги унапреди преговорите со земјите кандидати од ова подрачје, секако, под услов тие „да ја завршат својата работа“.
Тој нагласил дека за земјите од Западен Балкан е обесхрабрувачки тоа што се случи со Северна Македонија.
„Оваа земја исполни сè што беше побарано од неа, направија сè што требаше да се направи, а Европската Унија застана“, рекол словенечкиот претседател, нагласувајќи дека тоа е голема грешка која ќе биде тешко да се исправи.
„Моја задача е да ги потсетам моите колеги дека ова прашање не смее да се занемари“, истакнал Пахор.
Тој порача дека би било добро ЕУ да ги набљудува земјите од Западен Балкан како еден блок и така да ги прими во Унијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Шест месеци по падот на настрешницата, собир на граѓаните во Нови Сад

Денеска во Нови Сад се навршуваат шест месеци од падот на настрешницата на влезот на железничката станица, кога 16 лица загинаа, а едно е тешко повредено и се уште е во болница.
Студентите во блокадата на Универзитетот во Нови Сад ги повикаа граѓаните да се соберат пред станицата за во 11:52 часот да им се оддаде почит на жртвите.
„Не ги забораваме жртвите од падот на настрешницата во Нови Сад. Тој настан, кој е резултат на невнимание, неодговорност и институционална негрижа, однесе животи и ги остави семејствата и заедницата во болка и со прашања на кои се уште не се одговорени“, велат новосадските студенти.
Откако ќе оддадат почит, насобраните во колона ќе тргнат по булеварот Ослободување до Мостот на слободата, кој ќе биде блокиран неколку часа.
Регион
Уапсен шпион во Грција, осомничен за поврзаност со Русите

Етнички Грк од Грузија е уапсен во Александрополи, североисточна Грција, под обвинение за шпионажа, откако властите пронашле фотографии и видеа од воени објекти и опрема на неговиот мобилен телефон, пишува грчки Екатимерини.
Според грчката полиција, осомничениот испратил чувствителни материјали на неидентификуван примач во странство користејќи шифрирана апликација за комуникација. Според грчките медиуми, постои сомневање дека мажот фотографирал, снимал и дистрибуирал материјали од воено значење најмалку шест месеци.
Апсењето е извршено за време на заедничка операција на Националната разузнавачка служба (ЕЈП) и Одделот за криминалистичка истрага и гонење во Александрополи.
При прелиминарниот распит, осомничениот, наводно, признал дека фотографирал и снимал воени локации за друго лице. Според државната телевизија ЕРТ, властите веруваат дека мисијата можеби вклучувала планови за можна саботажа на воени објекти.
Лицето кое го регрутирало осомничениот е наводно член на меѓународна криминална мрежа и поврзан со руската воена разузнавачка служба ГРУ. Човекот признал дека првично му била понудена парична отштета, но на крајот постапил доброволно „за мајка Русија“. Тој, наводно, им рекол на истражителите дека во младоста служел во руската армија во Сибир.
Националната разузнавачка служба ја продолжува истрагата за да го утврди целосниот обем на операцијата, заклучува Екатимерини.
Регион
Во Белград најдено телото на девојчето кое неговата мајка го фрли во река во Загреб

Белградскиот Интерпол ја известил хрватската полиција дека во март во реката Сава во Белград пронашла тело на дете.
Загрепската полиција штотуку соопшти дека преку меѓународна полициска соработка е извршена ДНК анализа и е утврдено дека е жртвата на убиството, извршено на 15 јануари годинава во Загреб, кај мостот Јанкомир.
Станува збор за случај од почетокот на годинава кога ХГСС и други служби трагаа по тригодишно девојче кое мајка и го внела во реката кај мостот Јанкомир.
Мајката тие денови била сослушана во Жупаниското државно обвинителство во Загреб, а поради извршување на кривичното дело тешко убиство и е изречена едномесечен притвор.